Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници

Не бој се ќерко Сионова! Еве, Царот твој иде, седејќи на осле (Јн. 12, 15)

Пред Своите сечесни страдања, Спасителот влегол во Ерусалим торжествено. Градов Давидов тој ден, како никогаш, бил во особена благонаклона раздвиженост и во свето славословие. Жителите на Ерусалим и мноштвото верни што дошле за празникот Пасха, откако слушнале дека Исус доаѓа во Ерусалим, излегле да Го прослават Оној Кој извршил многу знаци и чуда, а како последно го воскреснал четиридневниот мртовец Лазар; да Го прослават Оној Чие слово секогаш било вистина, правда, мир, љубов и Кој, во тој ден, качен на осле тргнал од Елеон за Ерусалим за смирено да го исполни Своето служење како Божествен Цар. Сите биле во неописливо воодушевување и духовен восторг! Децата Го дочекале Господа Исуса Христа со пофални песни и свечени извици, најсрдечно и најумилно. Но и возрасните, синовите и ќерките Сионови, усрдно им се придружиле на чистите детски души во пречекувањето на небесниот Цар.

 
Светата Црква, зрачејќи со таинствената длабочина на своето богослужение, денес одново ни припомнува за преубавиот настан што некогаш се случил во Ерусалим и нѐ воведува во реално преживување на собитијата поврзани со влегувањето на Господ Исус Христос во светиот град. И навистина, денешната празнична богослужба во нашиот соборен храм, како мисловно да нѐ пренесе пред Ерусалимските капии, очекувајќи таму со голем копнеж и љубов, Царот на мирот да влезе и во нашите срца, преку причестувањето со Неговото Тело и Крв. А бигорскиот старец, архимандрит Партениј, откако ги благослови палмовите гранки и цвеќињата на крајот од Утрената богослужба, ги раздели на монасите и многубројните верници, како символ на Христовата конечна победа и Неговото Воскресение. Непоколебливата сила, пак, на нашата победоносна вера најмногу се покажа во благодатта што обилно ги исполни нашите души за време на торжествената Литургија, водена од старецот и нашите браќа јеромонаси. Се разбира, и денес најрадосни беа најмладите, кои со својата искрена детска вера, можеби најсилно го почувствуваа влегувањето на кроткиот Христос. За тоа сведочи нивната радосна развиженост во храмот, кога со насмевки на нивните озарени лица, повторно им даваа на возрасните палмови гранчиња и цвеќиња, сакајќи со тоа да им возвестат: „Подгответе се, зашто денес во Ерусалим доаѓа Царот на славата, за со силата на Своето Божество смртта да ја умртви“.

 
По молитвите на Твојата Пречиста Мајка и според неиспитливото Твое милосрдие, удостој ги, милостив Христе, оние што денес со љубов го празнуваат Твоето славно влегување во Ерусалим како вечен Цар, со влегување во небесниот и неразрушлив Ерусалим, каде постојано сјае Твојата непоимлива убавина. Амин!