Непресушен Источник на радоста

Источен петок – Балаклија

Богоблагодатна Дево, од Твојот Извор кој тече непрестајно, Ти ни даваш вода од Твојата благодат неискажлива. Затоа Ти се молам Тебе, Која надумно Го роди Словото, пороси ме со благодатта за да Ти викам: Радувај се, Водо спасителна!

Кондак

Како што жедниот среде пустина се радува на воден извор, така ние, жедните за Твојата благодат, кон Тебе, Пречиста, пристапуваме и од Твојот Живоносен Извор непресушна благодат пиеме. Зашто од Твојата вода нема послатка. Ти како жедна земја небесната роса на Светиот Дух во Својата утроба ја прими, и откако благословот од неа го наследи, ни излеа води на живот вечен, води слатки за душата и спасителни. И навистина има ли нешто послатко и поспасително од Словото Кое излезе од Твојата утроба и со Крвта Своја како со вода гревовите наши ги изми, со неа како со небесно вино нè напои и сега со водата на Својата благодат немоќите наши телесни ги исцелува и душата од страсти ја лекува. И како што доликува во овие светли пасхални денови таа вода спасителна да ја опеваме и славиме, радувајќи се на дарот на живот вечен што се излеа врз човечкиот род, така должност чувствуваме и Мајката наша како Живоносен Источник да Ја пофалиме, па затоа со светите отци Чаша на животочна Манна Ја нарекуваме, и Нејзиниот чудотворен Извор „Балаклија“ во Цариград, од кој непрестајно течат милости и исцеленија, со стихови на неизмерна благодарност да го прославиме: „Твојот Извор, Дево, сите ние го гледаме како нов Силоам кој ослободува од болести, бидејќи на слепиот му се враќа видот и сите ние примаме здравје за нашиот живот, постојано“.

Откако на Велипеток големото бигорско семејство со солзи и молитвени воздишки ја сподели болката на Богомајката, Која Го оплакуваше Своето распнато Чедо, сега, во овој Светол пасхален петок со двојна радост и торжествено ликување се придружи на хорот на светите отци за да го прослави „вториот Силоам“, „од Бога излеаната бања и нектар“, „благодатниот бран за болести исцелителен“, „водата на премудроста“, „изворот на неисцрпно здравје“. Со умилителни стихови, достојни за Нејзината слава и со топла благодарност поради Нејзините неизмерни добрини кон нас, Ѝ ги принесовме нашите срца како светли одаи, озарени од воскресенската благодат, ширејќи ги нашите раце за прегратка, онака како што Таа претходно многупати нè прегрнала, давајќи ни ја Својата слатка утеха. Божествената Литургија и преблагата небесна Причест ја крунисаа таа чудесна небоземна средба. А потоа, потоа ништо не можеше да го сопре тој силен изблик на радост што како од некоја незапирлива фонтана, подобно на Богородичниот Источник, извираше од нас додека со воскресни песнопенија и со чудотворната Богородична икона „Патеводителка“во свечена литија се движевме кон агиазмата посветена на Богомајката во чест на Нејзиниот извор во Балаклија. Насекаде каде што одевме го чувствувавме како нежно милување тој Нејзин благослов со кој ги покри сите катчиња на манастирот и неговата околина, не заборавајќи го секако и живописниот скит на св. Серафим Саровски, каде веќе блеска и се издигнува преубавиот дрвен храм, посветен на Нејзиниот миленик. И светиите, тие сведоци на воскресението, чии земни останки го облагодатуваат Бигорскиот манастир, ја поздравија таа радост со своето благоухание што на очиглед на сите се ширеше во воздухот, додека во манастирскиот двор се поклонувавме пред нивните украсени и свечено наредени свети мошти.

Ти Која си Источник на Источникот на благодатта – Христос нашиот Бог, давај ни ја секогаш таа спасителна вода за никогаш да не ожедниме, и таа вода во нас да стане „извор што ќе тече во живот вечен“ (Јн. 4, 14). Амин!