Светиот и Велик Четврток

Вистинската Мудрост Божја, тајно водејќи ги пријателите Свои, им подготвува душехранлива трпеза и за верните ја полни чашата на бесмртноста. Да пристапиме набожно и да повикаме: Христос, нашиот Бог славно се прослави.

 

(Тропар од канонот на Велики Четврток)

 

И кога јадеа, Исус зеде леб го благослови и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело“. И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот Завет, која се пролива за мнозина, за опростување на гревовивте“ (Мат. 26, 26-28)

„Дојдете чеда“, повикува денес светата Црква, „сите заедно да се нурнеме во таинствените длабочини на овој Велики Четврток. Тука ќе ја најдеме чудесната повест за најголемата љубов но и најголемата човечка неблагодарност и предавство. Ќе пристапиме тивко кон собраните Христови ученици, кои во свечен молк седат на трпезата околу својот Учител, примајќи од Неговите раце, не плот соединета со смрт, туку самото Негово Тело и Крв оживотоворени со благодатта на Духот. Ќе стоиме со восхит пред неискажливата љубов и смирение на кроткиот наш Спасител, Кој не се двоумеше и на Својот предавник да му ги измие нозете, а еве сега не го лишува ни од светите Дарови, што тој толку бесрамно ги прима додека во својот ум кова страшна завера и смислува зло. Најпосле и самите ќе се приопштиме кон соборот апостолски, и ќе ја примиме бесмртната храна, зашто Он, Премилостивиот, толку многу нè возљуби што ни го отвори патот кон дрвото на Крстот, кон вистинскиот плод на животот. Но да не пристапуваме немарно кон овие страшни Тајни и да не забораваме никогаш на честа што ни се дава, оти во ликот на апостолите Господ нè нарече, не слуги, ами Свои пријатели. Слугата можеби и може да го скрие својот поглед во понизниот поклон, но каде да се сокриеме ние, од продорниот поглед на нашиот најдобар Пријател, поглед кој ги гледа тајните на нашите срца, пријателски благо разобличува, но и милостиво проштева.

Затоа да се испитаме добро: да не се крие во срцето наше некој Јуда, кој со устата Го прима Господа, а со помислите на срцето свое Го предава и на смрт осудува. Да се погрижиме секоја скверност да ја очистиме, пред кроткото Јагне Кое за ради нас оди на Распетие, смирено да заплачеме, од Неговото Свето Тело и Крв обновување да примиме и причестувајќи се, со Него едно да станеме“.

Одговарајќи на овој исконски повик на Црквата, големо мнозинство верни го преполнија Бигорското светилиште, подготвени заедно со своето монашко семејство најнепосредно и длабоко да ја доживееат големата Тајна што Бог ја востановил овој ден за наше спасение. Пристигнаа за со силна вера и скрушено срце да го споделат со својот штедар Дародавец Христос, лебот на страдањата и виното на радоста, пиејќи од чашата на вечноста. Бигорскиот храм не е горното место на Сион, но трпезата поставена е истата онаа што некогаш ги нахрани и утврди апостолите. Па така, обединети во пожртвуваната љубов кон Него, обединети во молитвите што заедно со потресното пеење на псалтите високо се издигнуваа кон небото, обединети и во сострадалната болка заради Крстната смрт Негова, присутните сега се соединија и со причестувањето со светите Христови Дарови, станувајќи членови на Неговото тело и еден на друг, како пченичните зрна во лебот. Оти Христос е оној Леб, Кој во пустината на овој свет нè храни сите со Своето слово, Тело и Крв, додека талкаме во прогонство, барајќи ја својата небесна Татковина. Откако со причеста благодатно ги закрепна нашите срца, на елеосвештението што следеше, Он со осветениот елеј, како со Својата милостива рака, ги помаза и нашите глави, дарувајќи ни душевно и телесно здравје.