Духовно и национално торжество во Бигорски

Ни настапи ден воспеван, засветли ден насликан, бликна ден оплакан! Дојде ден славен, дојде ден – Илинден!

Необично е како еден единствен ден може да ја промени историјата на поединечни народи, па дури и на целото човештво. Ете, денот кога Пресветета Владичица наша Богородица го кажа Своето судбоносно „нека ми биде“, започна спасението на светот. Денот кога Синот Божји ги рашири Своите пречисти раце на Крстот, беше ден на поразот на царството на злобата. Денот кога светиот благоверен цар Константин Велики извојува победа над злочестивиот Максенциј, му донесе слобода на Црквата Христова која три века беше сурово гонета. Тоа се денови кои го променија текот на целото човештво.

И секој народ во својата историја има еден таков епски ден. За нашиот многустрадален народ тоа е Илинден – празник на светиот пророк Илија, „земниот ангел и човекот небесен“, кој по земја одеше, но со небесната колесница управуваше и до голема височина достигна, до самите небесни пространства се искачи. Неговата уста беше заповедник на водите и клуч на небесата, зашто гласот негов до Господа стигна и три години земјата вода не вкуси (3 Цар. 17, 1); словото негово се произнесе и оган од небесата спушти (18, 38). Тој е пророкот кој го избра и благослови нашиот народ да биде закрилуван од неговите огнени молитви. Тој е пророкот кој ни го подари својот ден и своето име да бидат споменик на илјадници христољупци и родољупци кои ги положиле своите души за слободата на нашата најсвета православна вера и нашата возљубена Татковина. И не случајно на неговиот светол спомен нашиот побожен народ востанал против иноверното иго во 1903 г., кога иако физички поразен, извојувал морална победа. И не е просто и случајно совпаѓање тоа што на Илинден 1944 г. во манастирот „Св. Прохор Пчински“ е востановена првата слободна македонска држава. Сето тоа е едно непоколебливо сведоштво за непрестајното молитвено застапништво на светиот, славен и сефален пророк Илија за христољубивиот македонски народ пред Престолот на Света Троица.
Со безмерна благодарност за неговата молитвена закрила, денес Бигорската свештена обител торжествено го прослави неговиот сечесен спомен. После празничното богослужение и светата Литургија, нашиот родољубив старец, архимандрит Партениј, го отслужи свечениот чин на Доксологија – благодарност и славословие кон Бога за Неговите бескрајни милости кон нас, и молитвен спомен за сите оние кои паднале на браникот за слободата на верата и Татковината и со тоа на дело ги исполниле Христовите заповеди за пожртвувана љубов кон Бога и ближните. Зашто, според зборовите на нашиот старец, овие две заповеди потекнуваат и извираат една од друга. Љубовта кон Бога води кон меѓусебна согласност; а без согласност не може ни љубов да постои. Што поголема е љубовта кон ближните, толку посилна е и љубовта кон Бога; но таа љубов е најубава и најсилна кога ги опфаќа сите членови кои ја градат богодаруваната заедница, така што таа заедница како едно тело ги поднесува сите добра и зла. Целта, пак, на оние што ја раководат таа заедница е да ги приведуваат нејзините членови по патот на обожението во Богочовекот Христос.

„Сесвет Владико, по застапништвото на Твојот славен пророк Илија, прими ги нашиве благодарствени молитви во овој ден, кога си спомнуваме за херојското Илинденско востание, кое е почеток на нашето ослободување и преродба, и уште за денот на основањето на нашата славна држава. Душите на отците и браќата наши, кои јуначки се бореле и славно паднале во светите борби за нашата вера и татковина, или биле измачувани и убиени од непријателските војски, или паднале во заробеништво, упокој ги со оние кои од памтивек Ти благоугодиле. Нас пак, покажи нè достојни за слобода, во мир и единомислие сочувај нè, и на секое добро и благоугодно дело управи нè. Верните наши началници во мир и согласност сочувај ги и кажи им добри зборови во срцата нивни за Црквата и за целиот Твој народ. Амин!“ (Од чинот на Доксологија)