Синаксар во Светиот и Велик Понеделник
Стихови на прекрасниот Јосиф:
Целомудрениот Јосиф, се покажа држител на правдата, дарител на пченица и ризничар на добра.
Стихови за исушената смоква:
Еврејското собрание, без духовни плодови, Христос го споредува со бесплодната смоква; Затоа да бегаме од страстите, зашто и ние еден ден би можеле да бидеме проколнати и исушени.
Во овој свет и Велик Понеделник правиме спомен на блажениот и прекрасен Јосиф и на исушената смоква. Бидејќи одовде добиваат почеток светите Страдања на нашиот Господ Исус Христос, за прв негов образ (праслика) се зема Јосиф. Тој бил последниот син на патријархот Јаков, роден од Рахила, кому браќата му позавиделе поради некое негово видение на сон. Најнапред тој бил скриен во една јама, а неговиот татко бил измамен од браќа му со неговата искрвавена облека, велејќи дека бил изеден од некој ѕвер. Потоа за триесет сребреника бил продаден на Исмаилќани, кои, исто така го продале на Пентефрија – началникот на евнусите на египетскиот фараон. Бидејќи неговата жена се разгневила против младиот, поради неговата невиност и чистота, затоа што не сакал да направи беззаконие со неа, тој побегнал, оставајќи ја својата облека. Таа го наклеветала на својот господар, и затоа тој добил затвор и окови. Оттаму бил ослободен поради неговиот дар да толкува сонови и одведен пред фараонот, а потоа поставен за господар на сета земја египетска. Подоцна станал и снабдувач со жито на своите браќа и, откако во сѐ добро го поминал својот живот, умрел во Египет, со голем углед поради неговата чистота и другите добродетели. Може да се рече дека тој е праобраз (икона) Христова, бидејќи и на Христа Му позавидеа неговите едноплеменици Јудеите, и од ученик е продаден за триесет сребреника, и затворен во еден мрачен и темен ров – гроб, и оттаму излезе со Своја власт за да владее над Египет, односно над секој грев што го победува до крај. Он владее со целиот свет и човекољубиво нѐ искупува и нас преку таинствено давање на пченица, бидејќи Самиот се дава Себеси за нас и нѐ храни со небескиот леб – со Своето живоносно Тело. Ете, од овие причини, прекрасниот Јосиф е поместен овде.
На овој ден правиме спомен и на исушената смоква, бидејќи божествените евангелисти, односно Матеј и Марко, за неа зборуваат по расказот за Цветници: „Утрото, кога Он излезе од Витанија, огладне”; а другиот вели: „Кога утрото се врати во градот, огладне и, кога виде една смоква, која имаше само лисја, но без смокви (бидејќи не беше времето за смокви), се доближи до неа и рече: ’Никогаш повеќе да не раѓаш плод!‘ И веднаш се исуши смоквата“. Смоквата ја симболизира еврејската синагога во која Спасителот не го најде плодот што го очекуваше, туку само лиснатата сенка на законот, и тоа Создателот го одзеде од неа, бидејќи беше неплодна. Но, некој ќе рече: Зошто бездушното дрво стана суво, откако прими клетва без да згреши? – За да се знае дека Евреите, гледајќи Го Христа како на сите им прави добро и никому не први зло, мислеа дека Он има сила да прави само добро, а не да прави зло. Но, човекољубивиот Господ не сакаше тоа да им го покаже на луѓето. Он сакаше да ги увери неблагодарните луѓе дека има власт и да ги казни, иако Оној Којшто е добар не сака да казнува една бездушна и нечувствена природа. Исто така, до нас дошле и некои неискажливи поуки од премудри старци духовници. Како што вели Исидор Пелусиот: „Дрвото на престапот беше она од кое престапниците ќе ги употребат лисјата за да се покријат. Токму поради тоа дрвото е проколнато од Христа човекољубиво, бидејќи тоа немаше да пострада, ако смоквата не беше дала плод одговорен за престапот“. А дека престапот може да се спореди со ова дрво, тоа е очигледно, бидејќи во него ја наоѓаме сладоста на задоволството, која го привлекува гревот, а потоа горчината и грижата на совеста. Впрочем, историјата за смоквата Отците ја поместиле овде за да поттикне на покајание, како и онаа за Јосифа поради сличноста со Христа. Смоквата е секоја душа која е туѓа за секој духовен плод: кога наутро, односно по сегашниов живот, Господ не наоѓа кај неа покој, Он ја исушува со клетва и ја испраќа во вечниот оган, и таа стои како некој исушен столб, плашејќи ги оние што не дале достоен плод на добродетели.
По молитвите на прекрасниот Јосиф, Христе Боже, помилуј не. Амин!