Средношколци од градот Тервел, Р. Бугарија, на запознавање со монаштвото во Бигорски

По иницијатива на благочестивиот бугарски бизнисмен и претседател на фондацијата „Българска памет“, д-р Милен Врабевски, а со благослов на нашиот најбогољубив старец, архимандрит Партениј, Бигорското светилиште ја имаше таа радост да им биде домаќин на една поголема група младинци од Средното општо училиште „Йордан Йовков“ од градот Тервел, област Добруџа, северна Бугарија. Всушност нивното доаѓање во манастирот е дел од проектот за практична веронаука на избрани членови од Клубот за автентичен фолклор и краезнание (локална историја) при споменатото училиште. Затоа овие младинци, заедно со својата професорка по историја, г-ѓа Стојка Жејкова-Маринова, во неколкуте дена што ги поминаа во Бигорскиот манастир, ја искористија можноста да се запознаат со основите на православната вера, како и со поредокот на манастирскиот живот, да присуствуваат на манастирските богослужби и да се насладуваат од вдахновеното источно-црковно пеење на монашките хорови во Бигорски и Рајчица. Но можеби најплодоносна за нив беше средбата со нашиот богомудар старец, кој со најголема љубов ги поучи за неминливото значење на православното христијанско учење, советувајќи ги да ги усвојат со сето срце христијанските принципи, зашто само тие би можеле да им помогнат правилно да се изградат како здрави и пожртвувани личности и, создавајќи вистински личносни односи со другите, да оформат и стабилно семејство, во кое ќе царуваат љубовта, мирот, разбирањето.

Слава Му на Бога што нѐ удостоил нас, православните, да Го спознаеме, да Го возљубиме и да Го сведочиме на сите, особено на младите генерации што доаѓаат за да можат и тие да ја спознаат Неговата љубов и, образувајќи се во Неговиот Дух, да поживиеат богоугодно овде на земјата и да ја стекнат радоста на Неговото вечно царство.

Во продолжение го поместуваме во целост текстот со впечатоците на нашите мили гости, што го запишаа заедно со својата ценета професорка Стојка Желкова-Маринова во книгата на спомени:

Расказ за едно гостување на учесниците во Клубот за автентичен фолклор и краезнание при СОУ „Йордан Йовков“, гр. Тервел, обл. Добруџа, Република Бугарија, до Бигорскиот манастир во Република Македонија, през летото 2014 г.

Ние сме ученици од деветти и десетти клас на средното училиште „Йордан Йовков“ во општина Тервел, со добра традиција во сферата на образованието. Усвојуваме знаења од различни области на човечкото познание, но поголем интерес пројавуваме кон историското минато и кон запазување на традиции и обичаи, поврзани најмногу со нашето христијанско постоење.

Како Клуб постоиме седум години. Вкупниот број на учесниците надминува 150 деца, на возраст од 15 – 19 години. Имаме и почесни членови, кои веќе работат во различни сфери, меѓу кои студенти, администрација и раководители на културни институции на територија на општина Тервел. Во последната 2013/2014 година почесните членови бројат околу 40 души.
Основните насоки на работа ни се пронаоѓање на архивски материјали и автентични истории за минатите собитија и факти, поврзани со важни годишнини на општинско и национално ниво, со нивните чествувања, како и запазување на народното фолклорно богатство на родниот крај и обновување на обичаи и ритуали во запазен автентичен вид. Учествуваме во национални и меѓународни иницијативи и конкурси со истата цел. Во своите дејности се потпираме на невладини организации кои ја прегрнале родољубивата идеја. Се стремиме да ги пазиме потпорите на нашата народност преку столбовите – училиште и просвета, црква и вера, и семејната традиција на обредите и фолклорот. Пронаоѓаме стари и автентични обичаи и ритуали, помагаме во организацијата и спроведувањето на традиционални фолклорни празници во општина Тервел. Барани сме и одговараме на потребите за формирање на состави за автентичен фолклор, со собирање на текстови и мелодии, правила и обреди, карактеристични за најголемите христијански празници.

Во последната година активно соработуваме со фондациајта „Българска памет“ и нејзиниот претседател, д-р Милен Врабевски, и тоа во неколку насоки: пред сѐ, сочувување на славјанските и бугарските корени преку запазување на кирилицата како дел од европската цивилизација; како и зачувување на споменот за значењето на делото на светите Браќа Кирил и Методиј.

Минатата година имавме иницијативи во врска со 1150 г. од Великоморавската мисија.

Речиси цела година баравме сведоштва за владеењето на цар Самуил и се подготвувавме за чествувањето на 1000-годишнината од битката кај селото Кључ, на планината Беласица.

Ги истражувавме и собитијата од Првата балканска војна од 1912/1913 г., во врска со 100 г. од нејзиното започнување.

Благодарение на нашата соработка со фондацијата, наши ученици имаа можност, неколку години по ред, да го посетуваат Брисел и европскиот парламент.

Оваа година дел од учесниците беа на еднонеделен семинар во градовите Варна и Велико Трново.

Друг дел – 13 учесници, 8 девојчиња и 5 момчиња – ја имаме честа да го посетиме Вашиот (Бигорски) манастир, во Република Македонија, на крајот од месец јули 2014 г.

Израдувани, баравме информации за Вас преку модерната технологија – интернет.

Со возбуда ги поминавме вратите на светата обител. И со малку измешани чувства на страв и љубопитство. Никогаш не сме присуствувале во манастир како негови гости. И уште со самото доаѓање влеговме во духовниот предел на црковната служба и нејзиниот чудесен тек. Се покажуваше нашето незнаење и неопитност – и при крстниот знак, и при однесувањето во храмот.

Животот на луѓето во манастир ни покажа како треба да се однесуваме кон светите и неминливи нешта.

Глетката на манастирскиот двор нѐ восхити. Меѓутоа, реалено гледано, зградите од манастирскиот комплекс се многу повосхитувачки. Денес (31.07.), кога ги пишуваме овие редови, зборовите не се доволни за да го опишеме нашиот восхит од нив, но најмногу од луѓето кои живеат во манастирот.

Браќата монаси со такво трпение, желба и ентузијазам ни ги покажуваа „богатствата“ на манастирот и неговата убавина, што восхитот не е доволен за да би можеле вистински да се изразиме.

Нѐ водеа во неговите најсвети места – по прекрасни коридори од масивно изработено дрво и ѕидови на кои се покажуваше неговата историја; од црковниот храм со чудесно изработениот иконостас, кој 6 години го резбале мајсторите од Дебарската школа, преку камбанеријата, монашките ќелии и работни простории, сѐ до новиот параклис.

Најголем впечаток ни остави библиотеката на манастирот – зографисаните фрески, полиците со книги и работните маси на читателите во неа.

И насекаде можеше да се забележи дека многу се работи на тоа манастирот да биде место за сочувување на источно-православната вера и погодно место за живеење на монаси. Монасите во Бигорски манастир се претежно млади луѓе, луѓе коишто прифатиле да Му служат на својот Бог до крај, имајќи мисија да го претворат манастирот во потпора на источно-православното христијанство, преку запазување на неговата светост.

Ви благодариме на сите Вас! Ние не видовме ниедно налутено лице, ниту, пак, знаци на умор или рамнодушност кај монасите. Сите Вие нѐ оградивте со толкаво внимание и љубов, коишто нѐ задолжуваат насекаде да раскажуваме за Вас и за Вашиот манастир.

Специјална благодарност до сите монаси! И најмногу до архимандритот Партениј – игумен на манастирот и негов преродбеник, кој лично ни посвети внимание, одделувајќи од своето скапоцено време. Средбата ни беше кратка, но мошне убава. Тој искрено се интересираше за нашиот однос кон верата. Нѐ поучи како да ја чуваме и поддржуваме во своите души. Воопшто не се возгордеа – напротив, тој разговараше како еднаков со нас. Живо се интересираше за нашата работа.
Навистина многу смирен и едноставен човек, кој со силата на Христа Бога за толку краток период направи голему чудеса, направи манастирот да изгледа толку убаво! Од другите научивме колку многу прави тој Христов син за мирјаните и монасите, а најмногу за претворањето на манастирската обител во омилено место на христијаните за смирение и молитва. Навистина Бог му дал сила да гради и поучува, да дава вера и надеж на луѓето што доаѓаат во манастирот.

Се радуваме што го имавме задоволството да го сретнеме. Такви луѓе ѝ требаат на мајката земја – луѓе со кауза и мисија. Таков е игуменот на овој манастир, за чиешто постоење не знаевме ништо, но за којшто со задоволство ќе раскажуваме по нашите родни места, со благи зборови; ќе раскажуваме и за делата на луѓето во него, за тоа дека се пример за подражавање, и за нас, и за родителите наши, и за тие што доаѓаат по нас.

Навистина така се запазува верата и родот!

Ви благодариме! За нас беше чест да Ве сретнеме Вас, мили луѓе! Бидете живи и здрави! И нека Бог Ви дарува сили да го продолжите вашето дело и да ја ширите порповедта на манастирот и на неговиот метох во Рајчица.

Бог нека биде со Вас!