Велика Среда

Господи, жената што беше падната во многу гревови, која го позна Твоето Божество, кога го прими чинот на мироносица, пред погребението, Ти принесува миро ридајќи: Тешко мене, ноќта на невоздржувањето и блудот, и мрачната љубов кон гревот ме обзема. Прими ги потоците од моите солзи, Ти, Кој од облаци ја произведуваш морската вода. Приклони се кон моите срдечни воздишки, Ти, Кој ги приклони небесата со Твоето снисходење, за да ги целивам Твоите пречисти нозе и пак да ги избришам со косата од мојата глава – нозе, од кои Ева, кога во рајот го слушна нивното чекорење, од страв се скри. Кој ќе го испита мноштвото мои гревови и бездната на Твоите судови! Спасителу на душата моја, Кој имаш неизмерна милост, не презирај ме мене, Твојата слугинка

Стихира од Вечерната на Велика Среда, творба на св. Касијана

Да се насладиме, христољубиви, денес од прекрасниот евангелски расказ во оваа Света и Велика Среда; расказ за жената грешница, која со пламен во душата смело влегла во домот на Симона Прокажениот, каде што седел Опростителот на гревовите и со скапоцено миро го помазала Неговото безгрешно тело, подготвувајќи го, без да знае, за погребение.

 
Пред нас се открива необична глетка! Како таа жена смело влегла, сосема непоканета? Како се приближила до Христа, седнатиот, и Му ги соопштила сите свои срдечни тајни, раскажувајќи го сето тоа без звук и без глас? Смелата жена не се уплашила ниту од роптањето на домашните, ниту од жестоките укори на околните; Но откако претходно го видела прокажениот очистен, таа силно поверувала дека Лекарот може и неа да ѝ даде прошка на гревовите и да ја очисти од душевната губа. Според својата вера, жената грешница отишла и купила драгоцено миро и со дерзновение го излеала врз главата на Господа. Учениците негодувале и ја попречувале, особено Јуда Искариотски, но Христос застанал во Нејзина заштита, да не би некој ја прекинал нејзината добра намера: „Зошто ја буните жената? Таа направи добро дело кон Мене!“ Притоа, Он го спомнал и Своето погребение, одвраќајќи го со тоа Јуда среброљубецот од предавството. А за да не ја доведе и Самиот жената во недоумица, спомнувајќи погребение и смрт, предобриот Христос веднаш после зборовите: „Ме приготви за погребение“ – храбрејќи ја жената, додава: „Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен“ Тоа била опомена за учениците, а утеха и похвала за жената. Со овие зборови Спасителот како да сакал да каже: „Никој не ја прекорува! Таа го претскажа Моето страдање, носејќи го тоа што е неопходно за погребение. Како што таа жена со срцето свое го прими Мојот повик за покајание, така и Јас сега ја примам неа во бројот на праведниците, коишто Ме возљубиле; зашто оваа жена со непоколеблива вера и со целосна приврзаност Ме возљуби со сето свое срце и со сета своја душа, и нејзе ќе ѝ бидат простени прегрешенијата. А она што го направи таа, ќе биде прераскажувано за нејзин спомен од род во род. Зашто таа изврши дело што е плод на побожно размислување, вистинско покајание, пламена вера и скрушен дух“.

 
О, жено, преисполнета во вера! Како да го пофалиме преизобилието на љубов во твојата постапка, извршена со таков жар? Како да ја прославиме, жено, огромната желба на твојата совршена душа, устремена кон Бога? Кој љуби така, како што ти си возљубила? Или кој од луѓето ќе биде примен, така како што ти си примена? Спасителот го устројува сето тоа според Својата благодат за спасение на човечкиот род, за да им даде слобода на оние, што страшно се совладани од гревовите, да дојдат до покајание.

 
Свет и милостив човекољупче, Христе Боже, направи со Твојата благодат и ние, Твоите грешни чеда, да станеме подражаватели на таа жена и да ја исповедаме нечистотијата на своите души и да ги очистиме со покајание, та да се удостоиме неосудено да се поклониме на Твоето славно Воскресение. Амин!