Воведение на Мајката Божја

Денес Богородица – храмот во којшто Бог се сместува – во храмот Господов се приведува, и ја прима Захарија. Денес Светињата над светињите се радува, и хорот ангелски торжествува; и ние заедно со нив денес празнувајќи, да повикаме: Радувај се благодатна, Господ е со тебе, Кој има милост голема.

Литијна стихира на празникот

Се воведува денес Онаа Која е посветена на Бога, предизбраната да биде носител на Синот Божји. Се воведува во Светињата над светињите, како предобраз на Рајот, и влегува таму за со себе да ги воведе сите луѓе, покажувајќи дека само преку Неа човечкиот род се спасува и влегува во Рајот.

Бигорската свештена обител, облагодатена од топлата љубов и посветеност кон Мајката и Заштитничка на монасите, со молитвена ревност се нурнаа во торжественото богослужение во чест на ова големо и значајно собитие од животот на Богомајката. Умилните стихири исполнети со пофалба кон небесната Царица, Која како тригодишно дете се воведува во храмот, водена од нејзините свети родители, во срцата на присутните, како таинствено откровение за тајната на спасението, будеа силна надеж и тврда увереност дека Домостројот на спасението продолжува, дека ветувањето дадено од Бога, не е празно и во свое време ќе се исполни. Присуството на Мајката Божја преку обилната благодат раѓаше небесна радост, а тоа радосно славење беше умножено и со една друга радост, радост што ни ја донесе едно божествено покајание, враќањето на една драга личност во прегратките на својот татко, подобно на параболата за блудниот син. Се радуваа браќата на ова покајно враќање во закрилата на монашкото семејство, по молитвите на Претечата и големото застапништво на Пресветата Богомајка. И нека Пречистата Богородица со своите мајчински молитви помогне тој благодатен зрак што го допрел срцето на блудниот син, да ги просветли и умовите наши и преку покајание, а заради поранешниот труд во послушание, повторно да нѐ приведе кон татковските прегратки.

Ти благодариме, најсвета и највозљубена Владичице наша, што на овој ден кога торжествено го славиме Твоето Воведение во храмот, ни ги исполни срцата со таква радост и со Твоите мајчински молитви измоли од Твојот син таков дар и утеха за срцето на нашиот старец. Ти си нашата надеж во искушенијата, и ревност во молитвата, пример во љубовта и поткрепа во подвигот. Биди со нас во сите денови на овој привремен живот и поткрепувај ги нашите срца со Својата неизмерна благодат, научи нѐ Твојот Син и Бог наш уште потопло да Го љубиме, молитвите свои поусрдно кон Него да ги упатуваме, чувај нѐ од стапиците демонски та да можеме до крај во љубов, покајание, послушание, единство и слога да пребиваме, својот старец да го успокоиме и на Бога достојно да му служиме. Амин!