Благодарствена пофалба на великомаченикот Георгиј

Откако го израсна грижливо семето на Божјите заповеди, на сиромасите им го раздели милостиво сето богатство, а на негово место ја стекна славата Христова, преславен маченику. Затоа, со сигурна надеж одиш на подвиг и долги измачувања, Георгие, и, откако стана учесник во страдањата на Нестрадалниот и во Воскресението, земајќи удел во Царството небесно, за нас сега моли се.

Седален од богослужбата посветена на св. вмч. Георгиј

Богата е и славна нашата христијанска историја. Сплетена со нишките на нашето секојдневие, животот го прави чиниш некој раскошен, скапоцен ѓердан, во кој светлат со своите подвизи славните имиња на безброј маченици, херои на верата, достоинствени жители на Царството небесно и наши блескави патокази. Благословен е еден народ кој следи такви свети примери. Еве и денес славиме еден од нив, венценосецот Георгиј, чуварот на Православието и ревносен молитвеник за нас православните пред Бога. Како благородна нива Христова, со маченички подвизи обработена, плод богат на земјата донесе, и како премудар трговец овој храбар воин, облечен со крстот како со оклоп, ја посрами горделивоста на мачителите и за своите малку маки непроценливо богатство небесно наследи. И сега како блескав рицар на небесната војска од небесата слегува, за сите што во неволја неговото име на помош го повикуваат, со копјето свое демоните ги изгонува, со штитот бедните ги закрилува, со благодатта своја душите ги охрабрува и својот свет дом во Рајчица го благословува.

И навистина, благословено и преблагословено е Раичкото сестринство што животот свој го ставило во рацете на еден толку моќен небесен закрилник. Уште од самиот почеток овој сеславен страдалник Христов ги зеде во своите прегратки, ги укрепи нивните души со ревност за подвизи, ги охрабри со своето благодатно присуство и со своите свети мошти манастирот рајски го украси. Малку е еден ден за сета благодарност на сестрите кон него да се изрази, но сепак споменот негов е можност низ прекрасните стихови и пофалби љубовта одново да се излее како река и да потече во пресрет на богопрославениот Христов великомаченик Георгиј, кој доаѓа радоста да ја сподели и срцата да ги исполни со својата непоколеблива храброст и вера.

Сега е тука и искушеничката Маја која пред неговиот закрилнички и грижлив поглед од рацете на нашиот возљубен старец, архимандрит Партениј, прима апостолник, и веќе невидливо за нашите очи над неа се спушта благословот на Великомаченикот за идни монашки подвизи. А старецот ја покрива со својата молитва како со наметка и срдечно ѝ го честита добивањето на оваа прва монашка облека, и истовремено, потсетувајќи се на 10-годишниот јубилеј на првите две замонашени сестри Варвара и Екатерина, со татковска радост им посакува во иднина уште подобар монашки подвиг.

Осамна денот со сјајот на прекрасната празнична богослужба, крунисана со божествената Литургија. Нашиот старец, во чиешто срце се отпечатила сета љубов и почит кон Победоносецот, што се одразува во нашите срца како во огледало, со своето пофално и длабоко поучно слово, им прозборе на срцата на верните, не само на оние присутни во храмот, туку и на целиот наш православен народ, поставувајќи го примерот на св. Георгиј како образец за тоа како треба да се сака својата татковина:

„Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух! Амин!

Возљубени мои чеда, браќа и сестри во Христа, стоејќи сега пред вас, би сакал со свои зборови да насликам еден прекрасен и величествен лик, лик на маченик, а истовремено и лик на воин, лик кој восхитува со своите подвизи и кој во нас буди ревност за подражавање, и помолете се тој самиот да ми даде сила достојно да го опишам неговиот лик, зашто тешко може со збор да се долови прекрасното трпение, непоколебливата вера и решителност во страдањата, големата храброст и уште поголемата слава што светиот Великомаченик и Победоносец Георгиј ја има горе на небесата.
Ќе започнам со најмрачните бои. Помислете си какви мачења биле тие, со какви страшни орудија се наоружал демонот против него, само за да всади страв во неговото срце и да му ја затвори устата за да не Го исповеда Својот Господ Исус Христос. Кога не успеал со ласкање и соблазни, го ставил на страшни и пеколни маки. И што сторил маченикот исправен пред сите тие орудија на мачителите, разгорениот оган, тркалото на смртта, тие остри исправени мечеви и копја, смртоносната јама и отровната чаша? Застанал и бестрашно го разобличил безумното идолопоклонство, ги презрел сите болки со кои демонот се подготвувал да го порази неговото тело, и без најмало двоумење Го проповедал Христа пред своите судии, посведочувајќи ја со чудеса Неговата семоќ и немоќта на мачителите. И попусти беа сите мрачни замисли. Својот маченички крај тој го обои со блескави бои на непоколеблива верност кон Христа, на неовоземна љубов, на ненадминлива храброст, на непреклонет дух и мажественост, кои слугата Божји го издигнуваат над сè што е земно и во небесниот рај го вселуваат.

Да пристапиме, браќа и сестри мои, и со очите на срцето да го видиме плодот на мачеништвото, небесната награда, славата негова во царството небесно. Со какви бои да го изразиме тоа? Како да те восхвалиме тебе, совршен Христоносецу, и како да те именуваме? Кој може достојно да ја пофали твојата ревност и жед за Бога со која ја испи маченичката чаша, а сега пиеш сладок нектар на љубовта и премудроста Божја? Кој од нас би можел доволно да ти заблагодари за сите твои усрдни молитви пред Бога, за твојата непрестајна закрила со која нè штитиш од секое зло, за твојата храброст и сила со која застануваш против нашите непријатели и ја чуваш нашата света вера? За тоа што и овде, во ова некогаш запустено место, повторно си издигна од прав своја прекрасна духовна палата? Што и ден денес постојано нè посетуваш со својата благодат и исцеленијата што се точат од твоите свети мошти? Каде ќе најдеме толку блескави бои за достојно да го довршиме твојот светлозарен лик?

Но ќе бидеме неправедни кон светиот Христов воин доколку го насликаме само со бои на храброст и сила оној којшто уште од својата младост се облече во послушност и верно му послужи на својот народ и на својот цар. Како храбар воен трибун на римската војска св. Георгиј послушно се ставил во служба на својот император, иако тој бил идолопоклоник, и насекаде му носел победа против непријателите, благородно запазувајќи ја честа на империјата. Постапувајќи така, светиот Победоносец до крај ја исполни заповедта Христова: „Подајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!“ (Мт. 22, 21) Кон земниот цар тој совесно го исполнил својот долг, верно вршејќи ја својата служба, и никогаш не ја откажал својата послушност, сè до оној миг кога императорот отворено истапил против Христа. Тогаш послушниот царски војник ја препознал својата повозвишена служба кон која го повикала ревноста за Бога. Овенчувајќи се со маченички венец, станал воин на небесниот цар.

Гледате ли, чеда мои, каква благородност се крие во христијанските души? Светиот великомаченик идолопоклонството не го почитуваше и од него се гнасеше, со неправедната Римска империја не се согласуваше, па сепак верно ѝ служеше, љубејќи ја до крај, сè до мигот кога императорот отворено не истапил против верата христијанска и не започнал да ги убива христијаните. И зарем за љубовта и почитта кон државата ќе најдеме подобар пример од овој? Свети Георгиј ни покажа на дело колку е важно за нас христијаните вистински да ја возљубиме својата земја и најпредано да ѝ служиме, вложувајќи ги во тоа сите наши сили, сите наши таланти подарени од Бога. Зашто кога ја љубиме татковината и верно ѝ служиме ние, всушност, го љубиме и му служиме на ближниот. И не само тоа, ние го исполнуваме оној свет долг, оној завет што ни го оставиле нашите предци, кои ревнувале за Бога и Му служеле, бранејќи ја татковината. И гинеле за неа, секогаш имајќи ги пред себе збoровите Христови: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Јн. 15, 13). Да го земеме затоа и нивниот пример и со вистинска христијанска пожртвувана љубов да си ја чуваме татковината од сите непријатели што сакаат да ѝ наштетат. Никогаш да не дозволиме себеси и своите лични интереси да ги ставиме пред неа, нејзината благосостојба нека биде наша света должност, нејзините интереси – наша цел. Нека во тоа ни биде учител светиот великомаченик Георгиј и сите оние што го последувале во својата верност кон државата. А неговите молитви нека нè утврдат во намерата несебично да се предадеме за доброто на својата земја. Нека ни дава сили, благочестие, силен дух и голема храброст да го исполниме својот долг и нека ги вразуми сите оние што заборавиле на својот призив да ѝ послужат на татковината. Да станеме вистински богољубиви граѓани на оваа наша света православна земја, во која, без разлика на верата и националноста, сите подеднакво ги уживаат нејзините права и благодети. Та откако ќе го исполниме својот земен долг, достојно и неосудено да се преселиме во нашата вистинска татковина на небесата, каде со радост ќе Го љубиме и ќе Го славиме Бога. Амин!“