Љубовта распната на Крст

Денес живоносниот сад од незаодните земни прегратки излегува, и го објавува Воскресението на Христа, прикованиот на него; издигнуван и од рацете на свештениците, го објавува и неговото издигнување на небесата. Преку него, нашата природа, од падот на земјата на небесата жителствува; затоа, благодарствено да повикаме: Господи, Кој се вознесе на него, а со него и нас нѐ совознесе, удостој нѐ со Твојата радост небесна како Човекољубец.

Стихира од Вечерната на Крстовден

На крстот Христов му пее Неговата Црква, на Неговиот Крст се поклонува, на Крстот му служи, со Крстот се крунисува, со Крстот се оградува, со Крстот се овенчува невестата Христова. Сите делови на светот приведени се кон спасение со деловите на крстот, зашто тој со четирите свои краци го собра сиот свет на поклонение. Преку него милостивиот Господ и Своите четири добродетели ги објавува: возвишеноста на Небесната слава, и длабината на смирението, и ширината на милоста и љубовта. Крстот е наша пофалба и сила и оружје за борба со демонските сили. Облечени во силата на Крстот, бараме од Господа милост, молејќи ја Љубовта распната на Крст, за двојна победа против злото и страстите. И веќе не талкаме по пустините и беспаќата наши, зашто во Крстот го познавме вистинскиот пат, и веќе не сме надвор од Царството зашто преку Крстот пронајдовме влез во него. Блескајќи далеку на хоризонтот, во длабочините на ова темно небо на нашиот живот, во подножјето на небесниот Ерусалим, Чесниот Крст животворен и спасителен за светот ја излева својата сила, недостижна, непобедлива и божествена, го покажува патот и ја отвора вратата за сите нас. А ние, наведнати под бремето на своите крстови, жалости и таги, чекориме смело кон она блескаво небесно знамение, далечно, а сепак, толку блиско. Со неговата сила се оградуваме, со неговата сила се крепиме во спасителната и напорна борба. Чекориме изморени, паѓаме, но пак се креваме и продолжуваме на патот на нашето крстоносење.

Затоа сега, високо издигнувајќи го крстот, се издигнуваме и ние со него, и обновувајќи го Воскресението Христово, се обновуваме и ние со Него. И објавувајќи ја уште еднаш победата Христова над смртта, на сите страни го сведочиме ова моќно Христово знамение кое се јавува во светот како победа неодолива. Го издигнуваме ова победничко оружје исто како што се издига знамето за да ги повика своите војници на подвиг и победа. Зашто и денес, во подножјето на Крстот продолжува оваа борба помеѓу доброто и злото, заради љубовта и омразата кон Оној Кој се распна на него и со Својата крв го освети.

Христовиот Крст, на кој нашиот Спасител нѐ обедини во едно тело, нас Своите расеани деца, донесе во домот на светиот Великомаченик и Победоносец еден свештен собор на верници од целата наша земја, кои молитвено собрани во љубов кон Христа и еднодушно, со голема ревност, торжествено го прославија светиот празник на неговото Воздвижение. Честичката од Чесното Дрво која со посебна убавина сјаеше од раскошната и цветно украсена икона на Воздвижение, уште повеќе го сведочеше радосниот и триумфален повод за овој собир. Затоа во мигот кога нашиот возљубен Старец Партениј го изнесе од олтарот, а потоа многупочитуваниот наш владика, митрополит Тимотеј, го издигна на средината од храмот Живоносниот Крст Христов, додека од сите страни се слушаше умилителното „Господи, помилуј“, сите присутни ја почувствуваа неговата благодатна сила. Оти Крстот, изнесен од „Светињата на Светињите“, од земното небо, од олтарот Божји, издигајќи се високо преку рацете на архијерејот, ја благослови целата Вселена, ги осени сите страни на светот, за секој да види, да ја сознае и почувствува власта на ова големо знамение на победата. Некогаш така, со истото торжество и победничко ликување стоел високо издигнат во рацете на Патријархот, во времето на Константин, и ја објавил победата на христијанската вера, и покрај сите нејзини прогонства и суровост на мачителите. Сега, пак, ние се потсетуваме на тоа радосно собитие, исповедајќи ја уште еднаш непоколебливо и силно верата во Крстот, на очиглед на сите негови непријатели. Затоа со толку голема сила се впечатуваа во душите на присутните празничните стихири, плетејќи венец на слава на Крстот, и утврдувајќи ги во намерата решително и смирено до крај да си го носат својот крст, до конечната победа, кога ослободени од секакви грижи, со огромна љубов ќе го положат во подножјето на сечесниот Крст Христов.

Голема поткрепа за смиреното носење на својот крст, за присутните беше вдахновената беседа на нашиот многупочитуван архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, кој чиноначалствуваше со празничната архиерејска Литургија, и кој изнесувајќи ја својата пофалба за Крстот, не пропушти да ни го нагласи значењето на крсната љубов што Спасителот ја бара од секој од нас:

„Драги браќа и сестри,

Денеска, пред почетокот на светата Литургија, го изнесовме светиот Крст Господов од светиот олтар. Го поставивме среде храмот за поклонение, пеејќи ја познатата песна: „Кресту Твоему поклањаемсја, Владико, и свјатое Воскресение Твое славим“. Затоа денес најмногу прилега да ги насочиме нашите мисли кон Чесниот и Животворен Крст на нашиот Спасител Господ Исус Христос.

Откако на Голгота нашиот Спасител беше распнат на крст помеѓу двајца разбојници, и на него доброволно ја испи целокупната горчина на страдањето заради нас луѓето, Крстот Господов постана и симбол на нашето спасение. На него Господ Исус Христос ја потврдил новата заповед: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг, како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“ (Јн. 13, 34). Но, Он, исто така ја возвиши и сострадалната љубов: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Јн. 15, 13). Од Голготскиот Крст, пак, се слушнале и молитвените зборови на Господ Исус Христос: „Отче, прости им, бидејќи не знаат што прават!“ Од истиот тој Крст, распнатиот Бог ги изрече најутешните и спасителни зборови кон покајаниот разбојник: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лк. 23, 34 и 43). Оваа нова сострадална љубов ги отвори вратите на царството Небесно. Таа љубов, која засветли од Голготскиот Крст, преминува и на сите Христови следбеници. Сведоци за таа крсна љубов имаме уште од најраното време, почнувајќи од светиот архиѓакон Стефан, преку светите апостоли и илјадниците маченици, великомаченици, исповедници, испосници и подвижници, и сите светии. Симболот и силата на нашето спасение се наоѓа во сострадателната љубов, во Чесниот и Животворен Крст Господен. Затоа во светата Црква нема ниту едно друго празнување на кое се посветени толку денови, колку што има за светиот Крст Господов. Секоја среда и петок се посветени на Крстот. Исто така, песнопенијата од дневниот богослужбен циклус во среда и петок се посветени на крстните страдања на Господ Исус Христос, што се наразделно поврзани и со страдањата на Неговата пречиста Мајка. А како круна, пак, на овие годишни празнувања во чест на светиот Крст, се јавува Велики Петок – денот на најголемите страдања на Господ Исус Христос, но истовремено и денот на спасението на човечкиот род.

Токму затоа ние, христијаните, се поклонуваме на Крстот Господов и Неговото свето Воскресение го славиме. Зашто без Крстот, по кого следела и смртта на Спасителот, нема ниту воскресение. Ние знаеме дека воскресението е темел врз кој е создадена Црквата, поради нашето спасение. Св. Ап. Павле во своето прво Послание до Коринтјаните многу јасно вели: „Ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и верата ваша“ (1 Кор. 15, 14). Но, нашата вера во Христа е вистинска и жива, и е потврдена како веродостојна од безброј сведоци, почнувајќи најнапред од Пресвета Богородица и од побожните жени мироносици, апостолите, недобројните маченици, исповедници и подвижници, преку сите овие 20 векови, па сѐ до наши дни.

Поклонувајќи се на чесниот Крст Господов, ние всушност се поклонуваме на нашиот Спасител, Кој на Крстот го изврши нашето спасение и го избави човечкиот род од вечната смрт. Затоа светиот Крст е најголемата светиња и симбол во нашата вера. Него го гледаме во сите наши цркви и манастири. Го имаме во нашите домови, но неретко се носи како симбол на градите. Крстот во овој свет, кој е исполнет со грев и пороци, како што и пред Христа бил орудие на срам, така и денес за многумина е „соблазна“, а за други, пак, „безумие“, но за нас, кои се спасуваме, Крстот е „сила и премудрост Божја“ (1 Кор. 1, 18-24).

Светиот Крст, преку светата тајна крштение, постанал не само симбол, туку и услов за нашето спасение. По Воскресението, Господ Исус Христос рекол: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата“ (Мт. 28, 18). Но, не треба да заборавиме дека Он ги воспоставува и светите тајни во Црквата. Една од клучните свети тајни е светата тајна крштение, бидејќи Самиот Господ Исус Христос вели: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Мт. 28, 19-20). Но, исто така Господ Исус Христос во Евангелието според Марко додава: „Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува ќе биде осуден“ (Мк. 16, 16). Така, крстот постана мост, преку кој се поминува, за да се влезе во утврден град – во Црквата Христова без која нема спасение.

И во светата тајна миропомазание, новокрстениот крстообразно се помазува со свето миро по целото негово тело, со зборовите: „Печат од дарот на Светиот Дух“. Тоа, пак, значи, крстениот да расте духовно во полнотата Христова, и Крстот Христов да го пази, да го штити, за да може да биде вистински член на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. И ние денеска, прославувајќи го Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст Христов, да се очистиме од сите лоши мисли и ниски страсти, па достоинствено да се поклониме на Крстот Господов. А Божјата благодат, односно Неговата сила, нека нѐ следи во нашиот живот, како вистински членови на нашата света православна Црква. Амин!“