Догмите во нашиот живот – VII дел

Вреди да се води една таква борба, за да би можеле и да ги почувствуваме догмите свои, догмите на Црквата, догмите Божји, зашто нема да спознаеме обични човечки нешта: ќе Го спознаеме Бога. Догмите не се одредени од мнозинството на гласови на некои собири кои се наречени Собори, туку од Духот Свет. Какви сѐ жртви Светите Отци претрпеле за на Соборите да ги изразат и поддржат догмите, какви бденија правеле и какви дружења со Светиите и со Самиот Бог имале за да би стекнале лично искуство од догмите што ги поддржувале. Зборувале, пишувале, поддржувале сѐ што Бог им откривал. Кога Св. Јован Златоуст – се кажува во неговото житие – ги толкувал посланијата на Св. Ап. Павле, над него стоел самиот Св. Ап. Павле и му ја откривал длабоката смисла на своите посланија. Истото се случувало и со догмите: Светиот Дух им ги откривал на умот на Отците.

Меѓутоа, има една потешкотија. Од една страна непристапната височина на богословието, односно несфатливоста на суштината Божја, која е нешто различно од нас, и од друга страна потресната, застрашувачка, несогледлива длабочина на љубовта, благодатта, енергијата Божја. Разбираме и не разбираме. Живееме и не живееме. Луѓе сме и истовремено и богови. Поради тоа во икосот на Св. Григориј Палама се вели: „Радувај се, височино непристапна“ и „Радувај се, длабочино несогледива“. Тоа што не го разбираме е највозвишеното, а она што го разбираме е најдлабокото и најважното. И едното и другото го врзува нашиот живот со Бога. Св. Василиј Велики вели: „Едно е да ти кажуваат колку е сладок медот, а друго е да го вкусиш и да јадеш од него“. Ајде да ја вкусиме сладоста на догмите на Црквата. Да живееме онака како што Црквата сака. Тоа ќе биде како да сме се искачиле на небо, како да сме го вдишале небото, како да сме нурнале во океанот, како да сме ја измериле должината на Космосот, како да сме го запознале Космосот, бидејќи ќе Го спознаеме Бога во срцата свои. Зарем не се вели „Царството Божјо е внатре во вас?“ Бог е во срцата наши, Он нѐ слуша. Ако Му кажеш на Бога: „Боже мој: кажи ми што сакаш да направам за да ми дозволиш да Те спознаам“, зарем Бог нема да те слушне? Невозможно е да не те слушне. Само животот свој да го заквасиме со квасецот на догмите на Црквата, зашто, како што повторно вели Св. Василиј Велики: „Секоја душа ја држат неоспорни догми“. Душата може да се потпре само на неизменливите и неоспорни догми и да стане Бог по благодат. Па така значи да се заквасиме со тој квас.

Една ноќ, нешто после Полуноќницата, еден монах во нашиот манастир слушна како некој друг монах пее. После Полуноќница, во манастирот не е дозволено ништо слично на тоа, бидејќи едни се молат, а други одмараат. „Што се случува?“, се прашав. Слушнаа и останатите монаси. Многу убаво, полека и умилно тој го отпеа Калогиросовото „Свети Боже“. Некој дошол до неговата врата за да види што се случува. Не тропнал. Монахот пеел и во еден миг застанал и се прашал: „Гледај, пеам. Што ми се случи? Па јас, нели, спијам!“ Не ни знаел дека пеел додека спиел. Неговиот живот во таа мера бил заквасен – од мал бил во манастир – со Светоста на Триипостасниот Бог: толку многу Го љубел, живеел, пеел, проучувал „Свети Боже“, славословењето на Небесниот Бог, што дури и во сон го изразувал она што го имал во срцето свое. Тој спиел, а неговото срце паѓало на колена, се поклонувало пред Престолот на Трисончевото Божество и изговарало „Свети Боже“. Кога се разбудил, се уплашил дека некој можеби го слушнал и дека можеби заради тоа ќе добие епитимија. Тој е еден многу едноставен човек. Утрото, кога ми се приближи го прашав: „Зошто викаш ноќе?“ Тој направи метанија и ми рече: „Јас спијам, но срцето мое бдее“.

Да се заквасиме во таа мера со квасецот на фактот дека Бог стана човек, за да можам непрестајно да бидам бог, Да би бил, како што е и Христос, богочовек, па да би паѓал на колена и да би се молел на Отецот Небески и како Богочовек, дење и ноќе да би можел да Го славам својот Бог и да Му се поклонувам. Таквиот живот ќе му донесе на моето срце уште повеќе угодност и знаење.

Да се запреме овде и да се сетиме на Св. Александар Александриски, кој вели: „Тоа го учиме, тоа да го проповедаме. Тоа се Апостолските догми на Црквата, за кои умираме“. Да умираме секој ден од болка и топење на срцето, за да би можеле во својот живот догмите на Црквата да ги преточиме во дело и живот.

Крај