Во спомен на коливото на Св. Теодор Тирон

Го славиме денес великиот меѓу мачениците, пресветлиот страдалник, знаменитиот и преславен во чудесата, славен од еден до друг крај на земјата, Светиот Теодор Тирон. Но колку што ги славиме неговите маченички подвизи, уште повеќе ја ублажуваме неговата човекољубива душа, неговата чудесна грижа за Христовата паства, која не само што не престана по неговото преселување од овој живот, туку уште и се зголеми, покривајќи ги со својата молитвена закрила верните сѐ до денешни дни. Зашто овој Христов Светија, како што некогаш ги спаси Христијаните од осквернување со крв од идолски жртви, предавајќи ни го и нам, преку нив, правењето коливо, така и сега будно бдее над нас, неуморно ги слуша нашите молитви и се застапува за секоја верна христијанска душа што го слави неговиот свет спомен.

Спомнувајќи си за неговото големо подвижништво и уште поголема љубов, монасите од Бигорската света Обител го осветија коливото, што на овој ден традиционално се прави во спомен на чудото со кое овој свет добротвор го спаси народот на Константинопол.