Светиот и Велик Вторник

Младоженецу, по доброта покрасен од сите луѓе, Кој си нѐ повикал на духовна трпеза во Твојата брачна одаја, ослободи ме од грубата облека на моите гревови, со учество во Твоите страдања, и откако ќе ме украсиш со облеката на Твојата убавина, покажи ме како светол гостин на трпезата од Твоето царство, како милостив.

 

                                                                                                                                (Стиховна стихира на празникот)

Со скрушено срце и мисла ги живееме последните земни денови на Спасителот. Еве не сега на патот за Ерусалим, мислено и молитвено Го следиме Христа, благогогвејно слушајќи Го, додека беседи со учениците. А поуката Негова продира длабоко во душата, неусетно подготвувајќи ја за страшното предавство што следи и Голготата што со Него заедно ќе ја минеме. Колку мудро и со колку едноставни и јасни зборови Господ ни ја предава чудесната паралела за мудрите и неразумните девојки. Приказна навидум обична, но каква длабочина крие. Зашто преку неа Он вешто ни ја претставил Својата невеста – Црквата, која од една страна сѐ уште е во светот, делејќи ги неговите слабости и несреќи, а од друга, пак, со своето вистинско битие е надвор од светот и ревнува бодро насекаде да го објави и благовести доаѓањето на Царството и идниот век. Таа, како верна свршеница, налик на девојките во параболата, длабоко во ноќта будно го очекува својот Младоженец, во едно непрестајно молитвено бдение, кое полека се движи кон зората на новиот ден. Но силните врски на страстите и гревот сѐ уште ја мачат и држат во ропството на овој свет. Ја обзема силен сон на душевна безгрижност и немар. И навистина, зарем грижите и суетите на ова наше време не нѐ занеле и заспале во гревот? Зарем не треба да се разбудиме пред опасноста од духовната пропаст што се надвиснала над нашите глави? Гласот Христов нѐ повикува покажувајќи ни го примерот на мудрите девојки, и опоменувајќи нѐ со неразумните: „Елате, сѐ уште не е доцна, вратите се отворени, купете си елеј со добродетелен и милосрден живот, оти настапува ноќта и нема што да ви го осветли патот до Мојата брачна одаја, ако светилките ваши згаснат. Светилките на верата сами по себе не се доволни ако не се наполнети со елејот на добри дела“.

Плени амбиентот во Бигорското светилиште, веќе полека навлезено во времето на Страдањата Господови. Вчера си спомнавме за воздржанието Јосифово, денес, пак, милосрдието ни се предлага како спасителен принос на нашите души за небесниот Жених. Храмот наликува на живо Свето Писмо од кое собраното монашко семејство со бројните присутни верни низ секоја умилно отпеана стихира ја чита и доживува оваа Христова парабола и секој се пронаоѓа себеси во едната или другата група девојки. Тогаш сфаќаме дека нашата љубов кон Христа е мерилото за сѐ, но доколку не ја разгоруваме постојано со елејот на слушање на словото Божјо, упорна молитва, верност кон заповедите и примање на светите Тајни, таа светилка гасне и под изговорот дека „има време“ стануваме рамнодушни за најдрагоценото богатство на нашиот живот. Соочени со сиромаштијата на својата духовна облека, додека пред нашите очи трепери прекрасниот лик на Женихот, носен на рацете од јеромонасите, во душите раѓаме нова ревност, барем во овие последни денови на единаесеттиот час, со будно покајание и солзи да ја измиеме душата, да се облечеме во светлата облека на духовната радост, да ги наполниме  светилките со добри дела, трпеливо одгонувајќи го од себе гревовниот сон и плотската раслабеност и очекувајќи го гласот кој ќе рече: „Ете Младоженецот доаѓа, појдете да го пресретнете!“