Струшкото торжество на Христовиот Војвода Георгиј

Блестејќи со победнички блесок, миротворната поворка на Светиот Великомаченик Георгиј и оваа година, од улиците на Струга ги испрати насекаде евангелските и вечновистинити пораки на Христовата сеобединувачка љубов. Најпрвин, ревносните жители на село Враништа со срдечен пречек го поздравија Победоносецот, а потоа илјадници Стружани и гости од секаде ширум нашата Татковина, но и однадвор, се собраа во прекрасниот храм на Св. Георгиј во центарот на Струга, за да бидат дел од традиционалната литија. Сплотени со една мисла – достојно да го прослават великиот Христов Воин и закрилник на православните општества, тие радосно и со молитва чекореа зад цветниот балдахин со неговите чесни и благоухани мошти од Обителта во Рајчица, носени од стружаните Ненад Николовски и Богољуб Дишлиоски, охриѓанецот Љупчо Најдевски и битолчанецот Кире Божиновски и зад познатиот чудотворен образ на Победоносецот. Имено, великодушната Струга, поточно организаторите на струшката литија, а по волја на струшките верници, од оваа година воведе и една нова традиција – двајца од носачите на моштите да бидат од други градови, овој пат од Охрид и Битола. На тој начин стружани ќе им ја искажуваат својата благодарност на сите градови што учествуваат во литијата, за нивната голема поддршка, која ја претвори во една сеопшта духовна и културна манифестација. Новина годинава е и тоа што, покрај иконата на Свети Георгиј, литијата ја красеше уште еден чудотворен образ – иконата на Сепречистата Владичица наша Богородица Крнинска од нејзината Пречистанска Обител крај Кичево, носена од четворица кичевчани. Како и секогаш, ова сенародно собитие со своето архипастирско присуство го благослови нашиот надлежен Митрополит г. Тимотеј, кој беше придружуван од Митрополитот Европски, г. Пимен и Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, како и од бројното духовенство од богочуваната Дебарско-кичевска епархија. Секако, и нашето монашко братство и сестринства, предводени од Старецот, архимандрит Партениј, беа дел од организацијата и учеството во денешното преубаво торжество. Среде многуилјадниот народ кој достоинствено чекореше во молитвената поворка, беше и градоначалникот на Охрид, г. Јован Стојаноски, со својата сопруга Надица. А повторно верни чувари на големата светиња – моштите на Светиот, беа младите капидани од бигорската сејменска гарда, облечени во традиционални мијачки носии. Во сето тоа средоточие на духовна убавина, молитва и веселие, посебен украс беа струшките дечиња облечени во народни носии, коишто со дождови од цветни латици, триумфално ги пречекуваа светињите на Свети Георгиј и Пресвета Богородица.

Величествената литија заврши онаму од каде што и почна – во дворот на црквата на Свети Георгиј, а многуилјадните поклоници и гости има можност да уживаат во прекрасниот настап на реномираниот Ансамбл „Македонија“, кој изведе неколку прекрасни православни песни и стари македонски ора.

Нека овој наш заеднички скромен молитвен принос кон Свети Великомаченик Георгиј биде за благослов на целата наша Татковина и сиот род православен!