Вечерна на љубовта, Прочитано Евангелието на 14 странски јазици

Воскресение Христово – Пасха

Пасхалната радост е радост која трае и трае, и се умножува, и ништо не може да ја покрие, бидејќи Воскресението Христово не е нешто локално и ограничено во тесни рамки, тоа е сеопшта ерупција на триумф и славење, која ги допира сите краишта на светот, и нема никој што би можел да каже дека не знае за овој празник, зашто сè наоколу му зборува за тоа: и небото, и земјата, и сонцето и морските длабочини, сè наоколу слави и се радува. И зарем е чудно тоа што токму на Вечерната во неделата на Пасха оваа радосна вест се објавува на сите јазици, сведочејќи му на целиот свет, на сите народи и племиња земни дека се изврши спасението на родот човечки, за сите да чујат и да знаат дека Христос навистина воскресна! Така и оние што како апостолот Тома бараат докази за да поверуваат, да имаат јасно сведоштво во неговиот пример за вистинитоста на ова од сите најголемо чудо. Оти, ете, воскреснатиот Господ, знаејќи ја нашата колебливост и маловерие, еднаш и засекогаш ги отфрли сите сомнежи, кога по Својата милост допушти Тома да се допре до Неговите пречисти ребра, да го стави прстот во раните од клинците на рацете Негови, и така да се увери и пред сите да исповеда: „Господ мој и Бог мој“ (Јн. 20, 28).

Беше тоа едно навистина несекојдневно и прекрасно доживување за присутните во Бигорскиот храм, кој сè уште ги носи на себе знаците од радоста на Пасхалната ноќ, па зрачи со една посебна внатрешна убавина што буди восхит. Пред раскошно украсените двери, во таа свечена тишина исполнета со радост, одѕвонуваа силните гласови на благовесниците, кои на 14 јазици, во посебно умиление го читаа Евангелието за јавувањето Господово на апостолите после Воскресението. Оваа радосна објава ја потврди пасхалната полнота на радоста и љубовта, која не можеше да се сокрие и светлеше од лицата на присутните додека тие весело се поздравуваа, честитајќи си го еден на друг ова најсветлозарно собите во историјата на светот. Беше тоа навистина Вечерна на љубовта…

Христос Воскресна!