Велик Вторник

Мрзливоста далеку од нас да ја отфрлиме и со запалени светилки, бесмртниот Младоженец – Христа, со пеење да Го сретнеме, викајќи: Дела Господови, благословете Го Господа

Од Канонот на Великиот Вторник

Во Светиот и Велик Вторник од Страдалната недела на Господ Исус Христос, богомудрите отци и учители на Црквата го поместиле споменот за евангелската парабола за десетте девојки, што нашиот Спасител им ја раскажал на Своите ученици додека влегувал во Ерусалим, каде што Му претстоеле Страдањата за спасение на човечкиот род. Кажувајќи им поучни слова на Своите ученици, Добриот Пастир, преку тие параболи, всушност, Му се обраќа и на целото Свое стадо од сите векови. Со љубов и едноставност која ја надминува мудроста од овој свет, божествениот Учител со денешната приказна нè поттикнува на возвишеното и најценетото од Господа милосрдие, а воедно и нè поучува подготвени да го дочекаме крајот нашиот живот.
Така значи, во образот на десетте девојки, Господ го предава овој расказ за милостината, како опомена за да некој, поради големото достоинство на девственоста, не започне да ги пренебрегнува другите добродетели. Зашто човек, ако не е милостив, дури и да е девственик, ќе биде отфрлен заедно со блудниците. Несострадалниот и немилостивиот се отрфрла справедливо, дури и да е девственик, зашто блудникот е победен од природната и неизбежна страст, а немилостивиот – од среброљубието, коешто, пак, не е неизбежно и природно. Сонот на девојките во приказната ја означува смртта, а задоцнувањето на Младоженецот – тоа дека ние не знаеме точно кога ќе биде Второто Христово пришествие. Но повикот среде ноќта: „Ете, младоженецот доаѓа…“, ни покажува дека Господовото доаѓање ќе биде ненадејно и проследено со трубен звук. Светилниците на девојките се всушност нашите души; и умот на секого од нас е, исто така светилник, што гори, кога го има елејот на добродетелите – милостината. Петте девојки се навистина неразумни, зашто барале елеј тогаш, кога веќе немало време за купување. Мудрите им рекле: „да не би некако не ни стигне и нам и вам“, зашто кога добородетелта на човекот едвај достигнува за неговото сопствено оправдание, тогаш каква помош ќе може да му покаже на друг? Секој се оправдува со своите дела, а не со делата на ближниот. Неразумните девојки тогаш отишле при продавачите, т.е. кај бедните, а тоа го има следново значење: тие се покајале зашто не давале милостина и дури сега научиле дека елеј треба да си купувеме од сиромашните и неволните. Затоа зборовите, дека отишле при продавачите да си купат елеј, означуваат дека во своите души тие се обратиле кон бедните и започнале да размислуваат какво добро дело е милостината и како поради својата неблагоразумност грешеле против таа добродетел, но вратите веќе биле заклучени пред нив. Зашто после овој живот веќе нема време за покајание и дела. И Господ им вели: „не ве познавам“, зашто Он, човекољубивиот и милостивиот, не ги познава безмилосните; та и навистина, како да ги познава оние што Му се туѓи и не приличат на Него?

 
Секоја душа има светилник и светлина од Бога и сите ќе станат да го пресретнат Господа, зашто сите души сакаат да Го сретнат и да се соединат со Него. Но додека Бог дава светлина и озарение, мудрите души го додаваат во светилниците елејот на добрите дела, а светилниците на неразумните, пак, гаснат, оставени без елеј поради бездејствие, и тие души се отфрлаат, зашто немаат добри дела, кои би ја разгореле светлината во нив. И така, ако не правиме добро, ја гаснеме во себе Божјата светлина.

 
Човекољубив Господи, презри ги нашите беззаконија и вдахновувај нè и помагај ни постојано да вршиме добри дела, полнејќи ги нашите светилници со божествен елеј, та да нè го слушнеме никогаш она најстрашното: „не ве познавам“, туку, по Твоето бескрајно милосрдие, приброј нè кон блажениот собор на оние што ќе го слушнат најпосакуваниот глас: „Елате, благословени од Мојот Отец! Оти гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“. Амин!