„Денес, Оној Кого непрестајно Го воспеваат и Го слават ангелските чинови, Оној Кој на земјата, како човек, ги преклонува колената пред Бога Отецот и се моли, а на небото Самиот прима молитви и коленопреклоненија од сета твар, видлива и невидлива, Он сега доброволно оди на смрт, за со смртта своја да го победи оној што ја има смртта во власта своја и на умртвените да им дарува бесмртие. Денес Христос влегува во Ерусалим за да пострада, не со мечеви, оружје и копјеносци, туку со крајно смирение; не со оруженосци, не со позлатени штитови, шлемови и мечеви, туку со крајна кроткост, со безгранично незлобие и безмерна скромност. А сепак, се вели: И кога влезе во Ерусалим, целиот град се збуни, прашувајќи: „Кој е Овој?“ А народот одговараше: „Овој е Исус, пророкот од Назарет Галилејски“ (Матеј 21,10-11) Он влегува во храмот и како вистински Бог на храмот, посвет од самото светилиште, ги изгонува од него недостојните, беззакониците и злобните. А таму, во храмот Божји, децата боголепно Му воскликнуваат на Бога на храмот, на Христа Исуса: Осанна, осанна на Синот Давидов!“
Изминатава ноќ и денешното утро, бигорскиот храм, преку милоста и благодатта Божја, беше навистина мисловен Ерусалим кој Го дочекува со радост и благодарност Спасителот на човечките души. Неговото благодатно присуство беше особено видливо за внатрешните очи за време на Божествената Литургија, којашто ја тајноводеше нашиот Старец, Архимандрит Партениј, во сослужение со браќата јеромонаси и јероѓакони. И како и секогаш, Старецот и овој пат вдахновено говореше, во манастирската трпезарија, за величието на денешниот празник:
„Денес, мили мои, нашиот Спасител Христос, праведен и со спасувачка сила, кроток, седнат на ослица и на младо осле, син на подјаремница (Зах. 9,9), влегува во светиот град Ерусалим. Неговите жители Го пречекуваат со славословието: Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев! (Јован 12,13).
Како што ни соопштуваат евангелистите, при Христовото влегување во Ерусалим, улиците биле преполни со народ. Во тоа време наближувал и празникот Пасха, најголемиот за Јудеите, така што се насобрало множество народ од сите краишта на тогашниот свет. И сето тоа мноштво сакало да Го пресретне и да Го види Воскресителот на четиридневниот мртовец. Чудото со воскресението на Лазар од гробот, најголемото чудо од Адама сѐ до тие дни, кое се имало случено претходниот ден, не оставило никого рамнодушен. Веста за ова невидено собитие се пренесла насекаде со голема брзина. На неговата новост и уникатност се должел и тржествениот пречек на Христос, како на Творец на дотогаш невиденото чудо во овој свет. Воодушевен до крајни граници, народот силно извикувал: Осана на Синот Давидов! Благословен е Кој иде во името Господово! Осана на висините! (Матеј 21,9). Со овој триумфален вик, подучени од Светиот Дух, громогласно Го поздравувале Христа и најчистите души, дечињата и доенчињата. Сепак, не сите се радувале за Христовото доаѓање во Ерусалим, а и повеќето од тие што се радувале, ни малку не ја познавале суштината на тоа доаѓање, како ни Божествениот карактер на моќниот Посетител. Најпрвин, помрачените народни старешини и првосвештеници, исполнети од завист поради тоа што нивното вообразено првенство било сосема уништожено од радосните извици од усните на младенчињата, вознегодувале против славата на Оној, Кому единствено таа Му припаѓа: „Слушаш ли што велат тие?“ А Исус им рече: „Да! Зар никогаш не сте читале: »Од устата на младенците и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба«?“ (Матеј 21,16). Меѓутоа, народните првенци не биле единствените кои наскоро востанале против Ослободителот и Воскресителот на човечките души и тела. Истите оние умови, тие исти усни коишто со такво срдечно расположение Го пресретнале на овој ден Христа, за сосема кратко, за неколку дни, целосно се промениле. Наместо славословието кон Бога, тие, во преторијата на Понитиј Пилат, пред кого, обеславен и понижен, стоел Царот небесен, со гнев се развикувале: Земи, земи, распни Го! (Јован 19,15).
Иако Ерусалим бил наречен град на мирот, град со голема историска слава и со духовно величие – зашто Бог благоволил токму во него да Му биде подигнат храм, ракотворно пребивалиште изградено од цар Соломон – сепак тој, во Христово време, не бил ништо повеќе од едно згаснато сонце. Светлината на Божјото откровение не допирала до срцата на луѓето. Повиканите да го водат народот и да го подготвуваат за доаѓањето на Месијата, Кој требало да го спаси целото човештво, не само што не го правеле тоа, туку и во својот душевен и мисловен мрак, на сосема поинаков начин го разбирале и го толкувале Неговото пришествие. Имено, тие сметале дека Спасителот ќе биде световен водач на еврејскиот народ и дека преку Него, тој народ ќе има апсолутна превласт над сите други народи и племиња. Впрочем, во световната политика, тоа властољубие и жед за превласт го гледаме кај речиси сите народи. А тоа е така несомнено затоа што во секого од нас е присутна таа страст и доколку не се бориме против неа, таа би можела да прерасне во нешто многу страшно, чудовишно. Очигледно, повеќето од народните водачи на древниот Израил, не само што не се грижеле да ја намалат и запрат страста на властољубието и на славољубието, туку уште и ја потхранувале. Токму затоа тие не Го препознале Оној Кого Го очекувале, Којшто дојде да го спаси, или со други зборови – да го пресоздаде човекот и светот. Да создаде општество на љубовта и на мирот, свет на проштевањето, свет, чиишто темели нема да бидат човечките страсти, туку вистинскиот, личносен и љубовен однос на човекот со Бога. Таквиот, пак, однос повторно е дар од Бога, предоставен нам, за да достигнеме обожение. Еве денес, повеќето од нас се причестија со светите Божествени дарови, се соединија со Бога преку благодатта на Светиот Дух. Денес благодатта на Светиот Дух нѐ собра… – чувме повеќепати во текот на бдението. Таа е и целта на Христовото влегување во Ерусалим: да нѐ собере сите во духовна заедница со Него. Сака да нѐ возведе не во земниот, туку во небесниот Ерусалим. А ќе може да нѐ воведе таму, доколку го направиме нашето срце град што сака да Го пресретне, да Го прими и да Го чува со најголема љубов во себе. Солзите на покајанието и постојаноста во смирението се основните материјали со коишто се ѕида тој град во срцето. Така, тоа нема да биде превртливо, како Јудеите во она време: примајќи Го денес Спасителот со радост, утре тие лесно се откажуваат од Него; суетно го промениле својот ум и направиле од славословие на Бога, тој хули да произнесува.
Кога Христос Воскресителот се приближувал до Витанија, Марта и Марија, сестрите на Лазар, горко плачеле над гробот од брата си, кој веќе четири дена бил мртов. Плачам сега и јас. Плачам над гробот од сопствената душа. Да плачеме сите за гробовите што сами си ги направивме за време на животот, со нашата нечувствителност, со скаменетоста за Божјата љубов и правда. Понекогаш навистина наликуваме на Јудеите, коишто не го разбирале на правилен начин Божјото откровение, дадено да нѐ воздигне на Небото. Наместо искрено и од срце да се предаваме на Бога и на Неговото провидение, творејќи дела на љубовта и постанувајќи Божји пријатели, ние честопати се грижиме само за надворешните формалности во верата. Пријател Божји, пак, може да биде само оној којшто плаче за своите гревови и се радува за спасението што ни го донесе нашиот Спасител Христос.
Ако за тогашните жители на Ерусалим можеби и да има некакво оправдание, бидејќи живееле во незнаење, држани во духовен мрак од своите предводители, за нас нема апсолутно никаков изговор да не Го примиме и зачуваме Христа во нашите души. Денес ние Го пречекавме Христа торжествено во нашите срца, знаејќи добро дека Он е Царот на животот и Победителот на смртта, воскреснатиот Господ и Бог наш. И ние пеевме со нашите усни: Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев! – не затоа што очекуваме да добиеме нешто земно и минливо, туку затоа што живееме со сознанието за Воскресението, затоа што непоклатно веруваме и знаеме дека Христос е вистинскиот Спасител наш, Којшто нѐ избави од тиранијата на ѓаволот и на смртта.
Пред самото Свое Воскресение, кое го славиме следнава недела, Господ Исус го започнува патот до неговите доброволни Страданија и до Голгота со едно друго воскресение. Воскреснувајќи го Лазара, Он ни причинува чудесна радост, една силна поткрепа во пресрет на претстојните страшни настани. Ни предвестува дека после сите тие страданија, исмевања, плукања, понижувања, после Неговото доброволно распетие на Крстот заради нас, доаѓа венецот на победата – Воскресението Негово. Повеќе нема смрт. Ако сме умреле со Христа, пишува светиот апостол Павле, веруваме дека со Него и ќе живееме, знаејќи оти Христос, откако воскресна од мртвите, нема веќе да умира: смртта нема веќе власт над Него (Рим. 6,8-9). Спасителот сака да нѐ поучи дека и покрај тоа што нашиот живот е полн со искушенија, со страданија, ние никако не смееме да губиме надеж. По секој крст има и воскресение.
Затоа најважно е, мили мои, да Го возљубиме Христа со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој разум и својот ближен како себеси (Матеј 22,37,39). Тогаш ќе можеме да се наречеме вистински Божји пријатели. Колку и да сме паднале во грев, колку и да е заладено нашето срце и во него да станало мрачно и страшно, како во гробот на Лазара, тука е Пријателот на целото човештво, со Неговиот воскреснувачки глас: Лазаре, излези надвор (Јован 11,43). А во неделата на Своето Воскресение, со истиот тој глас Он го повика и нашиот прататко Адам. Го извика од адот првосоздадениот, кој прелажан од лукавата змија, ја престапи Божјата заповед и умре. Адам повторно се соедини со својот Творец и Бог…
Да се запрашаме сега, мили мои, колку во нас има пријателство кон Христа. Кажавме веќе како се станува пријател Божји: со покајание и со смирение, со љубов кон Него и кон сите наши ближни. За таквиот човек нема смрт. Тој ќе биде повикан и ќе биде поставен оддесно на Отца. Со влегувањето во Ерусалим, Господ Христос ни покажа дека имаме можност да станеме пријатели, синови Божји, да застанеме оддесно на Бога и да заедничариме со Него. Ве молам да Го повикаме со молитва нашиот најголем Пријател, и Брат, и Татко, Кој дојде да ја спаси секоја човечка душа:
„Христе мој, извикај ме и мене од моето сопствено мртвило, во кое самиот доброволно западнав поради мојот егоизам, поради многуте мои прегрешенија. Повикај ме како Лазар. Повикај ме во прегратките Твои. Дај ми да ја созерцавам Твојата светлина, да ја чувствувам Твојата љубов, да се соединувам со Тебе и помалку да Те натажувам и да Те распнувам со гревовите мои. Доколку во текот на целиот пост бев немарен, нечувствителен, дај ми барем сега, од оваа вечер, кога ќе се пее прекрасниот тропар: Ете младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е слугата што ќе го најде буден – дај ми, Христе, да се разбудам, да ми стане јасно што направи Ти за мене. И да можам да се радувам со Тебе овде и во вечното Царство, коешто за нас го подготвуваш, милостив Христе мој!“
Ви посакувам на сите добра Страсна Седмица и добра Пасха!“