Свет и Велик Понеделник

Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е слугата што ќе го најде буден, а недостоен ќе биде оној што ќе го најде да дреме. Затоа пази, душо моја, сонот да не те притисне и на смрт да не бидеш предадена, и вратите на Царството да не се затворат пред тебе, но разбуди се, викајќи: Свет, Свет, Свет си, Боже, по молитвите на Богородица, помилуј нѐ“.

Тропар на Велик Понеделник

Ете Младоженецот доаѓа на полноќ – доаѓа блескаво облечен во Своето крајно смирение, брза доброволно и со радост во пресрет на Своето затворање, страдање и мачеништво, како на свадбена прослава. Доаѓа, како оној кој е лудо вљубен, влегува во темнината на нашиот грев и отпадништво за да се предаде на Своето создание. Се нарекува Себеси Младоженец на нашите души и вели дека нема поголема љубов од онаа својот живот да го положиш за ближниот. И сите оние претходни недели и настани на сцената на светата Четириесетница, сите симболики и значенија на благодатните богослужби полни со прекрасни химни и покајни четива, чиниш беа една моќна подготовка токму за ова благословено патување низ Страсната Седмица, кое нè повикува да Го следиме Христа Младоженецот во Неговите чесни страдања и Неговото светлоносно Воскресение. Времето сега е стеснето и собрано во овие најпотресни моменти што следат и кои засекогаш го преобразија човечкото битисување на Земјата. Со секој нов ден, чекор по чекор, ќе пристапуваме кон Оној Кој уште пред да Го спознаеме нè возљуби многу и сега Самиот нè повикува во убавината на својата брачна одаја. Ајде да го изодиме до крај заедно со Него патот кој води на Голгота, и со целото срце, со целата душа и со целиот свој живот да се сораспнеме на крстот на нашите страсти, за да воскреснеме со Него во вечната и неминлива радост на невечерниот ден.

Подготвувајќи ја нашата душа како Своја невеста, Христос мудро, со гласот на Црквата, ни ги предлага евангелските примери за неплодната смоква и Благообразниот Јосиф. Смоквата како опомена за тоа каков е уделот на оној кај кој Господ не наоѓа духовен плод. Имено, како што тогаш, на патот за Ерусалим, Господ огладне и се приближи до смоквата, не би ли нашол плод, така Он ни пристапува и нам, гладен макар за скромниот плод на нашата добра определба и непоколеблива желба за правење добри дела. Земајќи ги нив за Своја храна и питие Он го внесува во нас непроменливиот и вистински плод на Духот, кој носи вечен живот. Господ гледа во секоја душа, барајќи некаков плод за Он да влезе и да се одмори во неа, зашто Он умре за сите, целото потомство адамово е откупено со Неговата смрт. Но, секоја душа мора доброволно да умре за себе и да почне да живее во Него, така што Он влегувајќи и наоѓајќи утеха во добродетелите и правилната насоченост на нашата волја, кои му се омилена храна, питие и облека, си прави живеалиште во нас. А како поттик во трудењето во добродетелите треба постојано ни биде  пред очи светиот и чист живот на старозаветниот Јосиф. Неговото смирение и непротивење на злото, најпрвин го продале во ропство, но потоа го издигнале во хранител на народот. Со тоа тој останува во сведоштвото на Црквата како праобраз на Спасителот.

Со овие созерцанија и параболи започна патешествието на нашите свети обители во длабоката ноќ на Христовото предавство и голготски страданија, кое низ сострадална болка и солзи води до триумфот на пасхалната радост. Таму во примракот на храмот, осветлен само од топлиот сјај на кандилата и запалените свеќи, величествено се надзира достоинствениот лик на Младоженецот, во пурпурна царска наметка и трнов венец кој како круна ја украсува Неговата глава. Монашката душа се свива од тага пред смиреното достоинство и убавина на својот Жених, Кој доброволно трпи заради нас. Прости ни ги Христе нашите секојдневни неправди и предавства. Прости ни ја непостојаноста со која одново и одново те крунисуваме со трње. Прими го сега во овој единаесети час нашето мало покајание и ослободи нè од оковите на гревот со кои сами сме ги врзале своите души. Води нè со Тебе, низ овие богослужбени денови, од мракот на распетието до блесокот на потполната и вечна слобода.  

Амин!