Евангелието за Воскресението на 15 јазици

Воскресение Христово – Пасха

Во светлината на пасхалното торжество, свештената Бигорска обител продолжува да се радува со воскресенската радост и да сведочи за сеславното Воскресение на Спасителот Господ Исус Христос. Така, според востановената црковна пракса, на денешната вечерна богослужба на која е предвидено евангелското зачало за Христовото Воскресение да се чита на повеќе јазици како проповед на таа вест помеѓу сите народи, во Бигорскиот соборен храм Евангелието беше прочитано на 14 јазици: црковнословенски, македонски, старогрчки, латински, руски, бугарски, англиски, германски, француски, италијански, шпански, ромски, српски и албански јазик. Исто така беше прочитано и т.н. Кониковско Евангелие објавено во 1852 година, досега најрано познатиот превод на Евангелието на современ македонски јазик, поточно на кукушки дијалект со грчки букви.

Силата на Христовото Воскресение е потврдена безброј пати низ историјата на светот. Таа е силата која го победи последниот непријател на човекот – смртта.

Христос воскресна!