„Ризницо на чистота, радувај се, заради Која од падот наш станавме: Радувај се, слаткомирисен крину, Владичице, кој на верните им мириса – Ти кадило благоухано и миро скапоцено“
Извадок од Благодарствениот канон на Богомајката
Акатистот кон Божјата Мајка е служба во која на нашите срца им се дава слобода умилно и до бескрај да се насладуваат од чудесниот сплет на најпофални химни, кон онаа чиешто име, уште при самото нејзино спомнување, буди сладост во душата. Колку се достојни за нејзиното небесно величие сите тие пофалби што ги излеала Црквата во ова особено благодатна богослужба. Слаткомирисен крину, кадило благоухано, миро скапоцено – а и како поинаку би го нарекле нејзиното пречисто тело во кое, како во најскапоцен пречист сад, се чуваше вистинското благоухано миро – нашиот милостив Спасител Христос. А нејзините, пак, мајчински молитви, зарем не се тие како едно благоухано кадило чијшто молитвен миомирис, непрестајно се издигнува пред Престолот на нејзиниот Син и Бог. Оти, навистина, колку пати ни се случило нам, верните, само што со скрушена болка сме упатиле молба кон неа, а веќе таа, најнежната наша мајка, ни брза на помош, ита кон своето чедо, грижливо се одѕива на повикот на човечкото срце што страда и целата се предава за да помогне, застапи, спаси. Кој, ако не таа, на несфатлив за нас начин ни приоѓа на спасение, нѐ чува, непрестајно ја смилостивува Божјата правда да нѐ потрпи уште малку, да ги занемари нашите безброј беззаконија, и да ни прости. Човечкиот род немал и не ќе има друга така пожртвувана мајка и застапничка.
И еве сега, на крајот од оваа прва недела од постот, кому да се обратиме, ако не кон неа, за прво најтопло да ѝ благодариме што беше со нас во сите тие молитвени изливи на нашите срца кои се каат, што онаа мала усрдност на нашите души ја прими во своите раце, и удвојувајќи ја со своите мајчински благодатни прозби, Му ја принесе на својот возљубен Син, како први цветови на Постот. Токму затоа во овие свечени моменти на првиот Акатист нашите две Обители се налик на две благоухани ризници, кои со благодатните славословија кон небесната Царица, небаре со најубав мирис, ги привлекуваат овде сите оние копнежливи души што толку нежно и предано синовски ја љубат Богомајката. И се издигнува една силна слеана молитва, молитва за оваа земја, за овој народ, за Пресветата Владичица наша да не нѐ остава во овие времиња на испитанија, да го смилостиви нашиот Господ за Он да ни ја сочува Татковината и Црквата наша и да им дарува на луѓето покајание за спасение. А за нас, кои усрдно чекориме по благословената патека на посниот подвиг, да измоли благодатни сили та до крај да го завршиме делото на воздржание што сме го започнале, и да се удостоиме со смирени срца да застанеме покрај Христа на Неговата Голгота за заедно со Него да воскреснеме во нов живот.