Бигорски го слави делото на св. Климент

Хранет со божествените догмати, народите мизиски ги упати во божесвената вера; откако ги приведе со крштението, ги направи народ избран, избавувајќи ги од различните страсти. Отче преподобни, моли Го Христа Бога, да ни дарува милост голема.

Сега ни се дава големо и смело дело, зашто да се зборува за славниот св. Климент не е лесно, и бара од нас внимателно во неговиот свет живот да се задлабочиме, и во неизмерните длабини на неговото богословие да се нурнеме. Но ние кои се чувствуваме како чеда на овој свет првопастир, се радуваме на честа што Бог ни ја доверил и топло Му благодариме што нѐ удостои со нашите мали зборови Охридскиот незаоден светилник да го пофалиме, и неговото големо дело торжествено да го објавиме. Зашто Свети-Климентовата Дремвицко-Величка епархија достоинствено ги постави темелите на Охридската Архиепископија, а самиот тој како епископ духовниот живот на своето стадо го зацврсти, будно бдеејќи над нивните души и премудро поучувајќи го свештенството да живее според канонското начело. Како прв словенски владика, се погрижил и словенската богослужба на нашите простори да ја сотвори, а како просветител неуморно ревнувал и Универзитет во Охридската столица да отвори и во него повеќе од 3. 500 ученици во вистинската наука Божја да упати. Заради славните му дела и архиепископ го нарекувале иако оваа титула дури по неговата смрт му била дадена, кога Охридската Архиепископија веќе постоела. Свети-Климентовиот Универзитет, таа Охридска книжевна школа, како верна следбеничка на глаголското писмо, верно традицијата на свв. Кирил и Методиј ја негувала. Затоа и Ласло Хадрович забележува: „Св. Климент и неговата школа, непосредните и посредните продолжувачи на неговото дело претставуваат темел на словенската црковна организација, непрекината традиција на словенската Божја служба, органски развој на литературната дејност, органски развој на црковната и световна уметност, дефинитивна афирмација на народната самостојност и цврста поврзаност со европската култура. А севкупно, тоа значи победа на Климентовиот дух над сите непријателски сили, над разни освојувачи, над сите тешки историски искушенија“.
Работејќи неуморно на Христовата нива, св. Климент бесловесниот словенски народ го просветил, а за училиштето каде народот се образовал, било потребно и препишувачка школа да се создаде, каде монасите неговите дела на словенски јазик ги умножувале, а од тие книги најмногу свештениците се просветувале. И настана така и црковната библиотека, првата од таков вид кај јужните Словени. Бидејќи, пак, народот многу го сакаше и почитуваше, неговото дело остана и после него да им биде од помош на идните пастири на Охридската Архиепископија, кои од неговиот пример секогаш се поучувале и неговите дела ги подражавале. Затоа и самостојноста на Охридската Архиепископија во кризниот XI век била одбранета, не само поради повелбите на Византискиот император туку и преку големиот култ на св. Климент, кој првите темели добро ги постави и свои достојни наследници подготви. Овој навистина голем човек од св. Теофилакт „нов Павле меѓу новите Коринтјани“ беше наречен и со тоа покажа дека нашата Црква „со животот на луѓе кои блескаат со своите чудеса е украсена“. Самиот Теофилакт и опширно житие му напиша, а во негова чест и голем дел на празнични стихири сотвори, кои темел на идната негова архиепископска богослужба станаа. Во сите негови дела Теофилакт возљубениот ни првоучител со апостол Павле го споредува. Охридскиот Архиепископ Димитриј Хоматијан кратко Климентово житие напишал и четири канони во негова чест на богослужбата ѝ додал, дури и Охридскиот Архиепископ Константин Кавасила на свв. Климент и Наум еден канон им посветил. А Григориј I со свои стихири оваа чудесна богослужба ја збогатил.
Културните традиции на Охридската Архиепископија низ сите политички промени опстанале и како постојано присутни во духовниот живот на Црквата се сочувале. Охридските архиепископи низ сето 800 – годишно постоење на славната Охридска Архиепископија делото на св. Климент силно го почитувале, а и денес таа обновена во лицето на Македонската Православна Црква, не престанува да го величи. Токму затоа нашата Мајка Црква денес неговиот свет спомен го слави, како патрон, духовен татко и небесен покровител на нашиот благочестив народ.
Бигорското Светилиште, чиишто врски со Охридската Архиепископија од самото нејзино постоење па сѐ до денес се нераскинливи и оваа година торжествено споменот на возљубениот архипастир св. Климент го прослави. Овој чудесен нов апостол на љубовта и денес го собра верниот народ, кој така срдечно и топло му се обраќаше, молејќи го да ја заштити нашата Црква од искушенијата во кои таа се наоѓа, да го испрати на нејзините членови својот татковски благослов и заштита:
„Доброволно испосништво и труд си посакал, богомудри, и рамноангелен и духовен живот на земјата си покажал; а за многубројните подвизи си примил награда – даровите на Светиот Дух, бидејќи си бил пастир на словесното стадо и неисцрпно море на чудеса; и совршенство на свештенството, правило на монасите, вистински пророк на (идни) настани, учител на многу народи и нов апостол“.