Благодатно оросување од Живоносниот Источник

Источен Петок – Балаклија

Богоблагодатна Дево, од Твојот извор кој тече непрестајно, Ти ми даваш вода од Твојата благодат неискажлива. Затоа Ти се молам Тебе, Која надумно го роди Словото, пороси ме со благодатта, за да Ти викам: Радувај се, водо спасителна!

Кондак на празникот

Како што на светите богослужби секој молитвен призив го завршуваме со умилна молитва кон Пресветата, Пречистата, Премилостивата Мајка на нашиот Бог, така требаше и оваа Седмица на Пасхална радост и торжество да се запечати со една благодарствена пофалба на небесната наша Царица Богородица, Која како Источник ни Го источи вечниот Живот – Христос. Всушност сѐ во нашиот живот печат добива во Богородица. Таа ги позема нашите молитви и силно умножени со своите ги полага пред нозете на Својот возљубен Син, Таа ги зема нашите таги, праќа слатка утеха и солзите ги заменува со радост. Таа посредува и се радува на секое наше богоугодно дело, со водата на благодатта ги мие скверните на срцето, бидејќи како што Нејзиниот чудотворен Источник во Балаклија во Константинопол со својата исцелителна вода ги лекува телесните немоќи, така и Нејзиното сочувствително мајчинско срце со својата исцелителна благодат ги покрива и лечи раните на душата.

Подобно беше за Бигорската света обител која Ја има Мајката на христијаните за своја заштитничка и молитвена застапничка, толку радосно и со празничен восклик да го прослави споменот на Живоносниот Нејзин Источник, славејќи Ја и Неа Самата, како неисцрпен Источник на вечна радост и мајчинска милост. Достоинствено и со пасхален триумф одѕвонуваа во храмот радосните поздрави и пофалби кон Онаа Која „чаша на животочна манна“ е наречена, и „вода на премудроста што незнаењето го отстранува“, „од Бога излеана бања и нектар“, „потопување на секакви страсти“. Овој венец од пофалби, украсен и со најубавиот тропар за Христовата победа на смртта, ја следеше празничната литија до агиазмата во шумскиот предел на манастирот, посветен на Живоносниот Источник. На оваа свечена поворка предводена од чудотворниот образ на Мајката Божја, изобразбата на Христовото Воскресение и други икони, со своите празнични звуци ѝ се придружи целата природа, творејќи преку гласот на птиците една своевидна химна кон Приснодева Марија и Нејзиниот воскреснат Син. Така, просејќи го Нејзиниот мајчински благослов за оваа света обител, за нашата православна Татковина, сиот христијански род, браќата и сестрите заедно со присутните верници, ја оросија со благодатта на осветените води целата околина. Додека со смирена радост чекореше среде литијата, молитвено созерцавајќи го таинственото присуство на усрдната заштитничка на монашкиот род, нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, со синовска љубов ги упатуваше кон Неа Своите скромни молитви, молејќи Ја да ги сплоти со љубов заладените срца, заплеткани во секакви раздори, осудувања и кавги, да нема непријателства среде нашиот народ, да се надминат сите поделби заради некакви ниски лични интереси, зашто Таа, најмилосрдната наша Мајка, многу тагува заради неединството на христијаните, и се жалости од нашата неслога.

Води нѐ, Мајко наша, по патот на ова пасхално славење, не дозволувајќи никаква тага да ја замати нашата пасхална радост и безбедно доведи нѐ на прагот на светата Педесетница, отворајќи ни ја вратата за на нас да се излее благодатта на Светиот Дух, која сѐ осветува.