Член од Бигорското братство избран за нов епископ на МПЦ-ОА

Верно е словото: тежнее ли некој кон епископство, тој сака добра работа. Епископот треба да е непорочен…, разбран, разумен, уреден, гостољубив, способен да поучува; не пијаница, ни насилник, ни алчен, туку кроток, мирољубив и не среброљубив…
(1. Тим. 3, 1-3)

На барање и по избор на нашиот надлежен архијереј, митрополитот Тимотеј, нашиот старец, архимандрит Партениј, го благослови своето чедо, јеромонахот Јосиф, за повисока служба и го предаде на послушание на Светиот Архијерејски Синод на МПЦ-ОА, како викарен епископ на Скопската епархија, каде ќе го продолжи своето служење на Бога и на нашата света Црква, во нејзината мисија за спасение на душите и проповедање на Христовото Евангелие. Како што вели св. Игнатиј Богоносец, епископската служба е возвишен призив, и оној што е повикан на вакво служење, облечен со благодатта на епископскиот чин, треба да се грижи за единството на Црквата, кон сите да биде трпелив во љубовта, непрестајно да се посветува на молитвите, барајќи од Бога мудрост; да ги носи болките на сите, како совршен подвижник, зашто каде што има поголем труд, таму и духовната добивка е поголема. Особено да се потруди ништо да не прави без Бога, и често да го собира верното стадо на литургиски собири.

Знаејќи ја одговорноста на епископската служба, следниот ден после одлуката на САС на МПЦ-ОА од 15/28 јуни 2012 л. Г., со која о. Јосиф едногласно беше избран за викарен епископ во служба на архиепископот Охридски и Македонски и митрополит Скопски, г. г. Стефан, нашиот старец, заедно со братството и сестринството од нашите две обители, со голема татковска љубов го пречека своето чедо во манастирот, укажувајќи му почест достојна за еден избран епископ, и со искрена усрдност упати молитви кон семилостивиот Христос и Неговата пречиста Мајка да го просветлуваат, чуваат во смирение и раководат о. Јосиф во неговата идна служба, за да може достојно да ја носи и да принесе плод во полза на светата Црква.