Свет и Велик Четврток

Со Твојата чаша на радоста, Добри, избавителна за целиот човечки род, откако ја наполни, ги напои Твоите ученици, бидејќи Самиот Себе се жртвуваш, викајќи: Пијте од неа, ова е Мојата крв, и со вера утврдете се!

од канонот на утрената

Какво непроценливо богатство се распослало пред нас, на допир на нашите раце, верни, во овие седум необични, неповторливо силни и за душата потресни денови, оваа скапоцена бројаница со седум прекрасни бисери, нанижани премудро, секој поблескав од другиот, но сите со својата длабока смисла и скриен внатрешен сјај, подеднакво поучителни и полезни. Откако најпрвин се восхитивме од непорочната чистота на добриот Јосиф од Стариот Завет и се сепнавме од казната на исушената смоковница, се поучивме потоа од примерот на десетте девојки и се утврдивме во ревноста за правење на милосрдни дела, а поттикнати од постапката на непознатата блудница, која измоли прошка за своите гревови, не го избегнавме и нејзиното спасоносно покајание. Но сега, сега во ужас стоиме пред едно страшно предавство, една неблагодарност, еден погибелен удел, но и едно неискажливо долготрпение и бескрајна добрина на нашиот себлаг Творец. И веќе душите наши, како оној трговец од Евангелието кој го пронајде скапоцениот бисер во нивата, непогрешливо ја препознаваат вредноста и на овој бисер, го симнуваат од низата, внимателно и со љубов го поземаат и го кријат длабоко во себе, за поуката што тој ја носи да се вреже во нас и никогаш да не го заборавиме уделот на Јуда и крајот на таа огромна неблагодарност и дрскост. Но и со вера и надеж да се сеќаваме на долготрпеливата љубов и благост на предобриот Господ, Кој иако предвреме го виде Јудиното предавство, сепак не се згнаси од него, и најпрвин во Своето крајно смирение како Господар му ги изми нозете на Својот слуга, а подоцна на Вечерата што ја востанови за наше спасение не го лиши ни од дарот на Своите страшни и животворни Тајни. Оваа надеж е нашиот цврст столб кој нѐ држи оти нема човек кој барем еднаш во себе не видел одраз на лицемерноста и предавството Јудино, и само преголемата милост Христова и нашето мало покајание нè спасува од таквиот негов беден крај.

Среде овие чудесни денови на сострадално сведоштво на настаните што засекогаш го променија светот и човекот, а нам ни ја вратија загубената татковина, и Бигорската обител, преку сите тие чудесни богослуженија, се покажа како онаа плодна нива во која се крие таинствено богатство, и сè поголемо мноштво верни ги оставаат за миг своите грижи и светските суети и доаѓаат да заораат молитвено во бигорските длабини за да го пронајдат скапоцениот бисер. А тој бисер, тоа бесценето богатство во овој Свет и Велик Четврток ни се открива во сета своја убавина во преблагодатната Василиева Литургија, кога со нова сила и длабочина продираат во нас Христовите зборови што на овој ден Он им ги упати на Своите ученици:

„Земете, јадете, ова е Моето тело…Пијте од неа сите; ова е Мојата крв на Новиот Завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите“.

И наеднаш се менува сè и повеќе не сме во храмот, туку во Горната Одаја на Сион, во домот на верниот ученик Христов, седиме со трепет и свештен страв на Христовата Тајна Вечера, восхитувајќи се на Неговото бескрајно трпение и добрина, зашто Он, Милостивиот, кротко нè прима на Својата трпеза како еден од Своите пријатели, ни го подава насушното предложение и како да ги заборава сите наши претходни предавства, нашата дрскост, нашите лицемерни целиви… Со сепростувачка љубов нè прегрнува и храни со Своите животворни Свети Тајни.

Господи, Кој си единствен благ и милостив, и Кој денес преизобилно нè нахрани со Своите пречисти Дарови, не лишувај нè од богатиот плод на деновите што идат. Дај ни, барем сега, во последниот час, со покајание да се исполниме, до крај бисерите да ги нанижеме и со нивната духовна убавина душите да си ги украсиме, за најпосле да се закитиме и со оној најскапоцен камен, чиј надумен блесок ја озарува целата вселена и го држи светот – Твоето сесветло, сеславно, сеспасително Воскресение. Амин!