Вознесение Господово и спомен на свв. Кирил и Методиј

Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се, вечни порти, и ќе влезе Царот на славата! Кој е тој Цар на славата? – Крепкиот и силниот Господ, силниот во војна Господ. Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се, вечни порти, и ќе влезе Царот на славата! Кој е Царот на славата? – Господ над војските – Он е Цар на славата!

Псал. 23, 7-10

Каков пријатен сопатник на човечкиот живот е светиот цар и пророк Давид! Ете, тој од дамнина им ги приготвил на народите овие зборови на радост, за да го возвеличи торжеството на денешниот празник. Зашто Пророкуваниот низ вековите, денес во слава се вознесува на небесата; Победителот на смртта одново се издигнува во височините и им дарува на луѓето благи дејанија – живот и царство. Горните врати повторно се отвораат, духовните воинства неискажливо славословат; само апостолите од тага се возмутуваат што нивниот најсладок Учител се одделува од нив. „Но не грижете се – им ветува Он – нема да Ве оставам сираци; зашто не по многу дни ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци сѐ до крајот на земјата; и ете, Јас ќе бидам со вас до свршетокот на векот“. О, свети апостоли! Блажени и триблажение сте вие, кои го слушнавте овој божествен, најљубезен и најсладок глас, утеха над утехите! А блажени се и оние кои се истообразни со вас, рамноапостолните учители на словенските народи, светите Кирил и Методиј, чијшто светлозрачен спомен сјае денес посилно и од сонцето! Радувајте се, свети рамноапостоли, пастири и учители, Кириле и Методие, зашто вам Христос ви го довери словенското стадо и горе и долу; вам ви го врачи жезолот да распоредувате и управувате од двата престола, за да се распредели наследството на долното царство и да заблеска Христовата слава по словенските земји, да се умножи благообразието, да биде јавена Евангелската светлината со ново писмо, да бидат спознаени таинствата, да биде проповедана силата на горното царство. Радувајте се вие – сол на земјата, која никогаш нема да облутави. Радувајте се – светила незаодни, кои сјаете насекаде; Светилник е Христос, свеќник сте вие, а елеј – Светиот Дух. Радувајте се – светлино на светот, пред која отстапува секоја ноќ; којашто не може да биде скриена од облак, ниту покриена од бура, или однесена од виор. Радувајте се, вие, кои полагавте печат врз ереите, учители на учителите, ловци на јазичниците, проповедници на народите, наставници на праведниците, очистители на грешниците, уништувачи на гревот, столбови непоколебливи, просветители славјански! Раувајте се, вие, кои го исковавте нашето писмо, го обогативте нашиот јазик, ги устроивте нашите слова! Радувајте се, вие, кои немавте ништо, а ја обогативте целата вселена! Вашата сенка дарува изобилни и различни исцеленија во градови и села. Радувајте се, богомудар Кириле и пустинољубив Методие! Вие го придобивте „богатството сокриено во нива“ (Мт. 13, 44), ѝ ја покажавте на жената изгубената драхма (Лк. 15, 8), усрдно Му ги принесовте на Христа поверените ви таланти на проповедта, фрлајќи во длабочините на словенските земји „мрежа, која уловува секакви риби“ (Мт. 13, 47), и уловивте риби на кои што и ден денес се радува Царот, Кој во слава се вознесе на небесата. Се возрадува денес со вас и Бигорската обител со мноштвото нејзини духовни чеда, кои радосно притекнаа за со љубов да го прослават Вознесението на Спасителот на светот и сечесниот ваш спомен. Затоа свети рамноапостоли, пастири наши и учители највозљубени, прилежно помолете Го Владиката на сите, Кој од љубов кон нас, грешните, се вознесе на небото, да ја утврди оваа свештена обител – чувар на вашето свето предание низ вековите и да го управи народот наш славјански по стапките на вашето бесмртно дело и споменот ваш најторжествено да се слави во нашата мила татковина Македонија до веки веков. Амин!