Денот кога Бигорската Обител со свештена почит го слави споменот на преподобниот Партениј Лампсакиски, чиешто име нашиот Старец, Архимандрит Партениј, го носи, е ден кога голем дел од духовните чеда се собираат во Манастирот за да бидат со својот духовен татко. Доаѓаат за да ја споделат својата радост, овој пат повеќе да дадат отколку да примат, да возвратат со своите молитви, со својата љубов и благодарност, за сите оние мигови на искушенија во кои Старецот го понесол нивниот крст.
Оваа година кон присутните најпрвин се обрати нашиот возљубен Старец, кој во својата воведна беседа со посебна почит си спомна, покрај за Светиот Партениј, и за други двајца великани од нашата свештена историја кои достојно го носеле ова име – Преподобниот Партениј Зографски и свештеномаченикот Партениј, игумен бигорски.
А потоа од името на целото братство и сестринство, нашиот најстар јеромонах Доситеј му изрази на Старецот една скромна благодарност за неговите пожртвувани трудови во ѕидањето на духовната градба:
„Високопреосветени Владико,
Високопреподобен Отче, благоговејни Отци,
Драги браќа и сестри во Христа Господа,
Се собравме денес да го прославиме Светиот Партениј епископ Лампсакиски, кого најнапред Господ го прослави. По Божја промисла, ете, и на Вас, отче Партение, при монашењето Митрополитот Тимотеј Ви го даде тоа име кое го носеле и славните бигорски монаси Партениј Зографски и игуменот Партениј. Првиот се прославил во XIX век, вториот во ΧΧ, а Вам Ви се падна да го носите тешкиот игуменски крст во овој, ΧΧΙ век.
Би сакал од името на сите присутни како и на оправдано отсутните да кажам збор-два за Вас, за Вашиот живот и дела. Но, зборовите се немоќни и тие не би можеле да го искажат сето тоа. Едноставно, Вие секојдневно со Вашите зборови, со Вашите дела и пожртвуваност, додавате по уште тула на духовната градба, на духовните конаци, на кои Вие секогаш им давате неспоредливо поголемо значење отколку на материјалните. А, пак, за материјалните конаци, нема потреба ни да зборуваме: Вашето најсуптилно чувство за естетика и префинет вкус значително отскокнуваат.
И што би можел да речам повеќе, освен само за крај да напомнам дека ние, браќата и сестрите, знаејќи ја Вашата голема љубов кон литургискиот живот, како и желбата да се служи во повеќе параклиси во Манастирот, во оваа прилика Ви подаруваме дискос и путир, како и малце земја од гробот на Старец Георгиј Капсанис, Вашиот Старец и нашиот духовен дедо.
Служете Му на Бога уште долги години, молете се за нас и не престанувајте во борбата за духовното и народно дело! Застапувајте се и понатаму за сите нас, а нека свети Партениј Лампсакиски се застапува за Вас, за да можете цврсто и непоколебливо да го исповедате нашиот Отец Небесен!
На многаја лета!“
Верниците, пак, и духовните чеда на нашиот Старец од Скопје составија едно прекрасно благодарствено писание, што, ги претвори во зборови сите оние најдлабоки чувства излеани од нивните срца, зборови кои така топло прозвучија во радосниот и свечен амбиент на полниот храм.
Старецот беше силно трогнат и од големата љубов на своите чеда охриѓани, изразена преку подарената стара Библија на англиски јазик од 19-ти век, која е исклучително декорирана и која ќе биде достојно надополнување на драгоцената бигорска книжевна ризница.
На празничната архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше нашиот многуценет надлежен Митрополит г. Тимотеј, обилно се излеа над сите присутни благословот на Св. Партениј, кој ги исполни срцата на верните со голема благодат и радост, а нашиот архиереј сето тоа го круниса со една прекрасна беседа за бесмртната храна со која треба да се хранат нашите души, посочувајќи го како пример Светиот што денес го славиме.
Празничното ликување заврши со молитвен спомен за покој на душата на нашиот славен духовен деец, преподобниот Партениј Зографски, со кој се одбележа 140-годишниот јубилеј од неговото преселување во вечноста.
Нека му е споменот вечен, а на нашиот најмил Старец на многаја лета!