Прославен Солунскиот чудотворец, пофалбата на монасите

„Неугаслив светилнику, незаспиен блесок, на оние што пловат по море – тивко пристаниште и безметежно по благодат, откако се собравме, во песни достојно те воспеваме молејќи се: по твоите молитви од бури духовни избави ја Црквата, за која мажествено се подвизуваше“.

Оној кој благоволи да биде молитвен закрилник на Раичкиот монашки дом, станувајќи еден од патроните на параклисот, оваа ноќ нѐ собра на свечена Богослужба за да го прославиме неговиот светол спомен. Божјата промисла премудро ни го донесе и Старецот во манастирот, та бивајќи поткрепени со неговите живоносни поуки, нашите срца се отворија за да ја примат благодатта што ноќва Солунскиот Учител на Црквата измоли обилно да се излее врз нас. А таа благодат беше удвоена со молитвениот принос на нашиот Старец, кој со посебно умиление и духовна сила и длабочина ја отслужи светата Божествена Литургија и сите нас нѐ нахрани со благодатната и бесмртна храна – Телото и Крвта на нашиот Спасител.