Во чест на раѓањето на Претечата и Крстител Господов Јован

О, радост преголема! О, веселие неискажливо! Денес Претходникот на светлото торжество Христово го покажува својот лик! Денес овенатата Елисаветина утроба, која про’рти според ветувањето на ангелот, го раѓа својот благомирисен цвет. Небесата слават, Захарија ликува! Еве го светлосниот спомен на Претечата, кој ја објавува славата Господова! Се раѓа оној, на кому “Јован му е името” – име што значи благодат Божја.

 
И како што во тоа време многумина се зарадуваа поради Јовановото раѓање и се собраа кај праведните Захариј и Елисавета, така и во Бигорскиот свет дом на Крстителот се собра големо мноштво на монаси и мирјани , мажи, жени и деца, стари и млади, за достојно и со голема радост да го прослават неговиот роденден. И во оваа торжествена прилика, во роденденски преукрасената црква, свештеното братство и нивните бројни гости, со сеноќно бдение, преку молитви и славословија, го одбележа рождеството на нашиот најмил небесен покровител. Молитвено изразувајќи ја својата неизмерна љубов преку чудесното богослужение, тие непрестајно му вознесуваа благодарност на Претечата за неговото преизобилно благоволение кон нашиот народ.

 

Сјајот на ова небесно ликување и торжество уште повеќе го надополни присуството на Неговото високопреосвештенство, митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј, кој тоа празнично утро ја збогати и онака преблагодатната божествена Литургија со едно прекрасно слово:

 
”Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 
Драги браќа и сестри!

 
Нашата света Црква денес го прославува раѓањето на еден необичен човек – Пророкот и Крстител на нашиот Господ Исус Христос. Тоа е големиот св. Јован Крстител. Тој бил син на свештеникот Захариј од Авиевата лоза, додека, пак, мајка му Елисавета потекнувала од ќерките на Арон. Тие биле праведни и стари, но и бездетни. Преку целиот свој живот му се молеле на Бога да ги израдува со рожба. И Бог ја услишил нивната молитва и ги удостоил со син. Но каков син?! Ангел Господен му се јавил на Захариј во Ерусалимскиот храм, застанал од страна на кадилниот жртвеник и му рекол дека неговата молитва е услишена и дека Елисавета ќе роди син кој ќе биде голем пред Господа и уште во мајчината утроба ќе се исполни со Дух Свети. Тој ќе оди во духот и силата на пророкот Илија, пред Оној Кој ќе дојде да го спаси човечкиот род. Споредбата со пророкот Илија е показател за тоа каков извонреден пратеник ќе биде синот на Захариј и Елисавета. Захариј се збунил кога ги слушнал овие зборови на ангелот и затоа архангелот Гавриил му ја затворил устата, сé додека не се исполнило пророштвото за него. Кога Јован се родил, јазикот на Захариј се разврзал и тој проговорил, славејќи Го Бога. За ова чудо се раскажувало по цела Јудеја. Луѓето се запрашувале: ‘Каков ли ќе биде овој младенец?’

 
Раката Божја била врз Јована. Тој растел исполнет со Дух Свети. Како што ангелот прорекол, Јован не пиел вино и сикер. Во пустината тој живеел во потполна сиромаштија и беда пред Бога. Облеката му била од камилски влакна и бил препашан со кожен појас, а се хранел, пак, со акриди и див мед. Така, тој пребивал во пустината сé додека не ја започнал својата мисија да крштева од другата страна на Витсавара, кадешто имало повеќе вода во реката Јордан. Неговата проповед започнала со зборовите: “покајте се!” Проповедта му била силна и смела. Навистина, во духот на бестрашниот Илија, проповедал и Јован, смело изобличувајќи ги гревовите. Колкава ли смелост му била потребна за на своите современици, фарисеите и садукеите, да им каже: ‘Породи змиини, кој ви кажа да бегате од гневот што доаѓа? Направете плод достоен за покајание и немојте да зборувате во себе: – Наш татко е Авраам, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му издигне чеда на Авраама’ (Мт. 3, 7-9). И од овие камења ли? Што останало од верата на народот избран преку Авраама? Но, Јован го издигнал тој избор на степен на духовно предимство, кое од Божјиот човек Авраам преминало на сите негови духовни потомци во светот, односно на сите луѓе. Каква храброст кај овој пустиножител! Овој Божји пратеник не се плашел ни да им упати смели зборови на сите оние кои доаѓале при него да се крстат. И на насилниците во тоа време, какви што биле цариниците и војниците, тој им велел: ‘Не ограбувајте го и не клеветете го народот’. Зарем не е тоа голема храброст, вакви зборови да се изговорат во една земја која е угнетена од бесправда, исполнета со грабеж и насилие. Но, Јован не само што се плашел од овие насилници, туку тој имал смелост да го изобличи и самиот Ирод заради неморалот со Иродијада, жената на брат му Филипа, и заради сите други лоши дела што ги правел.

 
Јован е гласот на оној кој вика во пустината: ‘Пригответе го патот на Господа и исправете ги патеките Негови’ (Ис. 40, 3). Овој глас допира и до нас, бидејќи, несомнено, тој се однесува и на нас. Ние треба да го подготвиме патот Господов и да ги израмниме сите патеки Негови, за Он по нив да помине и да нé посети.

 
Кој пат да го подготвиме? Патот Господов е добро познат. По него во изминатите дваесет века поминале неброени поколенија, а и понатаму ќе минуваат, сè до крајот на светот. По тој пат врвеле вековите и луѓето и бивале озарени од спасителната вистина. По него минувале избрани луѓе, кои се издигнувале до Божјите височини – тоа се светиите и богоугодниците, пред кои благочестивите луѓе изговараат срдечни и топли молитви.

 
По тој пат врвеле многу народи. И нашиот народ го следеше тој пат Господов, низ својата многувековна историја и се вброи меѓу останатите културни и просветни народи преку христијанството. По тој пат не поведоа светите Браќа Кирил и Методиј и нивните свети ученици Климент и Наум, Охридските чудотворци. Тој пат не преведе преку тешките ропства и нé сочува да не се одродиме и изгубиме, како на духовен, така и на национален план. Патот Господов води до нашите срца. Но, потребно е тој пат да го приготвиме и да го поправиме за по него да помине Спасителот. Не е рамен тој пат, бидејќи од гревот зараснал во треви; не е рамен поради нашата слабост и духовна сиромаштија, па ние, токму затоа и често пати скитаме и го губиме патот. Многу соблазни стојат на нашиот пат, а тој пат е Господов, зашто по него треба да помине Он за да се всели во нашите срца.

 
Гласот на оној кој вика во пустината е упатен и кон нас. Ние треба да го подготвиме патот Господов. Зашто она што Јован им го кажал на своите современици, се однесува и на нас: ‘Секирата веќе лежи при коренот на дрвото: секое дрво што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган. Лопатата е во рацете негови и Он ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го прибере житото во амбар, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне’ (Мт. 3, 10, 12). Да не се лажеме себеси и да не се тешиме како духовни безгрижници, давајќи си лажна утеха: Исус е нашиот Спасител! Бидејќи Бог може и од камењата да издигне деца Исусови и браќа и синови на воскресението. Како што можеше од камењата да подигне синови на Авраама! Навистина, Исус е нашиот Спасител, затоа и дошол на Земјата. Но ние не треба да му се противиме, туку да го приготвиме патот преку чиста вера и благочестив живот, за Он да дојде и да се всели во нас, да живее со нас и ние со Него и да нé спаси. Амин!”

На самиот крај на денешното златозрачно велелепие Бигорскиот јеромонах Доситеј, од името на монашкото братство и сестринство, со синовска благодарност му подари на нашиот пожртвуван духовен татко Партениј прекрасен игуменски жезол, изработен во техника на филигран, гранулација и инкрустација, богато декориран со повеќе корунд рубини, спинели, седефи, корали, тиркизи и зелени ахати. Притоа тој се обрати кон верниците, а секако и кон Старецот, со овие искрени зборови:
”Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

’Господи, го засакав благолепието на Твојот дом и местото каде што пребива и Славата Твоја’.

Почитуван Високопреосветен владико, почитуван високопреподобен отче Игумене, драги браќа и сестри во Христа.

Ете денес благодатта на Светиот Дух нè собра во домот на Претечата, во католиконот на Бигорскиот манастир посветен на св. Јован Крстител. Оваа света обител веќе 16 години повторно функционира како машки манастир, под будното око на Митрополитот Тимотеј, кој, исполнувајќи ја Божјата промисла, игуменствувањето му го предаде на нашиот старец, архимандрит Партениј, а тој служејќи достојно, целосно ја оправда довербата и ја врати старата слава на манастирот.

Оваа година започнува и последната декада од 1000 годишнината од основањето на манастирот од страна на Јован Дебарски, архиепископ на Охридската Архиепископија.

Она што го кажав на почетокот е дел од 25-от псалм и на сите им препорачувам да го прочитаат овој псалм, будејќи во него ќе најдат нешто специфично, кое во голем дел се однесува на нашиот Старец.

Оче Игумене Партение, како достоен игумен на оваа свештена обител, под закрилата на светиот Пророк и Претеча Крстител Господов Јован, чие рождество денес славиме, како духовник кој особено е познат по мегалопрепијата и својата голема љубов кон благолепието и естетиката, дозволете ми, во името на братството и сестринството и на сите оние кои ги чувствуваме како дел од оваа света обител, да ви го врачам овој игуменски жезол со вграден напис кој е извадок токму од 25-от псалм:

’Господи, го засакав благолепието на Твојот дом и местото каде што пребива и Славата Твоја’.
Многаја лета!”

На многаја лета возљубен наш Старецу! А тебе, наш најмил заштитнику Јоване, честит ти роденден! Ние грешните и недостојните твои слуги немоќни сме со зборови да ја искажеме нашата благодарност, заради преголемата твоја љубов што ја излеваш на нас. Ти благодариме за твоето благолепно живеалиште, што си го устроил за наше спасение. Претечо Господов, направете молитва со сите светии и со Богородица, пред Началникот на мирот – Христос нашиот Бог, да ги смири нашите срца, та со кроткост и послушност, непрестајно да му служиме Нему, Кому нека Му е слава, чест и величие во веки веков! Амин!