(Видео) Сеноќна Акатистна пофалба на Мајката Божја

Беше незабележлива, незначајна, а стана поширока од Небесата. Беше едно бескрајно трпение во жалостите, а постана радост на сите. Се чувствуваше и се нарекуваше себеси ‘слугинка’, а стана Царица на Небото и на Земјата. Ѝ ги оставаме нашите болки, таги, борби, а Таа се покажа за нас – извор на милост. Ги преобразува нашите горчини, бидејќи е сладост неискажлива. Го виде нашиот мрак и се јави како ѕвезда сесветла. Доживеа несфатлива самотија и стана Застапница за сите. Виде насилство и постана мир. Пречиста и неосквернета од ништо во овој свет, ги надмина природните граници и постана рај. Самото нејзино споменување причинува радост и успокојува. Ги утешува Таа оние што ја љубат, им вдахновува добри помисли, благонадежен поглед, слатка утеха. Присутна е среде верните преку многубројните икони нејзини, од кои зрачи нејзиниот свештен, сечесен, божествен лик. Стана прегратка и Мајка наша… Богородица“.



– Старец и Епископ Партениј Бигорски

Кога човек длабоко размислува за Пресветата Богородица и Владичица наша Приснодева Марија и созерцава за Божественото величие на нејзината личност, доаѓа до едно свештено молчание, почит, смиреномудрие и молчание. Впрочем, тоа се карактеристиките на нејзиниот земски живот. Во раскажувањата на светите Евангелија нема многу зборови и описи што се однесуваат на Пресветата, но ниту во Делата Апостолски наоѓаме некакви осврти за нејзиниот живот; не наоѓаме многу нејзини запишани зборови, освен нејзиното величание кон Господа што го изрекла пред Светата праведна Елисавета и советот кон учениците на нејзиниот Син: Сè што ќе ви рече, направете! (Јован 2,5) – зборови боговдахновени, целесообразни, што водат кон спасение и обожение. „Јас постојано Него Го слушам, слушајте Го и вие во сè“. Додека Самата не се изразувала Себеси толку со зборови, колку со послушание и молчание, евангелското зачало што го читаме на нејзините празници, за Неа вели: Навистина, блажени се оние што го слушаат словото Божјо и го пазат (Лука 11,28). Богородица е врховен пример за личност на божественото слушање и на таинственото молчание. Личност што во полнота ја живее тајната на Бога. И на блаженото слушање, зашто, како што вели Евангелието, А Марија ги зачува сите тие зборови, сложувајќи ги во срцето свое (Лука 2,19).

Пречистата Богомајка била, значи, личност на молчанието, на смирението и на љубовта. Но, колку што била молчалива во нејзиниот земски живот, толку богата е во нејзиното застапничко слово пред престолот Божји. Затоа што е најголема слушателка. Ги слушала сите зборови Божји, ги пазела сите заповеди Негови, а сега ги слуша сите молитви наши. Не постои друга личност, после нејзиниот Син, Богочовекот Христос, кон која се упатуваат толку молитви, се искажуваат толку прозби, на која ѝ се оддава најголемо славословие. А Таа ги слуша нашите молитви и одговара. Таа е Скоропослушница.

Ги слушна на синоќешното целовечерно бдение и од нас, грешните и недостојни, благодарствените песни и славословија, нашите солзи и молитви, воздишките од срцата и трепетите на душите. Ги слушна и нè исполни со благодатни сили и поткрепа. Особено, пак, мајчински ги помилува нашите души, кога нашиот старец и игумен, владиката Партениј, со умилителен глас и духовен плач, ѝ ги упатуваше Акатистните поздрави во текот на ноќта. Вистински зраци-предвесници на светлината од Воскресението, радосни изблици за Мајчинската љубов. Благодат што наѕира во Осмиот, Невечерен ден од Царството на вечната радост, запечатена со Светата Литургија, отслужена со вдахновено тајноводство од Епископот Партениј.

Сето тоа молитвено течение имаа можност во живо да го следат и многубројни наши сомолитвеници, преку директниот пренос на нашите Facebook и YouTube канали, овозможен од беспрекорниот состав на нашите пријатели од „2S Studio“.

Те молиме, Пречиста, Мајка на Вишниот, единствена утеха на душите наши, надеж и сладост, Божествен покрове, заштитница и спасение! Удостој нè да се поклониме на Страданијата и Воскресението на твојот Син! Ти си, Владичице наша, почеток на нашето спасение. Затоа, благоволи да имаме среќен крај и ние, грешните, и учесници направи нè на нераспадливата слава на твојот возљубен Син. Со твоето посредништво, удостој нè да Го славиме единиот, единосуштен и триипостасен Бог, беспочетниот Отец, собеспочетниот Син и семоќниот Дух, Кому Му припаѓа поклонение, слава, чест и пофалба во веки. Амин.