„Благодат врз благодат“ на празникот на проповедникот на благодатта

Втора недела на Чесниот Пост. Недела на Св. Григориј Палама

Кога би било потребно да се опише со еден збор сето она надворешно и внатрешно искуство што го доживува душата на патникот во четириесетдневното посно патешествие – тој збор, се разбира, би бил борба. Борба против гревот, против страстите, против злото во себеси, против егоизмот, против светот и неговата лажна привлечност…, и најпосле, борба за славата Божја, за величието Божјо, за убавината Божја, за вистинското Божјо призвание на човекот – тој да стане сопричесник на Божјата благодат, да се обожи. Таа борба од космички карактер наоѓа свој одраз во секое, макар и најмало делче од Светата Четириесетница, но особен триумфален сјај добива во неделните денови. Така, во Првата недела на Чесниот Пост ја видовме борбата на светиите за чистотата на православната вера и нејзиното спасително богословие, како и торжеството од победата на вистината. Оваа Втора недела, пак, би можеле да ја наречеме продолжение на тоа торжество, бидејќи во неа го славиме споменот на уште еден голем борец за Православната вера, слаткогласната труба на благодатта – Св. Григориј Палама. Тоа е великиот тајник на Светата Троица, кој со живот и дело докажа дека благодатта е енергија Божествена, несоздадена, обожувачка, и дека преку неа смртниот човек може да се уподоби на бесмртниот Бог и да стане учесник во нетварната Божја светлина. Во ова учење, засновано на опитот на сите светии од Црквата Христова, се содржи нашата најголема радост. Зашто нам, на православните Христијани, ни се дава можност преку стекнување на Божјата благодат да станеме богоносци, да станеме причесници на Божествениот живот и Божествената природа. Ни се открива дека тоа е конечната цел на нашиот живот, дека тоа е нашиот вистински призив.

И затоа споменот на Божествениот Григориј Палама е со нетрпение очекуван од бигорските монаси и рајчичките монахињи; затоа е тој толку радосно празнуван од нашата монашка заедница; затоа нашиот Старец, Архимандрит Партениј, со толкава почит го прегрнува во своето срце учењето овој боговдахновен учител, така што параклисот во Рајчица му го посвети токму нему, и на неговите двајца светогорски собраќа и небесни сожители – Св. Јован Кукузел и Св. Нектариј Битолски. И ете, овој параклис вчера и денес повторно беше сведок на едно големо торжество, на една духовнa радост, на еден прекрасен молитвен собир. Овој мал храм наеднаш стана пространо небо, каде со умилителните гласови на псалтите се испиша прекрасна пофалба кон проповедникот на благодатта. А тој одново го осведочи своето силно присуство, принесувајќи им од Бога двојна благодат на сите верни што во голем број притекнаа да се напојат од овој непресушен извор. Сепак оваа благодат најизобилно се излеа врз нашиот долгогодишен пријател и духовно чедо на нашиот Старец, Павел Крцоски од Охрид, кога преку раката на многупочитуваниот Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, беше ракоположен во свештенички чин, на голема радост на сите нас! „Божествената благодат која постојано ги лекува слабостите и ги потполнува недостатоците“ (од чинот на ракополагање), произведе уште еден служител и молитвеник пред престолот Божји за целиот наш народ.

Потоа Господ Христос, Дарителот на благодатта, што така јасно ја проповедаше Неговиот славен ученик, откако ги преисполни со радост нашите души, приготви и дополнителна радост за најмладите, кои од раката на нашиот Старец примија благословен дар – прекрасно украсени пасхални свеќи со играчка.

А нашиот возљубен Архиереј со своето пригодно слово потсети уште еднаш на величието на Св. Григориј Палама, а му даде и прекрасни архипастирски честитки и совети на новоракоположениот свештеник Павле:

„Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Во втората недела од Велигденскиот пост, во неделата којашто е посветена на св. Григориј Палама, светата Црква го чита евангелието за добриот пастир. Во евангелието, прочитано на светата Литургија, Самиот Господ Исус Христос за Себе вели: „Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе и ќе излезе и пасиште ќе најде“ (Јн. 10, 9). Понатаму, пак, вели: „Јас сум добриот Пастир; добриот пастир си ја полага душата своја за овците“ (Јн. 10, 11).

Нашиот Спасител, поучувајќи ги Своите следбеници, честопати земал примери од секојдневниот живот. Примери преку кои, апостолите и останатиот народ кој Го слушал, можеле полесно да ја разберат Неговата наука и поуката што ја упатувал кон нив.

Палестина е сиромашна земја и таму луѓето чувале стада во мал број. Но, се случувало, особено вечерно време, да соберат неколку стада и да ги затворат во едно трло, или, пак, во некоја природна пештера, со што би ги заштитиле од дивеч и од разни крадци. Така Господ Христос го претставува царството Божјо. Односно, како едно трло, или една пештера, во која се влегува преку една врата. Таа врата е Самиот Господ Исус Христос. Таа врата е Неговата наука, Неговата љубов и Неговиот придонес за севкупниот човечки род остварен преку Неговата искупителна крстна жртва. Жртва преку која ги отвора рајските порти помирувајќи го човечкиот род со Бога и овозможувајќи му повторно да се врати во рајската наслада и во прегратките на својот Отец, Создател и Промислител.

Добриот пастир се споредува со оној пастир кој ги напасува своите овци и се грижи за нив. А овците, пак, го познаваат по гласот негов и одат по него. Така, наутро, кога разните пастири ќе ги повикаат своите овци, тие повторно се делат и го следат својот пастир. Го следат пастирот кој ќе ги напасе и ќе ги напои во текот на денот. Тука, овците се преставени како словесно стадо, односно народот Божји – овоземната Црква. Господ Христос на друго место вели: „Јас сум Алфа и Омега, почетокот и крајот“ (Откр. 1, 8). Со други зборови, сака да ни каже дека сè што постои и сè што знаеме и можеме да знаеме, за видливиот и невидливиот свет, сето ќе го сознаеме само преку Него и во Него. Затоа, Он е добриот пастир Кој се жртвува за своето стадо. Додека, пак, под наемници, претставени се лажните учители кои не се грижат за својата паства, туку само за себе. Кога ќе наидат на опасности, ги оставаат луѓето на милост и немилост и бараат начин и пат да ја спасат својата сопствена кожа. Под крадец, тука е претставен ѓаволот кој со сите сили се обидува луѓето да ги навлече на зло, на пропаст и на погубување на нивната душа.

Во историјата на светата Православна црква, имаме учители, просветители и пастири, кои, со својот труд и со своето делување, се грижеле за спасението и утврдувањето во верата на стадото Христово. Еден од таквите, кој дал огромен прилог во зачувувањето на правата, вистинската вера е св. Григориј Палама. Овој Божји пастир, иако по потекло од благородничко семејство, израснат на византискиот двор, сепак, верата и монашкиот позив, му биле попривлечни од целата помпа на императорскиот двор. Напуштајќи го Цариград, оди на Света Гора каде што прима монашки завет, се подвизува и се усовршува во монашките светогорски подвизи. Во тоа време ќе се појави еден лажен учител Варлаам од Калабрија, Јужна Италија. Тој погрешно ќе учи и со омаловажување ќе пишува кон светогорската доктрина за можноста да се согледа Таворската светлина. Тогаш, св. Григориј, ќе се вклучи во одбрана на вистината и на правилното учење. Ќе напише повеќе трудови разобличувајќи го погрешното учење на овој лажен учител. Потоа, ќе биде избран за епископ на градот Солун и како добар пастир, уште повеќе ќе се потруди и ќе придонесе за зацврстувањето на православната вера меѓу својата паства. Преку неговите пишани дела, ќе даде голем прилог во богословската мисла на севкупната православна екумена. Св. Григориј Палама многу јасно прави разлика кој може да ја согледа таа преображенска светлина. Неа не може да ја согледа секој. Не може да ја согледа секој што се нарекува православен христијанин, ниту, пак, секој епископ или клирик. Но, таа можност ја имаат само одредени просветлени и облагодатени личности, кои, со својот живот, се издигнале на многу повисоко духовно скалило. Па, така, имаат спечалено милост Божја, да можат со нивните телесни очи, да ја согледаат таа нетварна светлина.

И ние денеска, прославувајќи го овој голем Божји угодник, да се обратиме со искрена молитва кон него. Да ја поткрепи нашата вера, па и ние да можеме да ја живееме поисправно и подостоинствено. Да Го сведочиме Господа Христа во нашиот живот со добри дела. Така живеејќи и постапувајќи, да измолиме милост Божја. Па да ни ги просветли и осветли нашите умови и срца и да се покажеме пред Христа како Негови верни слуги, спечалувајќи вечен и блажен живот, сега и во сета вечност.

Ја користам оваа прилика, на новоракоположениот свештеник Павел Крцоски, да му го честитаме ракополагањето во свештенички чин и да му посакаме да се угледа на добрите пастири на светата Црква и со љубов да го пасе своето идно поверено стадо. Нека го носи свештеничкиот чин за прослава Божја, за украс на МПЦ и за спасение на неговата душа“.