Тебе, Богородице, Поборнице, победоносна Војвотко, ние, Твоите слуги, откако од зло се избавивме, Ти пееме победна и благодарствена песна; Ти имаш непобедлива сила; ослободи нè од секакви опасности за да Ти пееме радувај се, Невесто неневестна.
Ова е кондакот на Пресветата Владичица наша, што посебно торжествено одекнува во текот на Светата Четириесетница, а го слушнавме и денес, на вториот дел од великопосниот Акатист на преславната Богомајка. Иако овој кондак има историско значење, бидејќи бил составен од благодарност кон небесната Царица поради Нејзината заштита на Константинопол од нападот на непријателите во 626 година, сепак тој има и сотириолошко значење од вселенски карактер. Имено, Пресвета Богородица е заштитничка не само на царскиот град, туку и на духовниот Град – Црквата Христова и се грижи за спасението на сите верни. Впрочем, Таа ни Го роди Спасителот на светот, Господ Исус Христос, и така стана мост на спасението за целиот човечки род.
Токму затоа и овој петок, нашите две обители радосно ѝ ги упатија на небесната наша Мајка прекрасните благодарствени песни од акатистната химна: Радувај се, ти ни помагаш да се ослободиме од лоши дела!
Радувај се, ти го прекрати поклонувањето на огнот! Радувај се, ти нè ослободуваш од пламенот на страстите! Радувај се, ти ги учиш верните на целомудрие; Радувај се, ти си радост за сите народи!
Радувај се, Невесто неневесна!