Свет и Велик Петок

Денес Господарот на созданието стои пред Пилат и на Крст се предава Творецот на сè; како Јагне воден доброволно, со клинци се приковува и во ребрата се прободува и со сунгер се напојува Оној, Кој пуштил манна; по образите Го удираат Избавителот на светот, и од Своите слуги е исмејуван создателот на сите: О, човекољубие Владично, кое за распнувачите Го молеше Својот Отец, велејќи: Отче, прости им го овој грев, зашто беззакониците не знаат каква неправда прават.

Стихира на Вечерната од Велики Петок

Како срцето да остане рамнодушно, кога сета твар тагува и сострадува со својот Творец? Како очите да не просолзат, кога небото плаче и од тага го помрачува окото свое? Како душата да не затрепери, кога земјата од страв се тресе, и карпи се распаѓаат, и гробови се отвораат? Како да Ти произнесеме слово, Исусе, кога целата природа во ужас молчи? Какви ли зборови ќе ја опишат оваа страшна глетка пред нашите очи? Би рекле само – распната Љубов! Оти не Пилат и не гордите фарисеи, ниту, пак, неблагодарниот Еврејски народ, туку самата Твоја љубов Те распна, Спасителу наш! Истата онаа љубов со која нè возљуби нас, Твоите грешни чеда, и која Те наведе да слезеш на земјата, во човечко тело да се облечеш, да скиташ презрен од сите, на сите добрини да правиш, и како јагне кое оди на доброволно колење, да дозволиш да бидеш биен по плеќите и образите, без да го свртуваш лицето од плуканиците. Сега таа љубов на Крстот Те прикова. И што да кажеме? Се поклонуваме на Твоите Страдања со кои нè избави од проклетството, и Те славиме Тебе, Љубов воплотена, Кој заради нас чашата горчлива до крај ја испи за да го довршиш нашето спасение.

Украсен со големото Распетие, како средиште во кое се среќаваат сите молитви, солзи и воздишки на големото мнозинство верни, присутни во храмот, Бигорскиот храм добива една вонвремена димензија, станува свештена сцена за една свечена и достоинствена крстовоскресна драма на болката, но пронижана со радост. Не можеме да ги оттргнеме погледите од таа страшна глетка: ги гледаме Христовите нетлени стапала приковани за Крстот – приковани се за да ги упатат стапките наши на патот на вистината, верата и добрината; ги гледаме Неговите на Крстот раширени раце, тие се слика на огнената љубов со која Он нè љуби. Овие Негови распнати раце се шират да нè земат во прегратка и на Својот небесн Отец да нè предадат, правејќи нè Негови деца и синови Негови по благодат. Натопена со болка од тажните звуци на псалтите што го опеваат Христовото страдање, глетката како да оживува пред нашите очи, како Сам Христос да стои пред нас, распнат, и во болката на Неговото лице ја гледаме својата вина, во клинците приковани на Неговите раце го гледаме својот грев, во копјето што ги прободува Неговите ребра – своето непокајано срце. И бараме прошка од Него што со Своите слабости и страсти одново Го распнуваме, што толку малку ја цениме Крвта скапоцена што за нас беше пролеана, што и покрај така високата цена толку малку се грижиме за своето спасение. И плачеме сега веќе не поради Него, туку поради нашата непостојаност и мала љубов.

Стоејќи сега пред Крстот Христов да застанеме пред судот на нашата совест и на Господа скрушено и покајнично срце да Му принесеме, и молитва да Му упатиме да ни даде сили од гревот да се разбудиме, одново духовно да оживееме и да научиме љубовта и присуството Христово да го примиме. И потоа со таа љубов да излеземе и светот да го преобразиме, во одежда на Христовиот рај да го претвориме! Но за да можеме тоа да го направиме потребно е да умреме за гревот, себе да се предадеме, зашто да се љуби значи да се заборави на себе и да се живее за другиот. Затоа да умреме сега за својот егоизам за да можеме да воскреснеме со љубовта Христова и да живееме за Бога и ближните. Амин!

Добро Воскресение!

Добра Пасха!