Денот што доаѓа го осветлува почетокот на страдањата Господови. Дојдете, празникољупци, со песни да Го пресретнеме, зашто Создателот доаѓа да прими крст, навреди и рани…, за да го спаси човекот…
Седален од Утрената на Велик Понеделник
Со овој умилителен повик од Велик Понеделник, светата Црква нè воведува во Великата и Страсна седмица на сечесните Христови страдања. Запловуваме во најсветиот период од годината, кога се случиле најзначајните собитија од зeмниот животот на нашиот Спасител, толку пресудни за нашето спасение. Великиот Понеделник е посветен на прославувањето на страдањата Господови, преку понижувањето и возвеличувањето на прекрасниот Јосиф, синот на прататкото Јаков. Срце на богослужението од овој ден е т.н. „Последование на Женихот“, кога иконата на Господ Исус Христос, наречена „Жених“, се изнесува на средината од храмот на сеопшто поклонување.
Господ на повеќе места од Светото Писмо се нарекува Жених, како што и Царството Божјо се нарекува Брак. Мистичната Невеста, сопругата Христова, е Неговата света Црква со нејзиното единство, заради што Христос е Жених и на секоја човечка душа. И големиот апостол Павле Христовата љубов кон Црквата ја наведува како идеал на брачна љубов. Ова обручение се случило на Голгота, каде што жртвената љубов е запечатена на Крстот. После обручението следи брак, т.е. вечниот и блажен живот на идниот век. На Судот Господов ќе се разоткрие тајната на секоја христијанска душа, тајната на нејзинaта љубов и верност кон својот Жених.
„Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е слугата што ќе го најде буден…“ Торжествено одекнаа во Претечевиот храм овие чудесни зборови што ќе се пеат следните неколку дена, повикувајќи нè на духовна бодрост и подготвеносот за пречек на небесниот Младоженец! Но бидејќи светите и божествени отци знаеле дека на сите нас ни е неопходна помош одозгора во ткаењето на брачната облека од добри дела, без којашто облека не може да се влезе на брачната вечера со Агнецот, затоа тие ја составиле прекрасната молитва: „Твојата свадбена одаја, Спасителе мој, ја гледам украсена, a облека немам да влезам во неа. Просветли ја облеката на душата моја, Дарителу на светлина, и спаси ме“. Умилниот тон на ова песнопение ги стопли нашите срца, воздигнувајќи ги истовремено и нашите мисли кон духовно созерцание на пасхалната благодат.
Нека предобриот Бог нè удостои во молитвено расположение и со правење на добри дела да ги поминеме овие најсвети денови на Неговите Страдања, за достоинствено да се поклониме на Неговото тридневно Воскресение. Амин!