Велик Понеделник

Господ, одејќи на доброволно страдање, на апостолите по патот им велеше: Ете, се искачуваме кон Ерусалим, и Синот човечки ќе се предаде, како што е напишано. Дојдете со очистени мисли, и ние да одиме со Него, и со Него да се распнеме, и заради Него да се умртвиме за животните наслади, та со Него и да оживееме, и да Го слушнеме како вика: Повеќе не одам во земниот Ерусалим да страдам, туку одам при Мојот Отец и вашиот Отец, при Мојот Бог и вашиот Бог, и ќе ве издигнам и вас со Себе во горниот Ерусалим, во Царството Небесно

 

Ете, полека дојдовме до Великата и Страсна Седмица. Црквата пред нас живо ги слика оние страшни настани, кои се случија за време на последните денови од Христовиот живот на земјата. Си спомнуваме за тие ужасни мигови во кои човечката злоба го достигна својот најсилен израз, кога гневот ги исполни срцата на оние за чиешто спасение Христос беше дошол на земјата, за стравот што ги опфати Неговите ученици, за верноста со која се прославија мудрите девојки, за мечот што ја прободе Девствената мајкина утроба, за оние кои останаа со Него до крај, сѐ додека Он не згасна на Крстот… Си спомнуваме и за деновите што изминаа, за плодовите од подвизите со кои можевме да ја исполниме нашата осиромашена душа и така просветлени да влеземе во украсената одаја на Младоженецот Христос, Чијшто надумно прекрасен лик сега го гледаме пред нас. Вдлабочувајќи се во Неговата несфатлива добрина и снисходливост, сфаќаме дека, иако сега ја живееме болката од немоќта наша поради нашето скаменето срце, поради тоа што наликуваме на онаа неплодна смоква, чиишто раззеленети листови не го дадоа својот плод, сепак, Неговата милост ја надминува големата бездна на нашите слабости и беззаконија. Токму во Тој лик, во Кого не гледаат ни херувимите, ни серафимите, ние, луѓето, пронајдовме чудесна милост и утеха, заради што и се осмелуваме од длабочината на нашата душа да повикаме: Ти, Кој со Своето страдање, го осудуваш нашето осудување… дај им прошка на гревовите, на оние што со вера се поклонуваат на Твоите пречисти страдања.

И како сега да не го слушнеме овој повик на Црквата?! Како да не нѐ охрабри нејзиниот глас, кој и сега, во овие последни мигови му се обраќа на секое човечко срце?! Како да не ја симнеме од нашата душа изветвената и извалкана од грев облека?! Ете пред нас светли и нѐ охрабрува примерот за прекрасниот Јосиф, кој ослободен од оковите на гревот, мудро се спротивстави на ласкањето на змијата, чијашто намера беше да го оскверни. Како да не се обидеме мислено да ги преживееме овие спасоносни собитија извршени заради нашето ослободување од прангите на смртта?! Оти, Бог заради тоа и дојде: да ја уништи силата на злото; Он се допре до немоќта на нашата природа и ја исцели, извршувајќи чудесни дела со Својата Божествена сила.

Овој силен и спасоносен повик одекна и во срцата на многуте верни кои се собраа во Бигорското светилиште, во храмот на Претечата, каде заедно со монашкото братство и сестринствата, ги излеаја своите искрени молитви кон Оној што отиде да претрпи Распетие заради нас. Со силна надеж, дека Господ ги слуша молбите на оние што искрено бараат, созерцателно и со скрушени срца, тие го започнаа својот заеднички пат со апостолите, тргнувајќи кон Елеонската гора, за таму, во таинствен спокој да бдеат со Господа. Длабоко трогнати од Неговото човекољубие, кое сѐ трпи, извикуваа: „Господи, одврати го Лицето Свое од немоќта наша и дај ни со Тебе да се сораспнеме и славното Твое Воскресение да го видиме“.