Длабоко вдахновени од неодамнешната посета на гробот на Светиот Великомаченик Георгиј во Лида, сестрите на Светата Рајчичка и Пречистанска Обител, како и братството од Свештениот Бигорски манастир, заедно со својот сакан Старец, Архимандрит Партениј, во умиление и духовна радост го пресретнаа споменот на овој славен маченик за Христа и патрон на монашкото сестринство. Тоа благодатно чувство што се разнесуваше во храмот уште за време на вечерната богослужба и ги полнеше душите на бројните присутни верници, утрово на Божествената Литургија, умножено и со уште посилен изблик го посведочи таинственото присуство на Победоносецот. Зашто денес во достојно украсениот манастирски храм, посебно молитвено звучеа прекрасните пофални стихири, што беа симфонично отпеани од монашките хорови, создавајќи еден прекрасен амбиент на сеопшто славење. Како самиот Св. Георгиј, кој во најубавите години од својата младост Му се принесе на Христа, претрпувајќи најстрашни мачења и останувајќи цврст и непоколеблив во својата христијанска вера, да се радуваше сега со своите монашки избранички, што подобно на него го оставија светот и сѐ што е во него, та се предадоа на доброволен подвиг Христа ради, а денес со посебна љубов го чествуваа тој негов маченички крај. А се радуваше и големото мноштво верници за кои денес храмот беше премал, но кои не можеа да не ја споделат со браќата и сестрите на нашите свети Обители големата почит, благодарност и љубов кон оној кој долги години го чува ова свое светилиште и со своето молитвено застапништво придонесе, во последните неколку години, тоа да блесне во сиот свој сјај – како една скапоцена духовна ризница од каде на сите им се предава словото на животот. Божествената Литургија го круниса ова славење со богата духовна гозба, насладувајќи ги верните со светите Христови дарови. Така духовно поткрепени, присутните не пропуштија да вкусат и празничната трпеза што сестрите со голема лубов ја приготвија за нив.
Свети славен Великомачениче Георгие, моли Го Христа Бога за нас!