Литургиско чествување на Свети Георгиј

Покажувајќи храброст во одбрана на верата, маченику, ја собори прелеста на безбожноста, ги порази нападите на врагот и, горејќи секогаш од љубов кон Бога угаси свирепоста безбожна. Затоа, како достојна награда за маките, си примил венец и им даваш исцеленија на оние што ти приоѓаат со вера. Срадалецу Георгие, моли Го Христа Бога, да им дарува прошка на гревовите на оние што со љубов го празнуваат твојот свет спомен.

Седален на Утрената

 

Светлината на овој блескав пролетен ден, ја објави насекаде прославата на непобедливиот воин, победоносниот Георгиј. Уште со првите зраци на зората верните побрзаа да го исполнат рајчичкиот храм, сакајќи и тие да го приложат својот срдечен принос, во сеопштата молитва кон славниот Великомаченик и голем заштитник на православните народи од наездата на искушенијата што ги носи злото во светот. А Св. Георгиј ја пречека нивната молитвена ревност со обилно благоуание од неговите свети мошти и со изобилна благодат која ги осенуваше и исполнуваше со воскресна радост верните срца. Монашкото сестринство, предводено од својот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, и поткрепено со помошта на своите браќа од Бигорскиот манастир, со голема љубов ја прифати задачата да им биде домаќин на големото мнозинство пристигнати верници, а особено на својот многупочитуван архиереј, Митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, кој чиноначалствуваше со светата Божествена Литургија во чест на Св. Георгиј. Тој ја надополни благодатната празнична атмосфера и пасхално расположение со својата пригодна беседа за духовната поука што сите ние ја добиваме од примерот на мачениците:

 

 

Христос воскресе!

Дивен Бог во свјатих своих (Пс. 67, 36)

 

Драги браќа и сестри,

Празнувањето на светите маченици, кај религиозните луѓе, причинува голема сладост на душата. Празнувањето на мачениците е опростување на гревовите, излекување на болните, утеха на ожалостените, сила на слабите, спасение на грешните и веселба на душите. Кога го прославуваме маченикот, Го прославуваме Бога. Преку тоа, луѓето биваат повикувани кон небесните добродетели. Празнувањето на светиите е за наше спасение. Но, тоа е драгоцено и угодно, и на Бога и на светиите, само тогаш, кога достоинствено ги прославуваме, односно, онака како што приличи. Но, ако ги прославуваме со јадење, пиење, со пеење и со веселби, тогаш, тоа не може да им биде угодно на Божјите угодници. Светиите трпеле маки и смрт, за да нè научат како се влегува во царството небесно, и дека, ние, луѓето, се спасуваме и со наш труд. Тие се мачеле и умирале, но, сега, живеат и вечно се веселат. Гладувале и жедувале за Христовото име, а сега, се насладуваат во присуството на Божјото лице. Трпеле маки и страдања, за да не се одречат од Христа, но, сега, се радуваат и се веселат во Неговото царство.

Од житието на св. Георгиј, дознаваме дека Римскиот император Диоклецијан, имал обичај да оди кај идолот Аполон, кого го прашувал и барал да му претскаже настани, пред кои се наоѓал. Така, во една прилика, Диоклецијан побарал мислење од овој идол, а идолот, пак, во кого бил вгнезден ѓаволот, му рекол: Не можам повеќе да претскажувам, бидејќи праведниците на земјата ми пречат и ми ја одземаат силата. Тогаш, императорот прашал: Кои се тие? А ѓаволот, преку идолот одговорил: Тоа се христијаните. Императорот ги повикал сите војсководци и високи чиновници од империјата и наредил сите христијани да бидат истребени, бидејќи тие им пречат на нивните стари богови да прават добрини на земјата. Со тоа започнало страшно гонење и убивање на христијаните.

Во тоа време св. Георгиј бил војсководец во Никодимија, и под негова управа имал илјада војници. Но, во исто време, бил цврст и ревносен христијанин. Не можејќи да ја гледа неправдата којашто им била нанесувана на христијаните, излегол пред императорот и решително му рекол: „О царе, и сите вие кнезови и судии, што правите? Место да управувате со царството, вие ги терате христијаните да се откажуваат од вистинскиот Бог и да се поклонуваат на вашите безумни, ништожни, нечестиви и лажни богови. Ве молам оставете ги христијаните да си ја негуваат верата“. Поради ова храбро истапување, овој млад и енергичен војсководец, најпрво бил убедуван да се откаже од христијанството, а откако тоа не успеало, бил подложен на најразлични измачувања и страдања. Но, св. Георгиј, сето тоа со трпение го поднесол, и на крај, маченички го завршил својот живот, овенчувајќи се со маченички венец во царството небесно.

Светата Црква, овие примери на страдања на Божјите угодници, ни ги изнесува за да нè поучи. Нè поучува дека и ние треба да го живееме нашиот живот со трпение и со добродетели. Од нас не се бара мачеништво. Но, Бог, од нас бара да постапуваме според Неговиот закон. Затоа се вели: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди“ (Јн. 14, 15). Да бидеме вистински христијани. Да имаме трпение и да се чуваме од секаков грев. Да трпиме онака, како што мачениците трпеле страдање за Христовата вера. Нека ни бидат пример христијаните од раната Црква, кои, меѓу себе биле поврзани како браќа, не се клеветеле и не си завидувале еден на друг. Затоа, милоста Божја била врз нив и ги победувале сите искушенија, што животот им ги носел.

И ние денеска, да се обратиме со искрена молитва кон Св. Вмч. Георгиј. Да ни ја зацврсти верата во Воскреснатиот. Да одиме по патот Христов, одбегнувајќи секаков престап и грев. Да правиме добри дела, и така, да измолиме милост Божја и да наследиме вечен и блажен живот во царството Божјо. Амин!

Христос воскресе!