Благовештение на Пресвета Богородица

Денес е почеток на нашето спасение и откривање на вечната тајна: Синот Божји станува Син на Дева и Гавриил објавува блага вест. Затоа и ние да извикаме кон Богородица: Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе!

Тропар на Благовештение

„Денес е почеток на нашето спасение…“ Така светата Црква пее за значењето на денешниот празник. Зошто почеток? Затоа што е објава за овоплотувањето на Бога Словото, затоа што Синот Божји во тој ден стана Син на Дева. И навистина, овоплотувањето на Синот Божји е почеток на целиот домострој на нашето спасение. Семето положено во Благовештението израсна во големо и спасоносно дрво, кое со своите гранки ги покрива сите страни на светот. Затоа овој празник беше толку долго очекуван од човечкиот род, толку посакуван, толку плодоносен за земјата и така страшен за адот. Зашто со него мина ноќта и настапи ден; исчезна лагата и блесна Вистината, се симна проклетството и се спушти благодатта. Овој ден кој ја покажа Мајката на Светлината ни го навести на сите доаѓањето на Сонцето, Кое ја разби душегубната темнина на гревот и во нас запали животворна искра на благочестие и вера.

 
Сите настани на денешната тајна се чудесни, но најголемо чудо е Самата Дева, Која го прими Благовештението, бидејќи токму таква требаше да биде Мајката на таков Син. Божјото Слово стана она што не беше, а сепак остана oна што беше. А Дева Марија станувајќи она што не беше, остана како што беше – стана Мајка, останувајќи Дева како и порано. Нема, ниту ќе има некогаш такво слично чудо во светот! Чудо што за Дева е најголема благодат, чудо кое за Мајката е најголема чест.

 
Ако, како што велат старите, по утрото се познава денот, тогаш благовештенската радост, што како пролетно ветре ги погали нашите души, донесувајќи со себе нова духовна свежина, на сите нам, кои во оваа молитвена ноќ во чест на Богомајката се собравме во светиот соборен храм на Бигорскиот манастир, ни го благовестеше торжествениот блесок на Христовото Воскресение. Пред самиот почеток на сеноќното богослужение, Бигорскиот Старец, архимандрит Партениј со голема љубов им се обрати на притекнатите верници, посакувајќи им добро и благодатно бдение и ја помоли нашата Владичица да нѐ удостои со неискажливата радост да се поклониме на светлото Христово Воскресение. И навистина, топлата и тивка радост таа ноќ, беше, чиниш, ветување од Самата наша Владичица дека по Нејзините молитви во светлата воскресна ноќ никој нема да остане без благодат, дека Таа ќе измоли од Својот Син благодатно воскресение на душите наши. Токму затоа целиот храм беше како осенет од Нејзиниот мајчински допир, како кандилата да блескаа со поинаква светлина, како гласовите на вдахновените псалти со посебно умиление да возвестуваа: „Архангелскиот глас Ти зборува, Пречиста, радувај се, и повторно – радувај се!“ Тој поздрав на радоста, во топли бранови ги облеваше со неискажлива милост срцата на многубројните присутни. Тие, пак, ги надополнуваа во себе чудесните светоотечки стихири со своите молитвени славословија упатени кон Пречистата: „Радувај се, нов цвету на човечкото спасение, утро на благодатта, прв блесок на духовното Сонце! Радувај се, пречисто огледало на светоста, таинствен лику на совршенството, потполн идеалу на девственоста!“

Со Неа да се радуваме и сите ние, зашто денес се отвори вратата што беше заклучена поради нашата непослушност, ни се даде да го достигнеме блаженството од кое нѐ лиши ѓаволското лукавство. Да го одбележиме овој светол ден, кој е одраз на небесната милост, но не на хартија, туку во нашите срца. Да се собереме сите и со радосен восклик да ја поздравиме Богоотроковица Марија, извикувајќи заедно со ангелот: „Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе“!