Света и Велика Среда

Кога грешницата миро принесуваше, тогаш ученикот со беззакониците се договараше. Едната се радуваше трошејќи го мирото скапоцено, а другиот брзаше да Го продаде Оној што нема цена. Првата Господа Го запознаваше, а вториот од Господа се разделуваше. Таа се ослободуваше, а Јуда роб на ѓаволот стануваше. Подмолноста е лоша, покајанието е големо. Него дарувај ни го, Спасителе, Кој пострада за нас, и спаси нѐ.

 

(Стихира на Хвалитните стихири, Велика Среда)

 

По милоста и благодатта Божја, пристигнавме на последниот предел од Великата Четириесетница. Настаните што следат се завиени во длабоко таинство, а богослужбите, пак, прават обид да допрат и да ја трогнат секоја човечка душа. Црквата низ целата Света Четириесетница, на најразлични начини нѐ подготвуваше достојно да влеземе во духовниот Ханан: наместо со манна, нѐ хранеше со молитви и песнопенија, наместо со водата од чудесниот кладенец, нѐ напојуваше со Крвта и Телото Христови, наместо со жезолот Аронов, нѐ поткрепуваше со дрвото на Крстот, наместо со законот Мојсеев, нѐ смируваше со божествените поуки… И после толку многу труд околу нашето спасение, настапи благопријатното време да се соберат плодовите од ова четириесетдневно патување низ Великиот Пост. На самиот праг сме од ветената Хананска земја: дојде мигот кога треба непосрамени да излеземе од ова патешествие низ пустината и да го преминеме духовниот Јордан, без да бидеме потопени од бурните води на гревот. Пред нас е денот кога заедно со апостолите ќе треба да влеземе во Сионската горница, во таа свештена одаја каде големи таинства пред нас ќе се случуваат: тука е поставена бесмртната трпеза на која Господ со нас ќе го склучи последниот Завет пред Неговите Страдања, кога Он, Најсмирениот, сакајќи да ја измие извалканата од нечистите помисли човечка природа, ќе се наведне за да ни ги измие нозете. Еве сега пред самиот крај нѐ повикува да бидеме со Него, да појдеме кон Гетсиманија и Голгота. Ах, колку е голема милоста Божја кон нас, неговите деца, колку несфатливо е Неговото човекољубие. На колку ли само свиткани од бремето на гревот души, Неговата љубов и милосрдие им е воскресение, каква благодарност кон Него за извршените исцеленија, колку многу солзи на покајанието, кои блескаат како најсилна светлина среде темнината на зависта, лакомството и предавството.

Навистина, не случајно Црквата, тежината на овој ден, во кој злобата, мракот и страданијата го достигнуваат својот најсилен израз, ја израмнила со денот на смртта на Господа Исуса Христа. Сѐ што се случило во тој историски миг, ни покажува дека и денес треба да бидеме особено будни и со сите сили да се бориме против опасните духовни болести кои можат засекогаш да ја уништат нашата душа. Ете, Црквата денес нѐ потсетува на тоа дека човечката природа е многу слаба, но со помош на Божјата благодат, таа може да стане силна и да наследи вистински и вечни богатства. Преку богослужбите таа ни ја слика огромната благодарност што ја изрази жената грешница, наспроти среброљубивиот Јуда кој ги подаде своите раце кон првосвештениците и за цена од триесет сребреници Го предаде Христос, Неговиот Учител. Жената грешница, откако го отвори своето срце за Господа, излеа скапоцено миро врз Него, а Јуда, пак, ја заклучи вратата од срцето свое и се лиши од Најскапоцениот. А што сѐ не направи Милостивиот Учител за да го спаси Својот ученик од нечестието: миењето на нозете, давањето на Телото и Крвта Негови… сето тоа требаше да го трогне Јуда и да го смири неговиот дух, но не! Страста на среброљубието, а потоа и силното очајание како резултат на сознанието дека предаде невина крв, ја уништи и последната искра во него.

                Токму затоа, Црквата денес нѐ повикува да ги слушнеме последните зборови на Спасителот, да го следиме примерот на жената грешница и наместо миро, да ја излееме сета своја љубов пред Него – љубов, која како благоухано миро ќе се разлее и ќе замириса по целиот свет. Но, пред да тргнеме на Голгота со Својот возљубен Спасител, уште еднаш смирено да ги наведнеме главите пред Бога, и еден од друг да си побараме прошка, зашто смирението ја утврдува љубовта меѓу нас и ја привлекува благодатта. Овој повик на Црквата го слушнаа мноштво верни души, кои пристигнаа во Бигорската Обител за тука, заедничарејќи со монасите, со својот Старец, Архимандрит Партениј и со сите Светии, да ги споделат своите најдлабоки молби: „О бедо Јудина! Од неа избави ги, Боже, душите наши“.