Бдение со Житието на Преподобна Марија Египетска и
Великиот покаен канон на Свети Андреј Критски
Покајанието е обновување на крштението. Покајанието е очистување на совеста. Покајанието е завет со Бога за исправање на нашиот живот. Покајанието е измирување со Господа преку извршување на добри дела, спротивни на поранешните наши гревови. Покајанието е помисла на самоосудување и грижа за себеси – слободна од надворешните грижи. Покајанието е ќерка на надежта и отфрлување на очајанието.
Преподобен Јован Лествничник
Ноќ на задлабочено вгледување во себеси, во тајните места на сопствената душа, подробно преиспитување на совеста… Покајничка светлина ги осветлува и најтемните делови од внатрешното битие. Душата полека се сообразува со секое слово од „надестествената повест“, Житието на покајаната грешница а сега чиста и света невеста Христова, Марија Египетска. Нејзините поранешни гревови и страсни пориви, осознава внимателниот и смирен слушател, се подобни на оние што ја мачат душата негова. И се труди, затоа, неотстапно да го присвои и нејзиното покајание. А после тоа Божествено писание, во таинствениот полумрак на храмот прозвучува бавно и смирено и она покајнотворно поетско творение на Критскиот архипастир.
„Од каде да почнам да ги оплакувам делата на бедниот живот мој? И што да поставам за почеток на плачот мој сегашен, Христе? Но Ти, како Благоутробен, дај ми прошка на прегрешенијата“ – го започна старецот наш Партениј молитвениот плач на Свети Андреј, правејќи, со своето умилително вдхановение, неговите зборови да станат сопственост и на нашата душа. И така, се редат непрестајно, во текот на ноќта, примери и поуки од Стариот и Новиот Завет, проткаени со неопислив дух на покајание и скрушеност.
„Да не заспиваме, браќа и сестри мои – зборуваше еднаш нашиот Старец – да бидеме будни, да ги слушаме овие зборови, напишани не од човечка ученост, туку од лично искуство и доживување на луѓе, коишто преку Божјата благодат станале големи зерцатели на наискажливи духовни тајни. Тие зборови нè повикуваат да се каеме за нашите гревови, ни помагаат да откриеме дека ние, можеби, ја надминуваме и самата Марија Египетска во нашите гревовни дела и помисли. Затоа, да се каеме, мили мои, да се каеме за сопствените гревови, но и за гревовите на сите луѓе. Не треба многу да се трудиме за да забележиме дека светот и целото човештво се во гревови потонати, помрачени, богооставени. А нам, Господ, по Неговата неискажлива милост, ни ги отворил очите да го гледаме сето тоа, и да ја гледаме и Неговата спасителна Убавина. Нè удостоил да ги слушаме овие Божествени творби, кои со голема благодатна сила го приведуваат човека кон покајание. По молитвите на Неговите прекрасни слуги, Св. Марија Египетска, на Св. Софрониј Ерусалимски, писателот на нејзиното Житие, на Св. Зосим и Св. Андреј Критски, Господ и нам да ни подари такво големо и искрено покајание, што ќе нè удостои да ја видиме славата и светлината на Христовото светло Воскресение“.