Денес Едемот на новиот Адам го прима словесниот Рај во кој осудата наша се укинува, во кој дрвото на животот бива засадено, во кој нашата голотија е облечена… Денес пречистата Дева и непричестна на земните страсти не оди во земја туку, станувајќи навистина живо небо се вселува во небесните населби… Денес ризницата на животот, бездната на благодатта, се покрива со смртта живоносна и кон неа бестрашно пристапува Онаа Која Го роди Уништувачот на смртта… Денес свештениот и одушевен Кораб на Бога живиот, Кој Го носеше својот Градител во утробата, се спушта на почивка во храмот Господов, истовремено издигнувајќи се на небо. (Св. Јован Дамаскин)
Повторно Црквата ги собира своите чеда во едногласен хор за достојна прослава на светото и живоносно Успение на Царицата на сите, „украсена со Божествена слава“. Ова не е ден за тага, бидејќи тајната што празникот ја носи, на човечкиот род слатка утеха му објавува: Пречистата Дева, според законот на природата, во гроб се полага, но, на начин што ја надминува природата, кон небесата се преселува, во прегратките на Својот Син и Бог, за со Него вечно да царува. Така, Онаа Која Го роди Бога во тело, сега се раѓа од Него за вечен, небесен живот, зашто Оној Кого Таа во Своите раце Го носеше, сега со Своите Божествени раце, Нејзината душа ја прима и во Својот воскреснат живот ја обвиткува.
Токму затоа, светлината и радоста што извираат од ова „неискажливо преселување на Богомајката кон горните обители на вечна слава“ го облекуваат Бигорското светилиште во посебен празничен сјај, таинствено преселувајќи го големото мнозинство присутни верници во Гетсиманија, пред цветно украсениот, раскошен одар на Богородица, во кој лежи и со посебно благоухание го облагодатува воздухот телото на „пославната од Серафимите“ и „почистата од сончевата светлина“. И додека од усните на сите присутни се излеваат прекрасните стихови на статиите со кои се велича живоносното Успение на Онаа Која се покажа поголема од смртта, среде топлиот сјај на стотици запалени свеќи, плаштаницата којашто е положена на средината од бигорскиот храм, блеснува небаре вистинското тело на небесната Царица. Поклонувајќи се пред неа, верните најумилно ја искажуваат својата љубов и почит кон нивната неуморна Помошничка во неволјите и Заштитничка од злобата демонска и заминуваат, носејќи го Нејзиниот благослов, кој со сладост ги храни и со мир ги исполнува нивните души. Радоста е очигледна, како на втора Пасха. Иако сеноќната молитва е долга, духот е бодар и неуморно ги впива сите благодатни зраци што се излеваат од прекрасните молитви и стихови. Првите утрински зраци ги милуваат радосните лица на присутните додека, свечено наредени во празнична литија, го последуваат Богородичното пречисто и нетлено тело, симболично претставено преку златовезената плаштаница. Чувството е исто како она на Апостолите кога со свештена почит го носеле благоуханиот одар, станувајќи причесници во големото таинство на Божјата промисла за наше спасение. Затоа и беседата на нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, со која тој ги подготви љубените чеда на Богоблагодатната за духовно созерцавање на Нејзиното блажено заспивање овде, на земјата, и будење во вечноста, ја носеше пораката за победата над смртта…
О, преблагословена Мајко на вечниот Живот, Ти Која си блескаво кандило на несоздадениот Оган, кивот кој Го смести несместливиот Бог, таблица на славата Божја, вечно жив рају на Царот на сите, Која денес како блескаво сонце се издигаш на небесата и со Својата благодат го осветуваш воздухот, неискажливо благоухајќи ни, издигни ги со Себе и нашите скромни молитви, што ние, грешните, сега благодарно ти ги упатуваме, просејќи Го Твоето непрестајно мајчинско застапништво пред престолот на Твојот Син и Бог. Него моли Го, Мајко безневесна, секогаш да го чува и заштитува родот наш православен, да нè утврдува и расне во верата и во часот на смртта да ги пресели нашите души во Своето Царство на вечна радост.