Радувај се, Мајко на Агнецот и Пастирот! Радувај се, Трло на духовните овци!
Акатист на светото Благовештение, икос 4
Колку е скапоцен, колку е мил и утешен зборот: мајка! И навистина, што може да биде поголемо, попрекрасно, и помило од мајчинската љубов, со која секоја мајка ги стоплува, ги храни, ги одгледува, ги воспитува, ги облагородува своите мили чеда! Какво незаменливо богатство за секој човек е мајката! И кога, пак, ниедна мајка не ги остава своите рожби без грижа, без покровителство, без помош, тогаш колку ли повеќе нè има во срцето и нè чува од искушенија Божјата Мајка, која постанала и мајка на сите христијани, Која е изворот на мајчинската љубов!?
Божествените отци на нашата света Црква премудро одредиле, во текот на Великиот пост, кој е време на духовна борба, на духовни подвизи, време на труд за духовно воздигнување и усовршување, преку Акатистот верниците усрдно да упатуваат срдечни молитви кон Пресвета Богородица. Тие со љубов нé поучиле дека во овој наш минлив и краток век, додека пловиме по житејското море, напаѓани од многу бури, напасти и искушенија, многу е полезно за нас често да повикуваме за помош кон нашата семилостива Мајка – Богородица, и умилно да ја молиме да нé запази од бордоломи и потопувања и да го приведе нашиот живот до тивкото и спасително пристаниште – Христос.
Поучени од ваквото светоотечко искуство, и вдахновени од најнежна љубов кон Богомајката, нашето братство заедно со многубројните притекнати верници И упатија на небесната Царица најтопли молитви и пофални и благодарствени песни, стоејќи во побожност и умиление во Благовештенскиот параклис, пред раскошно украсената акатистна икона на Богомајката. И додека со почит се поклонуваа пред Онаа, пред Која со таинствено молчење се поклонуваат и небесните жители – ангелите, срцата на верните чеда на Пречистата се исполнија со Нејзината тивка и светлозрачна мајчинска благодат. Така, проследен со голема духовна радост и веселие, заврши и последниот од низата Акатисти, предвидени според црковниот типик за секој петок од првите пет недели на Чесниот пост.
Нека големата Победителка над злото нé поткрепува со своите мајчински молитви кон својот Син и во преостанатите денови на светата Четириесетница, та да можеме и ние да извојуваме победа над телото и страстите, над лошите мисли, чувства и желби, над искушенијата од мрачните сили, за достојно да се поклониме на светото Христово Воскресение!