Посета на Првата дама со сопругите на Амбасадорите во Р.М.

Среде радоста на овие пасхални денови, во завршницата на светлата и света седмица, Бигорската обител ја израдува посетата на многу почитуваната пријателка на манастирот и сопруга на Претседателот на државата, г-ѓа Маја Иванова, и нејзините ценети гостинки – сопруги на повеќе резидентни Амбасадори на Италија, Полска, Романија, Руската Федерација, Словачка, Словенија, Шведска, Украина, САД и Швајцарија. Оваа срдечна посета беше дел од иницијативата на г-ѓа Иванова да ги запознае своите гостинки со духовната и културна традиција и убавините на нашата земја. Беше тоа и една убава можност пред останатите сопруги да ги промовира вредностите на нашето православно предание, живиот дух на верата предаден во наследство од предците. Гостите со големо задоволство и восхит учествуваа во прошетката низ манастирот, предводена од страна на економот, отец Доситеј, по што следеше и посета на метохот посветен на св. Георгиј Победоносец во Рајчица, каде беа гостољубиво пречекани и од монашкото сестринство.

Во своето кратко обраќање до присутните монаси, гости и новинари г-ѓа Иванова истакна дека оваа посета е израз на нејзината желба со своите драги пријателки, сопруги на истакнати амбасадори кај нас, да ги сподели убавините и прекрасните духовни искуства што ги доживеала во нашите два манастири:

– Можеше да се види восхитот на лицето од моите гости од убавината на овој манастир, од неговата архитектура, од фрескосликарство, од резбата и од духовноста што зрачи на сите страни од ова древно македонско светилиште. Ова го сметам и како промоција на мојата земја Република Македонија со сите нејзини културни, историски и духовни вредности. Од ова свето место сакам да испратам една порака до сите млади, до идните генерации да ги чуваат и негуваат историските, културните и духовните вредности што се нераскинлив дел од нашата историја и култура – вели Иванова.