Крстовден во Рајчица

Крстовден

Непобедлива и недостижна, божествена сило на Чесниот и Животворен Крст, не оставај нè нас, грешните…

Владее Крстот! Нему му се поклонуваат сите племиња и народи, сите поколенија и родови и со него се фалиме, велејќи заедно со блажениот Павле: „А мене, да не ми даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Гал. 6, 14). Зашто за нас нема поголем и поспасителен дар од тоа непобедливо оружје на христијаните, тој победител на смртта, таа надеж на верните и светлина на кротките, тоа огненосно копје кое го отвора рајот и ги соборува ересите, кое е поткрепа на православната вера и спасителна пофалба на Црквата.

На Крстот Христов му пее Неговата Црква, на Неговиот Крст се поклонува, на Крстот му служи, со Крстот се крунисува, со Крстот се оградува, со Крстот се осветува Невестата Христова.

О каква уста и каков јазик би можеле да ја восхвалат како што треба таа несоборлива стена на православните, тоа победоносно оружје на великиот Цар Христос. Крстот е паметник на победата над демоните, раководител на младите, Крстот е пристаниште за оние што се во бура. Крстот е татко на сирачињата, советник на праведните, утешение на оскрбените, пазител на младенците, венец на старците. Крстот е проповедта на пророците, сопатник на апостолите, пофалба на мачениците. Крстот е целомудрие на девствениците, радост на јереите, основание на Црквата, поткрепа на вселената. Крстот е благонадежност за монасите, покров за лишените од облека. Тој се издигна високо среде вселената, се насади на Лобното место и веднаш го произведе гроздот на животот. Вооружувајќи се со него, блажените апостоли ја покорија целата демонска сила и откако ги уловија со своите мрежи сите народи, ги собраа на поклонение на Крстот. Облекувајќи се во него како во оклоп, мачениците и воините Христови ги поразија сите замисли на мачителите и храбро проповедаа. Земајќи го и носејќи го со себе, оние што заради Христа се откажаа од сè во светот се населија во пустините, планините, пештерите и земните бездни. О, безмерна и неспоредлива благост на Божјата милост! Колку блага дарувани на човечкиот род преку Крстот!

Монашкиот живот е живот на распетие и нема монах кој не го возљубил со сето срце Крстот, зашто тој е украс на монашкиот подвиг и од него доброволно распнатите црпат сила. И не случајно денот на Чесниот и Животворен Крст во манастирот на светиот Победоносец Георгиј во Рајчица се прославува толку благолепно. Носејќи го секојдневно својот монашки крст, сестрите од манастирот истовремено ја слават и неговата сила, го воспеваат заедно со ангелските воинства: „Крсту пречесен, пред кого стојат силите ангелски веселејќи се, денес те издигнуваме, со божествена почит…“ Торжествено одекнуваат овие прекрасни стихири во раскошно украсениот храм, преисполнет со богокопнежливи срца, кои восхитени од славата на Крстот, со умот се пренесуваат во она далечно време кога Чесното Знамение на нашиот Господ Исус Христос, подигнат од рацете на светиот патријарх Макариј, победнички се издигна над целата вселена. Еве и сега пред нашите очи Крстот се вознесува, проследен со високото и свечено „Господи помилуј“ на сестринскиот хор, и кревајќи се кон небото, ја благословува целата вселена. Понесени од таа крстовоскресна радост, умилителните погледи на присутните се упатуваат кон смирениот поклон на о. Силуан, духовната рожба на нашиот старец, о. Партениј, кој полека се приведува кон нашиот почитуван владика, митрополитот Тимотеј, за да прими од него благослов за свештен ѓаконски чин. Вивнува силно во воздухот громогласното „достоен“, изговорено од стотици усти со една мисла и една иста молитва, еден ист копнеж во срцето – Господ да си го прегрне благодатно Својот нов служител пред Престолот Свој и да го направи достоен сад за благодатта на Неговите свети тајни, па да може ревносно и со љубов да му послужи на својот старец, своето братство, својата Црква. Сега тој радосно и со страв Божји го понесува својот нов крст и заедно со своите сопатници, својот старец, браќата и сестрите, монаси и мирјани, благоразумно чекори кон Чесниот Крст што блеска во далечината, онаму горе при ѕидовите на небесниот Ерусалим. Тука се поклонуваме на Премилостивиот Христос, тука сите ангели и архангели постојано Го славословат. И сите ние благонадежно го очекуваме денот кога на небото ќе се појави знакот на Синот Човечки, предводејќи ги сите праведници кон рајските дворови.

Прекрасна беше пофалбата за Крстот искажана низ вдахновената беседа на нашиот надлежен архипастир, митрополит Тимотеј, кој чиноначалствуваше со божествената Литургија и кој со избрани поуки се обрати и до новиот јероѓакон, посакувајќи му да биде добро и полезно чедо на својата Мајка Црква:

„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Ние, денеска, на крајот на утрената, а пред самиот почеток на светата Литургија, го извршивме чинот на издигнување на светиот Крст Господов. Многу векови наназад, светата Црква го извршувала овој чин. Воздигнувањето на светиот Крст значи дека сите краеви на светот, но и сите луѓе, се должни да го насочуваат својот поглед кон крстот, издигнат над целиот свет. Но, се поставува прашањето: дали тоа навистина е така во нашиот секојдневен живот? Дали сите луѓе во светот или барем оние кои се декларираат како верници, навистина ги упатуваат своите погледи кон Крстот Господов, што светата православна Црква денес го издигнува во сите православни храмови? Доколку сакаме да бидеме искрени и заради вистината, би требало да одговориме негативно. Еве, и ние, кои денеска се собравме во оваа света обител, треба да се запрашаме дали гледаме на крстот Христов, и дали тоа наше гледање и внимание ќе биде утешително и спасително за нас.

Во денешното утринско свето Евангелие се раскажува како Господ Исус Христос му зборува на собраниот народ: „Сега е судот на целиот свет; сега кнезот на овој свет ќе биде истеран надвор. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе“ (Јн. 12, 31-32). Всушност, Спасителот им кажувал со каква смрт ќе умре. Но, да слушнеме што му одговорил народот: „Сме слушале од Законот дека Христос вечно ќе постои, а како велиш Ти дека Синот човечки треба да биде издигнат? – Кој е Тој Син Човечки?“ (Јн. 12, 34). Ова го зборувале луѓе кои биле очевидци на безбројните чуда што ги извршил Господ Исус Христос, луѓе кои присуствувале на воскресението на Лазара и на многу други чуда и доброчинства што ги правел Христос. Истите тие луѓе го чуле и гласот од небото кој на Христовите зборови: „Оче прослави го името Свое!“, одговорил: “И Го прославив, и пак ќе Го прославам“ (Јн. 12, 28). Луѓето биле потресени и зборувале за тоа со најразлични свои видувања: едни дека ангел проговорил, други дека загрмело и многу други човечки мудрувања, но, никој не рекол дека зборува Самиот Бог.

Паднатиот човечки ум не верува и се придружува кон сомневањето за вечното прашање, што го поставува пред себе. Нешто слично се случува и денеска кај современиот свет, кој не обрнува внимание на современата проповед на крстот Христов и неговото издигнување, туку се занимава со лични ставови и размислувања, кои немаат никаква врска со вистинското учење на светата Црква. Тие не сакаат да ја сфатат и да ја разберат вистината, не слушаат кога им се зборува за Бога, за Неговата семоќ, за Неговата бесконечна љубов и Неговата сежртвеност. Бог Самиот Себе се принел како жртва за секој еден од нас. Но, ние честопати слушаме најразлични забелешки и сомневања во вистинитоста на овие настани, или дека можеби тоа било поинаку и слично. Но, Христос одговара на прашањата на Своите современици, а со тоа и на сите нас: „Уште малку време Светлината е со вас; одете, додека имате светлина, за да не ве опфати мракот; а кој оди по мрак, не знае каде оди. Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината!“ (Јн. 12, 35-36). Откако им го кажал ова, Христос се сокрил од нив. Бесмислено е да се зборува со луѓето кои постојано запрашуваат, а истовремено го негираат она што е очевидно, божествено и вистинито во овој свет.

Ние не знаеме што нè чека во иднина. Денеска сме на земјава, живееме, планираме, но, утре го завршуваме својот живот со смртта. Тогаш секое познавање за Бога се прекратува. Секое знаење за тоа што е животот исчезнува. Секое знаење што ние сме го научиле и собрале престанува. Запираме пред вечноста, која вооошто не ја разбираме и не ја познаваме. Затоа и Господ се сокрил од нив и не сакал да спори, бидејќи тие не сакале да Го прифатат, туку само сакале да зборуваат и да спорат и да се оправдаат самите себе.
Да се разбере кој и каков е крстот Христов, можно е само со издигнување кон него, но тоа бара голем подвиг. Во подножјето на крстот Христов присуствува и обитава благодатта на Светиот Дух. Ако човек се издигне до подножјето на крстот, може да разбере што е крстот и жртвата Христова. Тогаш ќе ја разбере и смислата на човечкиот живот и човечкото битие, но, исто така, ќе ја разбере и смислата на Воскресението. Крстот е неделив од Воскресението Христово. „Слава Господи на Крстот Твој и на светото Твое Воскресение“ – пее светата Христова Црква. Оваа врска може да ја сфатат само оние што сфаќаат дека треба да гледаат кон крстот Господов, иако понекогаш нешто и не разбираат, а меѓу нив треба да бидеме и ние, зашто тие се луѓе што го имаат избрано подобриот дел. Нешто слично како што избрала и Марија, сестрата на Марта, која седела пред нозете Исусови и го слушала Неговото слово. Светата Црква постојано нè повикува на тој пат, на тоа служење, на тоа слушање. Свети Јован Златоуст со многу убави зборови вели дека и сила и утврдување на патот кон вечниот живот на душата е крстот Христов. Свети апостол Павле во Посланието до Коринтјаните вели: „Јас знам само еден Христос и тоа распнат“ (1Кор. 2,2). Апостолот зборува така, бидејќи знае дека овој свет е исполнет со зло. Овој свет ги распнува и духовно ги убива своите луѓе, а во тој дух е убиен и безгрешниот Син Божји. Апостол Павле за себе вели: „подобро е јас да умрам за овој свет и за Синот Божји, Кој носи вечна радост, вечно милосрдие, вечна справедливост и љубов, отколку да благоденствувам и да се насладувам во овој свет, кој е исполнет со зло и очајание“ (2 Кор. 11, 23-26). Тоа е избор на секој христијанин. Секој еден од нас има можност да го избере едниот или другиот пат: патот на крстот Христов, пат тесен и стрмен, или, пак, патот широк, но погубителен.

Добро знаеме дека на секој роден на земјава му претстои еден ден да умре. Тоа е последица на гревот на нашите прародители, кои беа измамени од нечестивиот. Тој постојано сите нè мами и залажува, нè убива и духовно и телесно. Затоа, пак, во денешната богослужба, Црквата пее: „Од крстот Христос го убива оној кој ме уби мене“. Каков подвиг! Какво дело! Со Своето страдање Христос го отплатил нашиот гревовен долг, страдајќи и смртта ја уништи и убиецот на нашите души го победи. И не само што ѓаволот е убиен и „со смртта смртта ја уништи“, туку „и на оние во гробовите живот им подари“. Убивајќи го нашиот убиец, Он нè врати во живот, за кој сме и создадени.

Затоа драги браќа и сестри, со искрена молитва, со очистено срце, со понизност и смиреност, да пристапиме и да се поклониме пред чесниот Крст Господов и да извикаме со црковниот псалт: „На крстот Твој се поклонуваме Владико…“

Нека ми биде дозволено, на собратот на Бигорската обител, ново ракоположениот јероѓакон Силуан, да му го честитаме ракополагањето во ѓаконски чин во овој свет манастир, посветен на св. великомаченик Георгиј Победоносец. Отче Силуане, ти си ракоположен на голем Господов празник, на Воздвижението на чесниот Крст, но, исто така, ракоположен си во манастир, кој е посветен на великиот маченик Георгиј. Нека Цврстината, јачината и непоколебливоста во носењето на крстот Христов што ги имал светиот великомаченик Георгиј, секогаш ти бидат пример и инспирација. Па така, преку носењето на својот крст, да можеш сите искушенија и сите животни бури полесно да ги надвладуваш и чинот достоинствено да го носиш, за прослава на нашата света Црква, на нашата татковина, а и за спасение на твојата душа. Амин!“