Бигорски слави 20-годишен јубилеј од обновата на монаштвото
Усекновение на чесната глава на Св. Јован Претеча и Крстител
Сега Јован Претеча во адот слегува и умрените ја слушаат неискажливата радосна вест за Христовото пришествие. Сега небесата се радуваат за Јована Претечата, обезглавениот за правдата Божја, а луѓето на земјата му пеат празнични песни… Среде пророците тој се јави како утринска ѕвезда која прва осветлува; среде Апостолите – како сонце меѓу сонца, кое порано и посилно од другите засветли; среде мачениците – како небо, разнообразно украсено со ѕвезди од чудеса; среде праведниците – како кедар ливански, покриен со многу гранки на добродетели. Денес тој радост на вселената ù возвестува… Зашто споменот за неговата кончина на сите радост им принесува, а особено нам, кои во оваа Свештена Обител негова живееме. (Од пофалното слово за празникот Усекновение од Св. Теодор Студит)
Како би можела да не се радува денес преславната Претечева Обител крај Радика, кога тој, најголемиот старозаветен аскет и прв монах во времето на благодатта, „на светло и боголепно торжество“ целиот наш народ го повикува! Го повикува и му сведочи, како што му сведочел со векови од ова негово Светилиште, за приближувањето на Царството Небесно и за Јагнето Божјо што ги зема на Себе гревовите на светот. А тоа сведоштво со крвта своја го запечатува, пролеана како драгоцено миро коешто со благоухание целата вселена ја исполнува. На таа света крв на Крстителот и Претечата Господов е втемелено и нашето обновено братство, кое веќе дваесет години верно и пожртвувано му служи на големиот Тајник на чудесата Христови. И дваесет години тој, како најсилен молитвеник и закрилник, во нашиот смирен подвиг и служба нè поддржува. Зашто при секаква, тага, неволја и искушение, своите погледи кон овој прв Апостол Христов смирено ги упатуваме и тој на чудесен начин брзо тежината од нашите плеќи ја оттргнува. И тогаш колку и да е горчлива и тешка болката наша, тој со Христовата благодат ја засладува, спуштајќи над нас зраци на слатка утеха од висините. И знаеме дека тој никогаш нема да заборави на нас, дека е тука и бдее и ги посетува нашите души, избавувајќи ги од сите тешкотии и зла.
И сега, знаејќи ја славата и честа што на небесата ја има овој наш моќен закрилник, зарем би требало да нè изненади бескрајната река народ што во попладневните часови потече кон нашето Светилиште, за таму достојно да го прослави споменот за неговата маченичка смрт. И не само тоа, туку и да ја сподели со монашкото братство радоста за двете нови рожби што нашиот Старец, Архимандрит Партениј, ги одгледа, му ги принесе и предаде на служба на Претечата, умножувајќи ја и радоста на небесата за новите членови на рамноангелниот монашки ред. Никој од присутните не можеше да го оттргне погледот од озареното лице на Старецот, на кое се читаше еден чудесен сплет од највозвишена татковска љубов, и грижа, и радост, додека со длабока молитвена внесеност ги приведуваше своите чеда кон светиот олтар каде ги очекуваше архиерејскиот благослов за монашки подвиг, преку раката на нашиот почитуван владика, Митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј. Наеднаш среде тишината која настапи во храмот, одекнаа смирените одговори на двајцата искушеници, и веќе пред престолот на Бога се запалија и силно засветлија две блескави свеќи, се родија двајца нови духовни борци: отец Нифонт, кој го понесе името на славниот цариградски Патријарх Св. Нифонт, и отец Анатолиј, кој за свој молитвен закрилник го доби Светиот Анатолиј, исто така Патријарх Константинополски и голем химнограф на Црквата Христова. Принесувајќи ги своите архипастирски молитви за новозамонашените браќа, тој во своето слово ги упати новите отци во суштината на монашкиот подвиг, посочувајќи им го како совршен пример големиот Предвестител на Јагнето Божјо, нашиот патрон Св. Јован Крстител.
Подоцна, со огромната толпа на насобраниот народ, Бигорската Обител сподели уште една значајна причина за радост – нетрпеливо очекуваната промоција на јубилејниот зборник „Бигорски Манастир – 20 години возобновено монаштво“.
Така, следното утро, благодатно поткрепен од Претечевиот благослов и духовно збогатен со сјајот на двете нови разгорени свеќи, бигорскиот светилник моќно заблеска и верните што пристигаа од сите страни ги внесе во таинствената нетварна светлина на Божествената Архиерејска Литургија. Со оваа небесна богослужба чиноначалствуваше духовниот пастир на нашиот народ, Архиепископот Македонски и Охридски, г. г. Стефан во сослужение со своите собраќа: Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Брегалнички г. Иларион и Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и бројно духовенство од МПЦ-ОА. И сето тоа изобилство од благодат непречено се излеа кога нашиот Архиереј, пастирски полагајќи ги своите раце врз неговата глава, го воведе во тајната на свештеничката служба нашиот собрат о. Кирил, полагајќи го истовремено на неговите плеќи крстот на молитвено посредување за сите нас пред Престолот Божји. Неопислива беше радоста и умилението на нашиот Старец, гледајќи го едното свое чедо, што како кротко јагне, го држи во своите раце Јагнето Кое се принесува на Бога за нашите гревови. А со посебна татковска радост го посвети и своето новозамонашено чедо, о. Анатолиј за ѓаконска служба. Со не помала радост зрачеа и очите на браќата и сестрите и на сите присутни, зашто се удостоија да имаат уште двајца нови ревносни служители и молитвеници, кои на секоја Света Литургија ќе посредуваат за прошка на прегрешенијата и милост од Бога. Нашиот Архиепископ со богоблагодатна беседа ги потсети присутните како и новоповиканите кон ѓаконски и свештенички позив за подвигот и бројните добродетели на патронот на оваа Света Обител, кои монашките жители на ова светилиште се трудат верно да ги подражаваат, предводени од мудроста и духовната силна на својот Старец и игумен, Архимандритот Партениј, кого Архиепископот го истакна како возобновител на едно братство коешто е гордост за нашата Црква.
Во спомен на почетоците на тоа братство, нашиот многу драг гостин и некогашен бигорски собрат, Митрополитот Брегалнички Иларион, го израдува нашиот Старец со еден прекрасен архимандритски крст и најтопли зборови на братска љубов: „Ќе ми направите голема чест, Ваше Високопреподобие, и мој возљубен брате во подвигот, доколку го примите овој скромен подарок како еден потсетник на нашите заеднички благодатни монашки почетоци и како залог за вечно молитвено сеќавање и братска љубов во Христа“.
Вистински духовен украс и голем подарок од Бога за овој наш јубилеј беше и присуството на преподобното сестринство од Клисурскиот Манастир на Светите Кирил и Методиј, заедно со многупочитуваната игуменија Таиса, кои ги почестија присутните со своето богоумилно пеење. Освен нив, нашето братство со големо задоволство го пречека и ценетиот игумен на Беровскиот Манастир „Успение на Пресвета Богородица“, отец Фотиј.
Богоблагодатен учителу на покајанието, ревносен наш посреднику пред Бога, чувару и заштитнику на Бигорската Свештена Обител! Издигни ги моќно твоите свети молитви и денес и утре и во веки за нас Христијаните и за сите луѓе на земјата, за Господ сите да ги приведе кон покајание, да ни биде милостив и да нè спаси. Та сите оние што со твоите смели молитви си ги привел кон Господа радосно да те ублажуваат, празнувајќи ја твојата маченичка смрт и славејќи Го единствениот вистински Господ на небото и на земјата. Амин!