Седум Христови Светила на родот наш и 11 века на небесна слава Светиклиментова

Спомен на Светите Седмочисленици и на Св. Вмч. Пантелејмон

Богата и пребогата е ризницата на Светиот Дух. И повеќе од богата – вечна е и неисцрпна. Таа секогаш ја збогатувала заедницата на верните во Христа, и ќе ја збогатува и во вечноста. Зашто, како што премудро кажал божествениот Павле, на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза; оти на еден му се дава преку Духот збор на мудрост, на друг – збор на знаење, преку истиот Дух; на еден – вера, преку истиот Дух; на друг – дар за лекување, преку истиот Дух; на еден – да чини чуда, на друг – да пророкува, на еден – да ги разликува духовите, на друг – разни јазици, на трет – да толкува јазици. Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака (1. Кор. 12,8-11). Многумина благочестиви подвижници биле украсени со некои од овие божествени дарови, но малкумина биле оние што ги стекнале сите нив. Најнапред, тоа биле Светите Апостоли, првите Христови ученици и благовесници, а потоа и еднаквите на нив – Рамноапостолите. Тие ги стекнале сите овие дарови, но ги стекнале зашто пред сè, биле исполнети со дарот на божествената татковска љубов. И токму со овој дар, тие на Бога најмногу се уподобиле. Зашто како што Троичниот Бог кон Своето најмило чедо – човекот – негува татковска љубов, така и овие богоподобни луѓе кон своите духовни чеда се одликувале со небесна љубов.

А денес го славиме Соборот на седмочислените рамноапостолни духовни татковци и родоначалници на словенските народи, на Божествените Кирил и Методиј и на нивните свети ученици: Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј. И може ли нивниот спомен да помине, а огромна радост и силно чувство на благодарност кај нивните духовни потомци да не предизвика? Затоа и овој пат нашите две Обители, Бигорски и Рајчица, со најтопла молитва и срдечно благодарење, преку бдение и Света Литургија, го прославија торжеството на овие велики тајници на Божествената благодат. Но, како и секогаш, средишната прослава на нивниот спомен се одржа во древната духовна престолнина на славјанството, во езерскиот град Охрид, во храмот што некогаш го подигнал пресветлиот Климент во чест на Светиот бесребреник Пантелејмон, чијшто, пак, спомен денес исто така го празнуваме. Оваа година, охридското славје беше уште посвечено, поради јубилејните 1100 години од блаженото во Христа упокојување на првиот словенски епископ и Архиепископ Охридски. Еве веќе 11 века, Светиот Климент во слобода и голема слава пред Престолот Божји стои и молитвено за своето духовно наследство се застапува. Затоа денес, преемникот на неговиот Охридски архиепископски трон, Неговото Блаженство, г. г. Стефан, заедно со домаќинот на нашата богочувана епархија, Неговото Високопреосвештенство, г. Тимотеј и Митрополитот Европски, г. Пимен, во сослужение со Високопреподобните Архимандрити, г. Нектариј и г. Партениј, игуменот г. Агатон и бројното охридско духовенство, отслужија Света Литургија во слава на Великиот Бог, а во спомен и чест на првиот архипастир од словенскиот род. Посебна, пак, беше радоста и благодарноста на нашиот родољубив Старец, о. Партениј, што токму на овој ден пред 21 година, во градот на Свети Климент се удостои да го прими неговиот небесен благослов за апостолскиот свештенички чин.

Единаесетвековниот јубилеј од Светиклиментовото успение беше одбележан и со свечен собир во катедралниот храм на Премудроста Божја, каде се отвори изложба на копии на фрески и икони со ликот на Св. Климент Охридски. На отворањето на изложбата присуствуваа претседателите на академиите на науките и уметностите од Бугарија, Србија, Албанија, Словачка, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина, како и претставници на Чешката академија на науки. Изложбата ја отвори претседателот на МАНУ, г. Таки Фити, а свој говор одржа и нашиот долгогодишен научник и истражувач на Охридската Архиепископија, академик Цветан Грозданов. За збогатување на празничната програма, пак, беше повикан и хорот на Бигорскиот Манастир, кој со својата источно-православна псалмодија, во древниот храм пренесе дел од духот на Светиклиментовото време.

Рамноапостолен отче наш Клименте, кој единаесет века од твоето при Христа преселување, непрестајно Него Го молиш за овој род словенски, прости ни што многупати од твоите душеспасителни патеки се отстрануваме, и испроси ни од Бога сили за верни на твојот свештен завет докрај да останеме!