Навистина е прекрасен и исполенет со неземна радост секој спомен во чест на Царицата Небесна, Пресветата Богородица, Покровителката на христијанскиот род. Зашто Таа чудесна и најдобра Мајка никогаш не заборава да ги покрие со мајчинска благодат своите верни деца, кои достоинствено Ѝ се радуваат на Нејзинта надангелска убавина, неискажлива чистота и љубов божествена. Така и овој пат не озари сонцето со сјајни зраци на пресветла радост, кои оваа вечер непрестајно блескаа во неболикиот Претечев храм. Денес Бигорската обител, заедно со стотиците духовни чеда, празнуваше уште една навистина преголема милост на Мајката на Милостивиот: чудесното собитие со чудотворната икона, наречена „Достојно ест“. Зашто милоста на Пречистата кон човечкиот род, пројавена преку нејзиниот чудесен обрз, светна денес како сонце на Светата Гора Атонска, осветлувајќи ја со особени чуда и знаци целата вселена. А во нашата свештена обител веќе стана предание светлозарниот спомен на „Достојно ест“,преку бдение, со благодарност, молитва и умиление, достоинствено да се прославува. Оваа вечер нашите срца, озарени од тивката мајчинска благодат и украсени од силната убавина на Пресветата, како да процутија со блага љубов и неизмерна благодарност кон нашата Небесна Мајка, за сета Нејзина добрина излеана кон нас, грешните и недостојните. Боговдахновените стихири што така раскошно одекнуваа оваа ноќ, ги распламтеа со огнена ревност душите на верните. Торжествената литургија, пак, отслужена од нашиот старец Партениј и браќата јеромонаси, чиниш беше збир на сите оние возвишени чувства доживеани на преблагодатното бдение. И на почетокот на бдението, како кон сето тоа да нѐ поведе и однапред ни предвести благодатна радост, умилителното слово на нашиот старец за огромната мајчинска љубов на Пресвета Богродица и за радосниот настан со чудото пред иконата „Достојно ест“. Исткаено од благи зборови, старчевото слово ги исполни нашите срца со неизмерна синовска нежност и благодарност кон нашата најголема Добродетелка.
- Ознаки:
- Бдение
- Достојно ест
- Пресвета Богородица
Поврзано
Воведение на Пречиста Богородица во Манастирот Пречиста Кичевска
- 4 декември 2024
Од храмот на Соломон до храмот на срцето
- 4 декември 2024
Богородичен Покров во Ростуше
- 14 октомври 2024
Успението на Пресветата – премин во Светлината
- 29 август 2024