Бигорската ризница збогатена со нов прекрасен филигрански крст

Томина Недела

Со благослов и залагање на нашиот Старец и Игумен, Високопреподобниот Архимандрит Партениј, беше реставриран стариот бигорски филигрански крст, кој служи како моштохранилница за парчето од Чесниот и Животворен Крст Господов. Напоредно со реставрацијата на крстот, течеше и изработката на нов крстовиден филигрански држач за него, направен целиот од сребро и благороден камен рубин. И реставрацијата на крстот, и изработката на прекрасниот држач ја изработи познатиот битолски кујунџија г. Јован Петровски. Новиот држач е висок 67 см., а за негова изработка беа потрошени 2394,7 грама сребро. Ова уметничко дело се создаваше скоро шест месеци.

Крстот во кој се чува парчето од Чесниот Крст ќе се положува во новиот држач три пати годишно: на празникот на Воздвижението на Чесниот Крст (14/27 септември), на Крстопоклоната недела од Великиот Пост и на празникот Издигнување на Чесниот Крст (1/14 август). Во останатите денови филигранскиот крстовиден држач ќе се чува во манастирската ризница.