Сабота од Третата седмица на Великиот Пост

За молитвата за покојните

Св. Кирил Ерусалимски: Сакам и со пример да ве уверам, бидејќи знам многумина кои велат: „Што полза има душата, која со гревови или без гревови си заминува од овој свет, кога ја спомнуваат на молитва? А зарем ако некој цар ги испрати оние што му се непријатни во прогонство, а потоа нивните ближни сплетат венец и му го принесат за оние што трпат казна – нема ли царот да им ја ублажи казната? На таков начин и ние, принесувајќи Му на Бога молитви за покојните, дури и кога се грешници, не плетени венци, туку Христа закланиот за нашите согрешенија Го принесуваме, смилостивувајќи Го Човекољубецот Бога и за нив, и за нас самите.

Архиепископ Филарет Черниговски: Уделот на оние што си заминале од нас е исто така во рацете на Господа, како и уделот на оние што остануваат. Живееме ли, умираме ли – Господови сме! (Рим. 14, 8)

Св. Филарет Московски: Доколку те обзема тага или жалост по добриот и возљубен од тебе покојник, речи си себеси: „Животот наш е на небесата“ (Фил. 3, 20).

Протоереј И. Толмачев: Над покојниот пролевај солзи и оплакувај го, но не биди неутешен како оној кој нема надеж.

Молитва за покојните:

Упокој ги, Господи, душите на упокоените раби твои: моите родители, сродници, добротвори (имиња), и сите Православни Христијани, прости им ги сите согрешенија волни и неволни и дарувај им Царство Небесно.

Архимандрит Кирил Павлов: Долгот на љубовта кон ближните нѐ обврзува да се молиме за упокоените што преминале во вечност. Нивниот удел ни е непознат, но ние секако треба да се молиме за нив, бидејќи тоа за нив е многу добро, а за нас е од голема полза. Правејќи молитва за покојните, ние им ја сведочиме својата љубов кон нив, искажуваме сострадалност, милосрдие. А нели Господ рекол: „Блажени се милостивите зашто тие ќе бидат помилувани“. Освен тоа, доколку нашиот ближен за кого се молиме Му угодил на Господа, тој самиот има пред Господа смелост и пред Него може да ги вознесе своите молитви за нас.

Додека постои на земјата победничката Црква, со нејзино посредништво уделот на покојните грешници сѐ уште може да се измени на подобро. Каква утеха е тоа за тажното срце, колку многу светлина во несфатливото за умот Христијанство! Зраците на светлината што се излеваат од него, продираат и во мрачното царство на упокоените.