Воскресение Христово – Пасха

Болскоти сега ноќта, облечена во светлина невечерна и светли појасно од најблескавиот ден! Изблици од радост се креваат до небесата; небото и земјата соединети славословија и химни принесуваат. Се радуваат сите сили природни и сите стихии ликуваат; злото е поразено, сета природа се очистува и за непропадливост се обновува. Се радува и раскошно украсената Невеста Христова – Црквата, и со радост го поздравува Женихот, Кој во сета красота доаѓа од гробот како од палата. Денес радосно ликува и нашиот прататко Адам, ослободен од првото проклетство и ги подава рацете заедно со Ева, воскреснувајќи во Господа. Денес и да сакаме да молчиме, не можеме – срцето не допушта! Се бунтува тоа во градите како да сака да излезе и на цел свет да му ја објави божествената радост што го исполнува. Затоа денес, Господи, дај ни глас достоен на ангелскиот, кој силно одекнува во сите краеви на земјата, за да можеме со усти незамолчиви Твојата победа над смртта торжествено да ја објавиме:

Христос воскресна! – бледнее смртта победена од блескот на Животот! Христос воскресна! – благовестат жените мироносици, кои слушнаа радосна вест од ангелот. Христос воскресна! – проповедаат апостолите, гледајќи Го пред себе Господа воскреснатиот. Христос воскресна! – се разнесува по целиот свет, со безброј знаменија и чудеса. Христос воскресна! – велат и мачениците, непоколебливо трпение покажувајќи. Христос воскресна! – ликуваат архијереите, исповедници и учители на црквата, црпејќи од тоа сила на верата и мудроста. Христос воскресна! – велиме и ние, славословејќи го животот вечен што пред нас се отвора, зашто нам ни се отворија дверите на рајот.

Радувајте се, сите вие, кои во Христа умирате, радувајте се и вие, болни и тажни, радувајте се, вие, кои Христа ради пострадавте, радувајте се и сите вие, живи на земјата, за сите вас е подготвено Царството вечно. Во него со Христа ќе царувате, Нему ќе Му служите и Него во вечност ќе Го славите! Зашто воскресна Христос и демоните ги сруши, воскресна Христос и ангелите се радуваат. Да се зарадуваме и ние, заборавајќи на сè што нè разделува и заедно да ја запееме победната песна со торжествени звуци: Христос воскресна од мртвите…

Бигорскиот храм со благодатните зраци кои извираа од небоземната и несекојдневна Божествена Литургија, отслужена на цветниот Епитаф, уште утрото, на Велика Сабота, внесе светлина во нашите души, предвестувајќи ја неповторливата експлозија на Пасхалното ликување, чудесното слевање на живата и неживата твар, на небото и змејата и на сета вселена, во една непрестајна химна на Животот, Кој излезе од гробот. Закитен со својата бела празнична одежда, озарен со сјајот на Благодатниот оган, што еве веќе шест години го облагодатува пасхалното богослужение со благословот од Гробот Господов, а најмногу украсен со огромното мнозинство христокопнежливи души со благи насмевки, од кои пробиваше невечерната радост на Осмиот ден, тој наликуваше на онаа небесна свадбена одаја, очекувајќи го триумфалното влегување на Женихот. Среде ноќната тишина на трепетно исчекување, свечениот глас на нашиот старец, архимандрит Партениј, умилително го благовести евангелското сведоштво за Воскресението, и наеднаш мигот што сите го очекувавме – Христос воскресна!, громогласно одекна воскликот на илјадници усти, како силен печат на верата во Воскресението на Спасителот. А потоа сè се слеа во една прекрасна хармонија на звуци, бои, светлини, и како повеќе да не бевме тука, туку во прегратките на воскреснатиот Христос, впивајќи ги од Него животворните благодатни сили и живеејќи го и своето сопствено воскресение. Срцата наши посакуваа ова блаженство никогаш да не престане, и како апостолите на Тавор извикнуваа: „Господи, добро ни е да бидеме овде“ (Мт. 17, 4). Зарем има нешто друго на светот што би можело со оваа радост да се спореди?

Возвишен Победителу на смртта, вечен Жениху на душите наши, најбожествен Исусе, Тебе Ти се обраќа устата наша, Тебе во радост Ти воскликнува духот наш: дојди оваа ноќ, дојди, Најсладок наш, и влези макар и низ заклучените двери на нашето срце, влези и излеј над нас изобилен дожд на Својата божествена благодат! Дај ни сега да се насладиме од Твојата рајска храна! Лицето свое од мракот гревовен и животен да го одвратиме и кон Тебе, изгреано Сонце на правдата, да се обратиме, со Твојата незаодна светлина да се озариме! И удостој нè при општото Воскресение Твојата слава неосудено да ја видиме и Твојот божествен, најљубезен, најсладок и најпосакуван глас да го слушнеме: „Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот“ (Мт. 25, 34)

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!