Света и Велика Сабота

Да слеземе и ние заедно со Него и да се израдуваме, да побрзаме, песна да отпееме и да видиме како Бог се измирува со луѓето: Како себлагиот Господ ги ослободува осудените

од Словото на св. Епифаниј Кипарски за Велик Петок

Каква е оваа чудесна глетка која толку силно го потресува и пред која скрушено стои целото наше битие?! Каква е оваа тајна која денес се извршува и оваа необична светлина која така тивко и ненаметливо се пробива низ страшниот призор во темнината?! Умот наш немоќно стои обидувајќи се да ги разбере чудесата кои денес се извршуваат. Бог е погребан, но гробот нема сила да Го задржи; Неговото мртво тело во плаштаница е обвиткано, но силата на Божеството и низ неа се пробива; во адот се симнува, но адот не може да Го голтне, зашто Он ги раскина неговите окови, востановувајќи трофеј непобедлив. Сега уште останува блесокот од Неговото сесветло Воскресение сосема да го разори царството на смртта.

И ете, Бигорски дише денес со воздишки на свештено исчекување. Со молитвен плач наместо со добри дела, стоиме пред раскошниот цветен Епитаф, тој преукрасен гроб на нашиот Господ, кој како дар од нашите раце, а како Свое од Своите, Му го принесуваме на Бога наместо скапоценото миро излеано врз Неговото Божествено Тело. Ги пееме прекрасните стихови излеани од богомислието на светите отци, и се пренесуваме во најсветите мигови од животот на нашиот Бог, прашувајќи се самите себе: Што да Ти принесеме, Господи?! Имаме ли нешто друго освен нашите воздишки што во овој миг ги полагаме пред Тебе?! Тука, заедно со Тебе и ние се погребуваме, ги погребуваме и нашите гревови, слабости, стариот извалкан човек; Те оплакуваме Тебе и за нашата бедна душа ридаме. Прими го сето ова како најмал дар, како две лепти и стави ги во Твојата небесна ризница. Еве и Твоето погребение го славиме, знаејќи дека овој гроб нов живот ни подаде. Знаеме дека во срцата полека ќе ни зазори светлоста на невечерниот ден, кој неискажлива, ненадминлива радост ќе испише на лицата наши. Уверени сме, зашто ова утро, чудесните стихови на Великиот Прокимен, чијашто неповторлива мелодија, придружувана од безбројните цветови победнички распослани по целиот храм, го најавија Твоето Воскресение.

Долготрпелив Господи, Кој заради нас си се распнал и погребал, послушај го нашиот скрушен плач кој Те повикува да станеш од мртвите. И како што си ги разрушил портите на адот, за од таму да ги изведеш од векови заспаните, разруши ги и портите на нашето нераскајано срце, за и ние да излеземе од духовното мртвило во кое се наоѓаме, та да ја почувствуваме благодатта на обновувањето и да не бидеме лишени од плодовите на Твоето Воскресение.

Проповед на Велик Петок

Од Родион Путјанин

Молчи устата на Спасителот, не зборува јазикот, но говори срцето Негово. Чуј што ти порачува срцето на Спасителот:

-Гледаш ли, колкава е Мојата љубов кон тебе! Ти постојано стравуваш за твоето спасение. Јас лежам мртов, Јас умрев за твоето спасение. А ти, пак, мислиш дека твоето спасение е невозможно. Зарем ќе очајуваш? Да, Јас однапред знаев, уште пред да се родиш дека ти ќе се сомневаш и ќе очајуваш за своето спасение. Сите грешници се такви; кога грешат ништо не може да ги запре; за ништо не мислат туку само за гревот и дури откако го сториле гревот, настапува стравот и мислат дека пропаднале засекогаш. Јас ова однапред го знаев. Затоа и умрев, та со Својата смрт да те спасам, душата да ти ја успокојам, та да престанеш да очајуваш. Знај, за таквите Јас умрев, за оние што велат: „За нас нема спасение!“
-Грешнику, Јас не би умрел за тебе, кога би знаел дека ти нема да престанеш со твоето очајание. Твоето очајание, верувај, би ги задржало Моите страдања и Јас не би се доближил до Својата горчлива чаша. Мислиш дека би умрел? Гледаш ли, колку е голема Мојата љубов кон тебе! Тешка, горчлива ми беше чашата на страдањата. Грешнику, ти слушна колку болки, колку душевни маки Јас поднесов во Гетсиманската градина. Колку патев! И што е тоа што Ме поттикнало да одам во смрт? Мислата за тебе, грешнику, Мојата желба да те спасам. Кога среде болките мислев на тебе, дека само Моите страдања и Мојата смрт тебе ти носат спасение, дека без Мојата смрт за тебе нема надеж, – о, да знаеш дека доброволно тргнав да страдам, да ја исполнам волјата на Небесниот Татко. Гледаш ли, колкава е Мојата љубов кон тебе!

Тешко Ми беше кога Ме судеа. Сите Ме обвинуваа, а Јас за тоа не ги обвинив, за секоја измислена вина ме тепаа. Јас молчев. И кога силните удари почнаа да паѓаат, Јас им зборував, тие пак Ме тепаа. А кога замолкнав, тие Ме плукаа, Ми се потсмеваа, Ме ругаа, грешнику! И најпосле Ме распнаа меѓу најголемите грешници, злочинци. Тешко Ми беше да висам на Крстот, главата Ми беше избодена од трновиот венец, рацете и нозете прободени од клинци. Многу патев, а Моите ближни, што стоеја покрај Крстот, не смееја да Ми помогнат. Во тој час, така, тешко Ми беше, што морав од длабочината на душата да воздивнам и не можев, а да не извикам кон Мојот Отец: – Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?
А, што Ме гонело да трпам и ругање, и маки, и плукање, и удари, и крст и смрт? Мислата за тебе грешнику, Мојата желба да те спасам од гревови! Ќе пострадам – си мислев – ќе се измачам, сè ќе претрпам, само тој, грешникот, да не се мачи. И Мојата желба да те спасам толку сила ми влеа, што пред страшните маки посакав пострашни страдања и поголеми болки. О, зарем не гледаш колку голема е Мојата љубов кон тебе! Никој не те сака повеќе од Мене; Ете, и Својата душа ја полагам за тебе. Те сакав пред да се родиш, пред да згрешиш; те сакав кога не мислеше за своето спасение. И зарем да не те спасам сега кога молиш за милост?!

-О, грешнику мој, поради Моето страдање не очајувај, заради Мојата љубов; не биди малодушен поради Мојата смрт. Не стравувај, моли се, моли Му се на Бога да ти прости; ќе те спасам, колку и да ти се големи гревовите. Јас ќе те спасам, Јас ќе те оправдам.

Така, ете, набожни христијани, Светата Црква, загрижената Мајка, подробно ни ги спомнува Христовите страдања;Ете, грешнику, срцето на Спасителот од гробот ова ти го порачува, да се увериш дека Господ ќе те спаси и помилува! Амин!